За некои особини на таканаречената поезија (2)

27.02.2012 16:00
За некои особини на таканаречената поезија (2)

Мојата поезија

ништо не толкува
ништо не објаснува
од ништо не се одрекува
со себе не ја покрива целината
не исполнува надежи

не создава нови правила на игра
не учествува во забавата
има одредено место
кое мора да го исполни

ако не е езотеричен говор
ако не зборува оригинално
ако не предизвикува восхит
сигурно така треба

послушна е на сопствената нужност
на сопствените можности
и ограничувања
губи самата од себе

не доаѓа на место на друга
и не може да биде заменета со друга
отворена за секого
лишена од тајна

има многу задачи
на кои никогаш нема да им одолее


Трн

не верувам
не верувам од будење
до легнување

не верувам од брегот до брегот
на мојот живот
не верувам толку отворено
длабоко
како што веруваше мајка ми

не верувам јадејќи го лебот
пиејќи ја водата
сакајќи го телото

не верувам
во неговите храмови
свештениците знамените

не верувам на градската улица
во полиња на дожд
на воздух
на златото на благовештението

ги читам неговите повести
едноставни како клас пченка
и размислувам за господ
којшто не се смееше

размислувам за малиот
бог кој крвари
во белите
марамачиња на детството

за трнот кој ги гребе
нашите очи уста
сега
и во часот на смртта

Ѕид

Таа го свртела лицето кон ѕидот
таа ме сака
поради што ми го свртела грбот

значи со такво движење на главата
можеш да свртиш грб кон светот
во кој црцорат врапци
а младите шетаат
со дречливи кравати

Таа сега е сама
во вид на мртов ѕид
и така ќе остане

ќе остане под ѕидот
сè пограмадна
склупчена и мала
со стисната тупаница

а јас седам
со камените нозе
и не ја помрднувам од местото
не ја подигнувам
полесна од воздив


Смеа

Кафезот толку долго беше затворен
што во него се испили птица
птицата толку долго молчеше
што кафезот се отвори
’рѓосувајќи во тишина
тишината толку долго траеше
што зад црните шипки
се разлеа смеа


Растргнати во брзање

Како ние се сакатиме
растргнати во брзање
взаемно сурови
сосредоточено будни
непогрешиви при задавањето удари

забиваме едни во други
острици острени
дење и ноќе
лежиме во мракот
со малите затворени
усти од лед

лежиме крај заборавените тела
а секој од нас зборува за себе
каква мака
и чуму сево ова
зборуваме во себе
мрдајќи со усните

 

Глас

Се сакатат и мачат
со молчење и зборови
како пред себе да имаат
уште еден живот

прават така
како да забораваат
дека нивните тела
се склони кон смртта
дека утробата човекова
лесно подложи на гниење

безобѕирни кон себе
послаби се
од билките и животните
може да ги убие збор
насмевка поглед

Посмртна рехабилитација

Мртвите се сеќаваат
на нашата рамнодушност
Мртвите се сеќаваат
на нашето молчење
Мртвите се сеќаваат
на нашите зборови

Мртвите ги гледаат нашите муцки
развлечени од уво до уво
Мртвите ги гледаат нашите
тела што се тријат меѓусебно
Мртвите ги гледаат нашите раце
положени за плескање

Мртвите ги читаат нашите книги
Ги слушаат нашите говори
одамна одржани
Мртвите го слушаат
мласкањето на јазикот
Мртвите ги проучуваат рефератите
Учествуваат во дискусиите
веќе завршени

Мртвите ги гледаат стадионите
хоровите ансамблите во скандирање
Виновни се сите живи

Виновни се малите деца
коишто ги додаваа букетите ружи

Виновни се љубовниците
Виновни се

Виновни се оние што избегаа

Оние што зборуваа да
и оние што зборуваа не
и оние што не зборуваа

Мртвите ги пребројуваат живите
Мртвите нема да нè рехабилитираат


***

Гаснењето на Апсолутот ја уништува
сферата на неговото манифестирање

пропаѓа религијата филозофијата уметноста

се намалуваат природните залихи
на јазикот

она што е останато
доволно е само
за фељтонистите
од „Општиот неделник“ и „Политика“
за новинарите
свештениците
чиновниците

изумираат мнозина видови
пеперуговата птица
на поетите
со имиња чудни и убави
Мирјам Стаф Лесмјан
Тувим Лехоњ Јаструн

Норвид

нашите мрежи се пусти
песни извлечени од дното
молчат
се растураат

изгледаат како прашина
што игра врз зраци од сонце
кое упаѓа во пустата
внатрешност
на храмот

Уште еден обид

ќе успее ли песната?

во поезијата како во бела ружа
се вгнездила
голата досада

сакав да создадам
песна висока
стреловита
што стига до небото
како кула од слонова коска

(на подот лежат коцки)

можеби не треба
да се гради до небо?
можеби е подобро
при земја
до земја

сакав да создадам
песна
црна стрела
мистична како полжав

ќе успее ли песната?
во поезијата како во ружа
се вгнездила
белата досада

 

Се може

Помнам дека понапред
поетите пишуваа „поезија“
можат уште да се пишуваат песни
многу многу години
а можат исто така да се прават
многу други нешта


Тадеуш Ружевич (полски: Tadeusz Różewicz) е роден во Радомск, Полска, во 1921 година. Студирал историја на уметност на Јагелонскиот универзитет во Краков. Пишувал песни, раскази и драми. Најпознати стихозбирки му се: Немир (1947), Црвената ракавица (1948), Пет поеми (1950), Времето што заминува (1951), Песни и слики (1952), Рамница (1954), Сребрениот клас (1955), Отворена поема (1956), Собрани песни (1957), Форми (1958), Разговор со кнезот (1960), Зелената ружа (1961), Гласот на анонимот (1961), Лице (1964), Трето лице (1968), Регио (1969). По десет години пауза ја објави книгата песни Трауматска приказна (1979), Релјеф (1991), Секогаш фрагмент (1996), Секогаш фрагмент, recycling (1998), Мајката заминува (1999), Ножето на професорот (2001). Струшкиот Златен поетски венец го доби во 1987 година.

Ружевич припаѓа на првата генереација полски поети, родени и школувани по полското осамостојување во 1918 година. Неговите први младешки песни се објавени во 1938 година. Во текот на Втората светска војна, заедно со братот Јануш (кој исто така бил поет) е војник во рамките на анти-фашистички ориентирана Армија Крајова.

За разлика од Јануш, кој е погубен од Гестапо во 1944 година, Ружевич ја преживува војната и до неговото драмско деби во 1960 година, издава дванаесет мошне ценети збирки поезија. Оттогаш до денес има напишано и педесетина драми. Оваа ерупција на драматуршка енергија е придружена со привремени навраќања кон поезијата и кратки излети во светот на прозата.

Негови најпознати драми се: Картотека, Прекинатиот чин, Наталитет, Гладниот уметник си оди и Бела венчавка.

Слики: Christopher Orr

Избор и превод: П. В.

За првиот дел, кликнете овде.

ОкоБоли главаВицФото