Времеплов

07.03.2012 10:43
Времеплов

Минатата недела „брејкинг њуз“ ги потресоа македонските телевизии. Одамна немам видено таква возбуда и кај новинарите, а богами и кај плебсот пред телевизиските екрани – воведен е автобуски превоз од Скопје до аеродромот „Александар Велики“. Ни најголемите оптимисти и сведоци на осамостојувањето на Македонија од пред две децении ни на сон не можеа да замислат дека е можен ваков цивилизациски исчекор, и тоа веднаш на почетокот на втората деценија на XXI век.

Благодарејќи на ентузијастичкото информирање за фундаменталната важност на овој успех на македонската преродба, гледачот успеа да сфати дека автобуската линија Скопје-Петровец е еквивалента на, на пример, стапнувањето на човечката нога на Марс. Со оглед на фактот дека нема некои посериозни индикации дека државјаните на Република Македонија во догледно време ќе побараат азил на Марс (а зошто би се враќале во својата прататковина, кога, ете, постојат сите шанси повторно од неа да паднат?) се поставува прашањето зошто е толку важно да имаат организиран превоз до скопскиот аеродром? Затоа што сега, ете, можат да одат на аеродромот и – да гледаат како некои несреќници ја напуштаат земјата и патуваат во онаа јадна Европа. Дека на сè се мислело покажува и тоа дека не е воведен вистински возен ред, туку автобусите ќе одат на аеродром само пред полетување на авионите, односно ќе се враќаат по нивното слетување. Едноставно, за да не мораат посматрачите да висат без врска на „Александар Велики“, туку да висат со врска. Уште ако Владата обезбеди пензионерите да можат бесплатно да се возат со ова ново чудо на македонската сообраќајна наука, тогаш покрај Крстот на Водно ете уште една омилена излетничка дестинација за овдешниот работен и пензиониран народ.

Некој ќе каже дека за да се стигне во Европа не е доволен само автобуски превоз до аеродромот „Александар Велики“. Наводно, потребен е и авионски билет. Не! За да стигнеме оттука до Европа, не ни се потребни ни автобуси, ни авиони, туку временска машина. И тоа некоја која ќе се движи по брзи пруги и ќе прескокнува по пет века одеднаш. Добро, не треба ни на аеродромскиот автобус да му се гледа во заби (иако не е лошо понекогаш да се фрли поглед на неговите гуми, а богами и на моторот), зашто при оваа цена на бензините и со автобус тешко се стигнува и до Петровец, а не, пак, до Европа. Кога човек добро ќе размисли, мора да се запраша дека ако троши толку пари за бензин само за да пронајде место за паркирање во Скопје за својот автомобил, колку тогаш бензин ќе троши временската машина? Колку литри безоловен супер на сто години?

Репер можат да бидат македонските фудбалери. Тие, ете, само навидум користеа автобуси и авиони за да стасаат до Европа, односно до Луксембург. Во суштина користеа времеплов, ама не онаков што води напред кон темната иднина, туку оној што се движи напред кон светлото минато. Треба само да се пресмета колку чини погонското гориво, источено во селекторска плата, патни трошоци, фудбалерски премии, опреми, плати на фудбалското раководство итн., па да се види колку чини едно просто патување низ времето. За волја на вистината, на ист начин може да се пресмета колку чини погонското гориво на фудбалерите на Луксембург за да стасаат до Македонија, па да се види колку е важен автобускиот превоз од Скопје до аеродромот „Александар Велики“. Додуша, тоа не ги интересира македонските спортисти. Тие речиси секогаш имаат обезбедено превоз или до Триумфалната капија или до „Дрво декор“ (омиленото собиралиште на фудбалерите).

Но, да не се разбереме погрешно. За разлика од многумина (да не кажам од сите), јас (и можеби луѓето од Фудбалската федерација на Македонија) не сметам дека фудбалскиот пораз од Луксембург е неуспех. Напротив. Тоа е, како што свовремено објаснуваше екс-ју фудбалскиот стручњак Миљан Миљаниќ, активен пораз. А тоа значи дека кога губиш од Луксембург, во најлошата опција можеш да си ја задржиш актуелната позиција на фудбалската табела, односно последното место, но сепак, сите шанси се да напредуваш натаму со, на пример, една победа над Андора и еден нерешен резултат со Лихтенштајн. Па, потоа да влезат во оние отчети на овдешните локални и полулокални политичари, во стилот „напредувавме за цели четири места во фудбалот. Бевме на 567-мо место, а за време на нашиот мандат стасавме до 565-то место“. Па, потоа да следат оние наши познати академски расправи околу тоа колку места разлика има меѓу 567-мо и 565-то место.

Тоа е тајната на успешноста на политиката на Никола Груевски. Ќе ја доведеш земјата до прво место по мизерија, а кога ќе дојдат избори ќе дадеш отчет дека во меѓувреме си прешол и онакви сили во мизеријата како што се Етиопија и Бурунди.

И да, дека е воведен автобуски превоз од Скопје до аеродромот „Александар Велики“.

Извор: globusmagazin.com.mk

Цртежи: Уно Моралез

ОкоБоли главаВицФото