Смилковци и чеченскиот синдром

26.04.2012 11:14
Смилковци и чеченскиот синдром

Убиството на млади луѓе кај Смилковци, кои до вчера биле малолетни или, чиј живот згасна кога штотуку зачекорија во светот на возрасните, не може да се оправда со ништо.

По убиството на млади луѓе, практички е невозможно да се употреби каков било рационален, а особено не може да се користи политички дискурс. По вакво злосторство, не може да се рече: тоа беше првиот чин, а наредниот ќе биде некоја политичка платформа или некоја идеологија.

Злосторниците кај Смилковци биле обземени од чеченскиот синдром. Пред осум години, чеченските сепаратисти во рускиот град Беслан направија еден ужасен преседан. Тогаш, нивна примарна цел за напад беа децата од едно основно училиште. Светот беше стаписан. Зарем деца да се убиваат? Зарем деца да бидат заложници? Такво нешто не се памети во историјата на злосторствата или во историјата разбрана како низа од секакви злосторства. Дури и во времето на холокаустот и на сите други видови на геноцидни политики, децата, односно, младоста, не биле примарната или единствената цел на злосторството. Но, ете, тоа се случи во Беслан.

Со тој чин во Беслан, чеченските сепаратисти си испукаа куршум во главата. Од жестоки терористи или од борци за национална слобода, како за кого, инстантно, тие станаа лудаци. И така беа третирани. Светот немаше друга дијагноза освен да каже дека се работи за лудило.

Тоа е една од причините зашто убијците кај Смилковско Езеро не се огласуваат и, зашто, најверојатно, ќе молчат сè додека не бидат уапсени.

По едно вакво налудничаво и монструозно убиство, работите тешко можат да останат само во националните граници, особено не во регион каков што е Балканот. Убиството кај Смилковци треба да ги загрижи сите во регионот, а истовремено, тоа значи дека секоја земја одделно ќе мора да манифестира дека ќе се однесува одговорно и конструктивно.

Посетата на албанскиот претседател Топи на Скопје и изјавата на српскиот министер за внатрешни работи Дачиќ дека Србија е подготвена да соработува и да помогне во откривањето на убијците, говорат самите за себе колку состојбите на Балканот станаа посериозни и потешки по убиство кај Смилковци. Меѓутоа, ако политичките елити покажаа зрелост и навестија конструктивност, тогаш, за жал, медиумите, особено во Србија, ја искористија несреќата во Македонија за да пласираат информации или да шират тези кои се во функција на долевање масло на огнот. Тоа е само потврда дека она што на Балканот ќе се одработи на политички план, ќе се изгуби на ниво на општественоста.

Српските медиуми, освен со сензационализмот, кој е незабиколен чин при секое медиумско третирање на некое злосторство, се издвоија и со шпекулацијата дека во убиството е инволвиран албанскиот фактор. Иако македонските медиуми покажаа воздржаност и одговорност да не се впуштаат во шпекулации, штетата е веќе направена, бидејќи, да не се лажеме – македонската јавност не се напојува само од домашни или само од релевантни извори. Оттука, веќе почнаа да циркулираат шпекулации дека истрагата ќе тапка во место или, пак, дека виновниците нема да бидат никогаш откриени, бидејќи тоа не е во интерес на високата политика!?

Се разбира, за Македонија ќе биде многу лошо ако добие уште едно црно петно во својата понова историја. За развојот на мултиетничките односи, па и за вкупната атмосфера во државава, не е добро ако имаме уште еден случај кој ќе ги храни само овдешните творци или овдешните консуматори на теориите на заговор. Веќе видовме колку атентатот врз Глигоров или авионската несреќа во која загина Борис Трајковски беа искористени за пласирање на опасни тези, за евтини политизации и за дефокусирање од вистинските теми.

Во моментов, постојат барем три големи проблеми со кои Македонија ќе се соочува пред да се откријат нарачателите и извршителите на убиството кај Смилковци.

Првиот проблем се меѓуетничките односи. Таквата загриженост се должи на фактот што меѓуетничките односи веќе подолго време имаа тренд на влошување. Инцидентите што се случија од почетокот на оваа година, само покажаа дека меѓуетничките односи не котираат високо во македонската агенда. И во претходните години, а и сега, не се гледаше намерата да се запрашаме: зошто работите на меѓуетнички план не одат како што треба? Кои се генераторите на проблемите? Кои се причинителите? Што пропуштивме, а што требаше да направиме?

Убиството кај Смилковци дополнително ги влошува или, да се изразам малку поеуфемистички – ги комплицира меѓуетничките односи. Тоа, најверојатно, ќе трае сè додека не се расветли злосторството, а за потоа, можеме само да шпекулираме. Меѓутоа, меѓуетничките односи не можат да бидат заложници на истрагата која треба да покаже дали убиството имало или немало мултиетничка димензија. Напротив, политичките субјекти мораат да покажат лидерство, односно јавно да манифестираат дека меѓуетничките односи мораат да се реафирмираат како единствена реална и здрава опција за Македонија. Тоа е нешто што странците ќе ни го сугерираат, а ние треба да го направиме заради нас самите.

Вториот проблем е инстуционалната капацитираност на државата и нездравата политичка клима во земјава. Деновиве, многумина нагласија дека ова не е време за нови поделби, конфронтации и за стекнување на евтини политички поени. Мислам дека сега нема потреба да ги повторувам познатите тези за состојбите на планот на демократијата, за институциите, за партизацијата, итн. Нормално, она што е упропастувано со години не може да се санира преку ноќ. Лошите политики не се напуштаат лесно или, пак, не можат да се отстранат ако не бидат целосно поразени.

Па сепак, по Смилковци, и по една таква трагедија, не се гледа како ќе се пацифизира и ќе се нормализира македонската политика. Со оглед на тежината и трагичноста на настанот, политичките страсти и интереси требаше да се стават под контрола или, барем, да не бидат толку дегутантни каков што е случајот во изминатите неколку дена.

Третиот проблем е регионалната димензија на случајот. И покрај декларативноста за добрососедство, за споделување на заеднички вредности и цели, на Балканот сè уште владее реал политиката која се изразува во начелото: од соседот не очекувај никаква помош, туку гледај да не претрпиш поголема штета. Ако државите од Западниот Балкан соработуваат, наместо да си прават местенки или да гледаат сеир од страна, многу работи можат да се завршат како што треба.

Истрагата за злосторството кај Смилковци е еден добар тест за тоа колку созреале балканските држави. Ако бидат конструктивни и рационални, државиве од регионот ќе испратат една силна порака до злосторниците. Светот ќе знае да го цени тоа.

Извор: globusmagazin.com.mk

Слики: Драган Бибиќ

Фала му на бога, конечно еден

Фала му на бога, конечно еден одмерен и пристоен текст во „Окно“. Просто не можам да верувам дека никаде не е споменат Груевски или груевизмот! Се надевам дека ова не е случајна грешка, туку почеток на еден нов, позрел период од постоењето на весников, или барем на некои од авторита кои пишуваат во него.

ОкоБоли главаВицФото