Сергеј Ејзенштајн

04.08.2009 13:50
Russia-2000-stamp-Sergei_Eisenstein.jpg

Тоа беше многу одамна.
Пред триесеттина години.
Но јас добро памтам, како тоа се случи.
Јас ја имам предвид историјата на настанокот на моите односи со уметноста.
Два непосредни впечатока како два удари на гром ми ја решија судбината во таа насока.
Првиот беше претставата “Турандот” во режија на Ф. Ф. Комисаржевски (гостување на театарот на Незлобин во Рига, некаде во тринаесеттата година).
Од тој момент театарот стана предмет на моето зголемено внимание и силен ламтеж.
На оваа етапа, засега без никакви изгледи да земам учество во театарската дејност, јас чесно се подготвував да одам по патот на еден инженер-архитект, “по трагата на татко ми” и од мали нозе се готвев за тоа.
Вториот удар, уништувачки и конечен, со кого веќе се определи мојата неизречена намера да го напуштам инженерството и “да и` се препуштам” на уметноста беше “Маскарада” во бившиот Александрински театар.
Колку и` бев натаму благодарен на судбината дека тој шок се случи во моментот, кога веќе успеав да ги положам испитите по виша математика во целосен обим на високошколска установа, заклучно со интегрираните диференцијални равенки, на кои (како, впрочем, и на другите поглавја) јас веќе воопшто не се сеќавам.
Но сепак, токму овде се воспитаа во мене склоноста кон дисциплина во мислењето и љубовта за “математичката” презицност и јасност.

Ми беше достатно да се најдам во виорот на граѓанската војна и привремено да се разделам од ѕидовите на Факултетот на граѓански инженери за во момент да ги спалам зад себе мостовите на минатото.
Од граѓанската војна јас се вратив, но веќе не на факултет, туку прекутрупа “се нурнав” во работата во театар.
Во Првиот работнички театар на Пролеткулт - на почеток како уметник, потоа како режисер, и натаму, со истиот колектив, за првпат како филмски режисер.
Но тоа не е главното.
Главното е, што мојот стремеж кон таинствената животна дејност, наречена уметност, беше несовладлив, алчен и незаситен. Никакви жртви овде не беа страшни.
За да стигнам од фронтот во Москва, јас се запишувам на одделение за источни јазици при Академијата на Генералштабот. За тоа јас совладувам илјадници јапонски зборови, изучувам стотици хиероглифи.
Академијата не е само Москва, тоа е можност натаму да се познае истокот, да се зарони во праизворите на “магијата” на уметноста, кои за мене нераскинливо се сврзани со Јапонија и Кина.
Колку бесони ноќи пролетаа во бубањето на зборовите на непознатиот јазик, лишен од секакви асоцијации со нам познатите европски јазици!..
Колку сложени средства на мнемотехниката мораа да се применуваат!
“Сенака” - грб.
Како да се запамти?
“Сенака” - Сенека.
Наутро се проверувам себеси според тетратката, прикривајќи ја со дланка јапоската страна и читајќи ја руската:
Грб?
Грб?!
Грб...
Грб - “Спиноза”! и т. н. и т. н. и т. н.
Јазикот е необично тежок.
И не само затоа што е лишен од звучни асоцијации со нам познатите јазици. Воглавном, затоа што поредокот на мислењето што ја гради фразата е сосема инаков од текот на мислата на нашите европски јазици.

Најтешкото не е да се запомнат зборовите, најтешкото е да се познае оној необичен за нас тек на мислење, низ кој се гради источниот стил на говорот, градбата на речениците, комбинациите на зборовите, цртежот на зборовите и т. н.
Колку натаму и` бев благодарен на судбината дека таа ме провре низ искушението и ме приопшти кон тој необичен начин на мислење на стариоте источни јазици и на зборовната пиктографија! Токму овој “необичен” тек на мислењето ми помогна натаму да ја сфатам природата на монтажата. А кога овој “тек” подоцна се осозна како законитост на текот на внатрешното сетилно мислење различно од нашето општоприфатено “логично”, тогаш токму тој ми помогна да ги сфатам најсокриените слоеви на методата на уметноста. Но, за тоа подолу.
Така првиот ламтеж стана прва љубов.
Но романсата не минува без облаци. Не само бурно, туку и трагично.
Мене секогаш ми се допаѓаше цртата на Исак Њутн: да се размислува по повод јаболката што паѓаат и да се влечат од тоа Бог знае какви последици, обопштувања и заклучоци. Тоа мене дотолку ми се допадна, што јас дури и Александар Невски го снабдив со исто такво “јаболче”, наведувајќи го овој херој од минатото да ја извлече конфигурацијата на стратегијата на Ледената битка од шемата на шеговитата приказна за лисицата и зајакот. Неа во филмот ја раскажува Игнат...
Сепак, во мугрите на мојата дејност ваквото јаболче ми се попречи на мошне итар начин.
Впрочем, тоа не беше јаболче, туку тркалезното румено лице на седумгодишното синче на вработената во Првиот работнички театар на Пролеткулт.
На некоја од пробите јас случајно се загледав во лицето на момчето, што вообичаено ни доаѓаше на пробите. Мене ме восхити степенот, до кој на лицето на момчето како во огледало се одразува сè што се случува на сцената. Притоа, не само мимиката или постапките на поединиот или на сите ликови заедно, кои се наоѓаа на сцената, туку на сите и на сето истовремено.
Тогаш мене главно ме восхити таа истовременост. Јас веќе не памтам, дали таа мимичка репродукција на реалноста се однесуваше и на неодушевените предмети, како што за тоа пишува Толстој применливо за некого од грофовите слуги. (Таквиот, раскажувајќи, успеваше со лицето да го пренесе дури и животот на неодушевените предмети.)
Но овака или онака, јас постепено започнав да размислувам за “истовременоста” на репродукцијата на виденото од момчето, што ме восхити, како и за самата природа на таа репродукција.
Беше 1920 година.
Трамваите не работеа.
И долгиот пат - од прославениот просцениум на театарот во Каретни ред, каде што се родија толку извонредни театарски зачетоци, до мојата незатоплена соба на Чисти прудови - во многу нешта потпомагаше во размислувањето за темите, затрогнати од набљудувањето сторено патем.
Познатата формула на Џејмс, дека “ние не плачеме затоа што сме тажни, туку сме тажни затоа што плачеме” - јас веќе претходно ја знаев.
Таа формула мене, пред сè, естетски ми се допадна со својата парадоксалност. освен тоа, и со самиот факт дека од определена и правилно искажана изразна пројава може да се роди соодветна емоција.
Но ако е така, тогаш, создавајќи ги мимички признаците на поведението на ликовите, момчето треба истовремено и во потполн обим да го “доживува” сето, што го доживуваат во реалноста или достатно убедливо го прикажуваат актерите на сцената.

Возрасниот актер ги мимира изведувачите мошне повоздржано, но токму затоа, веројатно, уште поинтензивно фиктивно, то-ест без фактички повод и без реална постапка во дејствието ја доживува сета онаа прекрасна гама на благородност и херојство, која му ја демонстрира драмата или му дава подеднакво фиктивен излез на своите ниски побуди и злосторнички начела на својата природа како гледач - и повторно, не со постапката, туку низ истите реални чувства што го следат фиктивното соучество во злосторствата извршени на сцената.
На овој или на оној начин, од сите овие размислувања мене ме засегна елементот на “фиктивноста”.
Значи, уметноста (а засега, во конкретниот случај, театарот) му дава можност на човекот низ соживување фиктивно да создава херојски постапки, фиктивно да минува низ големи душевни потреси, фиктивно да биде благороден со Франц Мор, да се ослободува од тежината на приземните инстинкти низ соучество со Карл Мор, да се чувствувам мудар со Фауст, Богоугоден со Орлеанската Дева, страстен со Ромео, патриот со гроф де Ризо; да се ослободува од мачнината на сите внатрешни проблеми со љубезно учество на Карено, Брант, Росмер или Хамлет, принц на Данска.
Но тоа е малку! Како резултат на ваквата “фиктивна” постапка гледачот доживува сосема реално, конкретно задоволство.
Тој се чувствува херој по “Мугрите” на Верхарн.
Тој чувствува ореол на победоносното мачеништво по “Цврстиот принц”.
Тој се задушува од доживеаната благородност и жалост за самиот себе по “Подлоста и љубовта”.
Некаде на Трубниот плоштад (или тоа беше кај Сретенска капија?) мене ме фрла во жар: ама тоа е ужасно!
Која механика лежи во основите на оваа “света” уметност, кај која стапив во служба?
Бидејќи, тоа не е само невистина,
не е само прелага,
тоа е - штета,
ужасна, страшна штета.
Бидејќи, имајќи ја таа можност: фиктивно да се постига задоволството - кој ќе го бара него како резултат на реалното, вистинското остварување на она, што може да се добие за мала плата, без да се движиш, во театарските фотелји, од кои се креваш со чувство на апсолутно задоволство!
“Така си мислеше младиот веселник...”
И на пешачкиот дел од Мјасницка улица до Покровска капија видената слика постепено се претвара во ноќна мора...
Не треба да се заборава дека авторот имаше дваесет и две години, а младоста е склона кон хиперболизации.
Да се убие!
Да се уништи!
Не знам дали од исти витешки мотиви или од исти недомислени мисли, но истиот благороден порив за убиство, достоен на Раскољников, постоеше не само во мојата глава.
Наоколу се слушаше невоздржана бучава на истата тема на уништување на уметноста: ликвидација на нејзиниот признак - ликот - со материјали и документи; на нејзината смисла - со непредметноста; на нејзината органика - со конструкцијата; самото нејзино постоење - со одменување и замена со практична реална изградба на животот, без посредство на фикции и басни.
Луѓето со различен склад, различен багаж, различни мотиви врз општата платформа на практичната омраза за “уметноста” ги обединува ЛЕФ.
Но што може да стори момчето, кој самиот уште нема ни билет за експресот на уметничкото творештво, колку тој и да вика со фалцетот на сè уште неоформениот глас, против општествената институција, озаконета низ столетијата - против уметноста?!
И се појавува мислата.
Прво - да се совлада,
потоа - да се уништи.
Да се спознаат тајните на уметноста.
Да се симне од неа превезот на тајната.
Да се совлада.
Да се стане мајстор.
Потоа, да се симне маската од неа,
да се разобличи,
да се разбие!
И така започнува новата фаза на взаемни односи: убиецот започнува да си игра со жртвата,
да стекнува доверба кај неа,
внимателно да ја набљудува и да ја проучува.
Така престапникот го набљудува распоредот на својата жртва,
така ги проучува нејзините вообичаени патишта и премини,
ги одбележува местат на кои таа се запира,
вообичаените адреси.
На крајот, проговара со набележаната жртва,
се зближува со неа,
создава дури извесна блискост.
И потајно го гали челикот на камата, трезнејќи се од нејзиното студенило, за самиот случајно да не поверува во тоа пријателство.
Значи, ние со уметноста кружиме еден околу друг...
Таа - окружувајќи ме и оплетувајќи ме со богатството на својата магија,
јас - молчешкум галејќи ја камата.
Во нашиот случај, скалпелот на анализата служи како кама.
Во блиско разгледување, развенчаната богинка “во исчекување на последниот акт”, во услови на “преодното време” може да биде од корист за “општото дело”.
Таа е недостојна да ја понесе круната,
но зошто, засега, да не ги мие подовите?
Како и да е, влијанието со уметност е сепак зададеност.
А на младата пролетерска држава, за извршување на неодложните задачи, бесконечно многу и` треба влијанието врз срцата и умовите.
Некогаш јас изучував математика -
божем залудно (макар што натаму имав корист од неа, што јас тогаш секако не го претпоставував).
Некогаш јас ги бубав јапонските хиероглифи...
исто, божем, залудно.
(Користа од нив јас тогаш сè уште не ја гледав: дека постојат различни системи на мислењето воопшто, јас тоа веќе го имав забележано, но никако не мислев дека тоа ќе ми биде од корист!)
Па добро, ќе ја набубаме и методата на уметноста!!
Овде постои макар онаа предност, што самиот период на бубање може да донесе непосредна корист.
Значи, повторно со книги и тетратки... Лабораториски анализи и белешки... Менделеева таблица и закони на Геј-Лисак и Бојл-Мариот во областа на уметноста!
Но околностите овде се сосема непредвидливи.
Младиот инженер се нафаќа за работа
и страшно се губи.
На секои три редици теоретско приопштување кон срцевината на суштината на неговата нова познаничка - теоријата на уменоста - прекрасната непознаничка му носи по седум велови на тајни!
Тоа е океан од муслин!
Вистински модел од Пакен!
Познато е дека никаков меч не е способен да пресече перница. Во права линија не можеш да ја пресечеш низ тој океан на муслин, макар со каков дворачен меч да сечеш!
Перницата ја пресекува само остриот закривен источен јатаган, со карактеристично движење на раката на искусниот Саладин или Сулејман.
Не се совладува во директна битка!2)
Кривината на јатаганот е симбол на долгиот заобиколен пат, по кој ќе мора да му се приоѓа на расчленувањето на тајните, сокриени под морето од муслин.
Па, добро! Ние сме млади! Време имаме. Сè е пред нас...
Наоколу врие прекрасната творечка напнатост на дваесеттите години.

Таа се расточува во безумството на младите никулци на лудата измислица, на безграничните замисли, на незадржливата смелост.
И сето тоа во некоја силна желба доживуваното да се изрази по нов пат, на некој нов начин.
Упиеноста од епохата, наспроти декларациите, наспроти главниот термин “творештво” (заменет со зборот “работа”), за инает на “конструкцијата” (која со своите коскени раце сакаше да го задуши “ликот”) раѓа едно по друго творечки (имено творечки) продукти.
Уметноста и нејзиниот потенцијален убиец засега заеднички постојат во творечкиот процес во неповторливата и незаборавна атмосфера на дваесеттите-дваесет и петти години.
Но сепак, убиецот не заборава да се фати за камата. Како што е речено, камата во нашиот случај е скалпелот на анализата.
Со делото на научната разработка на тајните, да не заборавиме, се нафаќа млад инженер.
Од различните дисциплини, што тој ги има минато, тој ја усвои онаа прва поставка дека приодот станува конкретно научен од оној момент, кога областа на истражувањето ја добива својата мерна единица.
Значи, во потрага по мерната единица за влијание во уметноста!
Науката познава “јони”, “електрони”, “неутрони”.
Нека уметноста има “атракциони”!
Од производните процеси во секојдневниот живот се најде техничкиот термин што означува склопување на машини, водоводни цевки, мотори,
убавиот збор “монтажа”, што означува - склопување.
Ако зборот сè уште не е помоден, тој потенцијално ги има сите услови да стане употреблив.
Па, нека!
Нека комбинацијата на единицте на влијание во една целина ја добие оваа полупроизводна, полу-мјузикхолска ознака, добивајќи ги во себе обете значења!
Обете тие се од недрите на урбанизмот, а сите ние во тие години бевме ужасно урбанистични.
Така се роди терминот “монтажа на атракциони”.
Да знаев повеќе за Павлов во тоа време, јас теротијата на монтажата на атракциони ќе ја наречев “теорија на уметнички надразнувачи”.
Интересно е да потсетам дека овде како решавачки елемент се истакнуваше гледачот и поаѓајќи од тоа, се вршеше првциот обид на организација на влијанието и на доведување на сите разновидности на влијание врз гледачот кон еден заеднички именител (независно од областа и димензијата, кон кои тоа припаѓа). Тоа натаму помогна и во линијата на претпоставувањето на особеностите на звучниот филм и конечно се определи во теоријата на вертикалната монтажа.
Така започна мојата “двоединствена” дејност во уметноста, која сето време ја комбинираше творечката работа и аналитичката: или коментирајќи ги делата низ анализа, или проверувајќи ги низ нив резултатите на овие или оние теоретски претпоставки.
Во поглед на осознавањето на особеностите на методата на уметноста, обете тие разновидности ми пружија подеднакво. И за мене, конкретно, тоа е најглавното, колку и да беа пријатни успесите и горчливи неуспесите!
Над “сводот” од податоци, што ги имам извлечено од практиката, јас работам веќе долги години, но за тоа, на друго место и во друго време.
Но сепак, што се случи со самата убиствена намера?
Се покажа дека жртвата е поитра од убиецот: додека убиецот сметаше дека “ја маѓепсува” жртвата, самата жртва го маѓепса својот крвник.
Го маѓепса, го вовлече, го потфати и на доста долг временски период го проголта.
Сакајќи “привремено” да станам уметник, јас до над глава влегов во таканареченото уметничко творештво и ретко кога, веќе не соблазнувана кралица туку неумолива господарка, “мојот жесток деспот” - уметноста - ми дава ден-два да седнам на бирото и да запишам две-три мисли за нејзината таинствена природа.
Во работата со “Потемкин” ние го вкусивме вистинскиот творечки патос. А човекот, кој еднаш ќе вкуси од вистинската творечка екстаза, веројатно, нема никогаш повеќе да излезе од таа дејност во областа на уметноста!

Превод: Павел Попов