Тајната за "малата војна" и супертајните на груевизмот

10.02.2012 13:10
Тајната за "малата војна" и супертајните на груевизмот

„Америка и Европа не сакаат да ни помагаат! За нив, дури, како и да не постоиме! Тие не ѝ мислат добро на Македонија! Па, зарем, ако се веќе такви, не би било попаметно да им направиме една војна во овој дел на Балканот!?“

Вака, отприлика, гласно размислувале некои од повидните членови на првата, експертска Влада на независна Македонија. Ова ми го кажа човек кој е мошне кредибилен и сериозен. Останав без текст. Дистанцата од две децении не помогна.

Изворот на оваа информација, покриена со пепелта од времето, а складирана во депото на сите можни глупости и конфузии што се јавуваат во една млада држава, не ми откри против кого би војувале нашите челници кон крајот на 1991 или во почетокот на 1992 година. Против Србија на Милошевиќ? Против Грција на Мицотакис? Против Албанците во Македонија? А, зарем тоа е важно?! Не прашав ниту дали некој од заговорниците на воената опција се осмелил да му ја предочи тогаш на Киро Глигоров.

Во деведесетитте се јавија уште барем две идеи кои можат да се наречат како тајни проекти или како идеи кои претендирале да ја променат историјата на Македонија. Првата таква тајна идеја, која беше брзо обелоденета поради драматичноста на настаните и поради потребата брзо да се реагира (односно, да се запре), беше идејата во Македонија да се отвори т.н. јужен фронт. Тоа беше во времето кога започна инвазијата врз Хрватска. Втората тајна идеја, која се влечеше низ деведесетитте, беше онаа за размена на луѓе и на територии. Taa доживеа промоција како платформа на ВМРО-ДПМНЕ наредната деценија, на почетокот на третиот милениум.

Сите овие тајни симболизираа дека и македонската политика имала потреба да креира стратегии, кои, сега, ни изгледаат налудничави. Но, во тие времиња, кога многу опции беа во игра и кога не беше затворена југословенската криза со Pax americana, производството на стратегии, а особено цртањето нови карти на Балканот и правењето планови за нови државни формати, доживеаја невиден процут. Македонија, нормално, не можеше да биде исклучок од таа страст за нови, национални платформи.

Но, кога Македонија влезе во западната орбита, што беше заверено и со Рамковниот договор, се чинеше дека заврши периодот на создавање платформи набиени со „големо историско значење“ или на некои екслузивни национални програми. На тој начин, се претпоставуваше дека македонската политика нема потреба од тајни кои, прво, ќе се кријат од сопствените граѓани (бидејќи не созреале условите за нивно обелоденување) и, второ, ќе се кријат и од западните пријатели, кои, наверојатно, би ги оцениле како опасни и како несериозни.

Кои се тајните на актуелната политичка гарнитура во Македонија? Дали се работи за тајни проекти или, пак, во прашање е само параноја кај оние кои се критички настроени кон оваа власт? Врз основа на кои критериуми и кои докази можат да се изнесуваат вакви претпоставки кои претендираат на вистинитост?

Според мое мислење, во моментов, постојат два типа на тајни проекти – едните се насочени спрема внатре и ги тангираат односите во т.н. македонскиот кампус или се однесуваат на устројството на внатрешниот поредок, додека вториот тип на тајна е поврзан со нашите надворешнополитички релации, кои, нормално, се рефлектираат и на домашен план.

Типичен пример за таен проект е антиквизацијата. Но, зарем антиквизацијата е тајна? Како може да се нарекува тајна овој „епохален проект“ со чија помош веќе се гради новата идентитетска политика, проект кој ги надкрилува и кој им вдахнува живот на стотина други помали проекти?

Точно, антиквизацијата е денес нашата сурова реалност и идеолошката платформа врз која ќе се воспитуваат идните генерации. Но, кога Груевски дојде на власт во 2006 година, од антиквизацијата немаше ниту „А“. Тогаш антиквизацијата не беше ниту спомената во програмата на ВМРО-ДПМНЕ, за неа не се проговори на партиските средби или меѓу партиските органи, а не се популаризираше ниту во предизборната кампања.

Ова само покажува каква е политичката технологија на ВМРО-ДПМНЕ во однос на реализацијата на плановите кои се родиле во главата на лидерот или, пак, се донесени во тесен круг. Сите пеколни планови на власта – од партизацијата на администрацијата, на судството, па преку урбаното насилство какво што е „Скопје 2014“, до контролата врз медиумите, итн., беа изведени и сè уште се изведуваат во сивата зона на политиката, односно, на начин што партиското го потиснува или го елиминира јавното и институционалното. Во таа сива зона, власта настапуваше како булдожер кој руши сè пред себе, а во јавната сфера креираше илјадници, навидум, атомизирани субјекти, кои ја поддржуваа и ја пропагираа идејата за враќање на националните вредности кај Македонецот, односно, за реализација на преродбата. Кога секој проект ќе ги покажеше своите монструозни димензии, беше предоцна за каква било измена. Работата веќе беше завршена. Така, тајното стануваше јавно во Македонија.

Сепак, главната тајна или супертајната на груевизмот е поврзана со т.н. проект за самоизолација на Македонија. Околу ова прашање се кршат копјата веќе пет години и темата за самоизолацијата може да послужи како еклатантен пример за судир на вредносни судови од кои зависи иднината на оваа држава – опозицијата и критичката јавност обвинуваат дека власта прави сè што може за Македонија да не влезе ниту во НАТО и во ЕУ, а од друга страна, владејачкото мнозинство го тврди спротивното. Третиот фактор, меѓународната заедница, засега, одбива да се вклучи во оваа внатрешна дебата. Европа и Америка само порачуваат дека нивна задача е европските држави да се интегрираат, наместо да се изолираат. Тие се гаранцијата дека политиката на самоизолација нема шанси во Европа.

Така, засега, без отворено вклучување на медијаторите, тајната за самоизолацијата е во сферата на трансценденталното. Кантовски кажано, тоа е само претпоставка која нема емпириска верификација. Или, на ниво на аналитика – нема докази. Но, за политичкиот ум, кој живее денес и овде, ова е мала утеха.

Во изминатите години се случија многу катастрофални работи, сегашниот статус „ни таму-ни ваму“ трае предолго, намерите за идните потези се конфузни и се неиздржани. Оттука, тајната за самоизолацијата на Македонија, за жал, не е само параноја на противниците на Груевски. Фактот што Македонија во овие пет години назадува на сите полиња, што е веќе инсталиран антисистемот, е доволно за да се констатира дека власта своите планови (и тајни и јавни) – ги реализира бескомпромисно.

Меѓутоа, прашањето за тајните планови и сценарија не ги оптоварува само луѓето кои се опозициски настроени. Таква параноја постои и кај власта, односно, кај оние кои се претставуваат како нејзини најискрени поддржувачи и промислувачи. Мајсторите за тајни проекти стравуваат од тајните на другите мајстори. Како откривач на тајни и опасни сценарија за Македонија, по обичај, се јави Мирка Велиновска, со која, најискрено, најмалку имам желба да полемизирам или да ја анализирам.

Велиновска неодамна напиша дека во изминатите пет години дури и десните партии во Европа работеле на тоа да го урнат Никола Груевски, дека по секоја цена сакале „да го компромитираат и изолираат“. Но, откако не успеале во тоа, решиле да „заиграат на верската конфронтација“. Оттука следува и поентата: „со разигрувањето на Струга, му ставија до знаење (на Груевски, м.з.) дека мора да свитка глава до самитот на НАТО, инаку ќе го обвинат дека со својата политика предизвикува верски судири и така ја дестабилизира државата“. Значи, западњаците се прочитани и овојпат нема да им помине планот за создавање на уште еден фингиран конфликт во Македонија.

Дали Велиновска настапила како слободен стрелец или, пак, верно ги пренела стравувањата кај владејачката врхушка, исто така, барем одредено време, ќе биде тајна.

Оттука, по ваквите размислувања, иницирани од вмровскиот кампус, доаѓаме и до најголемата тајна на Груевски – каков му е планот доколку навистина биде изложен на голем притисок од Запад?

Дали е попаметно да се биде херој или да се биде реален и прагматичен? Ја знае ли некој оваа тајна? Тешко е да се даде одговор на оваа дилема. Сепак, едно е сигурно – како и да постапи, Груевски ќе биде лузер.

Затоа, кога се елаборираат тајните планови и црните сценарија, и тоа од аголот што им е близок на груевистите, лузерството на оваа власт е дел од приказната. И тоа е поинтересниот дел од сторијата.

Извор: globusmagazin.com.mk

Илустрации: Вилхелм Штале

фондација сорос затворено

фондација сорос затворено општество

нема план овој. а добро е

нема план овој. а добро е македонците на некој да му идат дома, доста ве лажеа сите и уште ви се тука, ви се шеткаат сите што досега ве лажеа, ни Бучко не го поапсивте, брука