Најважни се јавните простори и инфраструктурата

19.05.2012 14:07
Најважни се јавните простори и инфраструктурата

Во Колумбија немирите и криминалот далеку ги надминуваат европските рамки. Во потрага по ново решение во последното десетлетие урбанистите често се навраќаа на Богота и Меделин како успешни примери на социјален урбанизам. За таквиот статус заслужни се низа продуктивни градоначалници кои на прво место при управувањето со градот ги ставија јавниот простор и инфраструктурата.

Енрике Пеналоса, градоначалникот на Богота од 1998 до 2000, кој ги ослободи тротоарите од автомобили, воведе велосипедски патеки и Transmilenio (брз автобуски систем во Богота), еднаш изјави: „Главна цел во животот е среќата. Во градот тоа значи можност за слободно и сигурно движење, среќавање со пријателите и учествување во креативни активности.“

Иако програмата во Богота денес не се развива според планот, Меделин денес е место со ваков социјално ориентиран урбанизам. Трендот на социјален урбанизам во Меделин е присутен откако Хосе Перез Јармило во 1993 година, како млад архитект, застана на чело на Школата за архитектура во Меделин. Потикнат од демократските промени во Шпанија кои покажале што сè може да се постигне низ архитектурата и урбанизмот, Јарамило организира низа семинари и работилници со млади специјалисти од Универзитетите во Лондон и Барцелона. Школата за архитекти во 1998 година беше вклучена во реализација на Parque de los pies descalzos кој го означи враќањето на јавниот градски простор на жителите, простор кој со децении бил означуван како опасен по живот во град кој важеше за упориште на најсилните нарко картели.

Со паркот започна менувањето на реалноста на овој милионски град. Со градоначалникот Серџио Фајард (2003-2007) и архитектот Алејандро Ечевери на чело на Институтот за урбанизам EDU, градот го доживеа својот социјален процут. Стратегијата која на прво место ги става образованието, транспортот и јавниот простор, самиот Ечевери ја нарече социјален урбанизам. Градот во краток рок доби 10 нови училишта, неколку книжарници и паркови, како и напредна мрежа на јавен превоз.

Библиотеката Espagna, проект на Гинкарло Мазанти, на врвот на ридот на истоимената сиромашна населба Санто Доминико, е пример кој ги исцртува карактеристиките на социјалниот урбанизам. Архитектурата на библиотеката е дел од јавниот парк во кој се создава нов хибрид. Трите црни монолитни блокови, освен што служат како културни и спортски содржини, исто така се важни како места за собирање на локалната заедница. Оваа библиотека денес доминира на небото над градот и е симбол на новата политика која сака да го интегрира сиромашното население на запоставените квартови. За таа цел изградена е и жичарница која го поврзува врвот на ридот со метро станицата, со што градот се приближува до оваа населба. Ваквите жичарници денес се препознатлив знак на ревитализацијата на квартовите во Јужна Америка, кои редовно се наоѓаат на стрмен терен и не дозволуваат изградба на патишта.

Во состав на ревитализацијата на Меделин за јавноста е отворена и запуштената ботаничка градина која доби нова структура – Orquideorama, проект на архитектонското студио Plan B и JPRCR.

Политичката вредност на градината нагласена е со натписот на влезот: „Слободен влез; канцеларијата на градоначалник веќе плати“. Со идејата дека со постоењето на квалитетен јавен простор се намалува стапката на криминал, Меделин доби уште многу јавни простори од кои вреди да се погледне паркот Parque de los Deseos на архитектот Фелипе Урибе де Бедоут и големиот спортски комплекс за Јужноамерикански игри.

Сето тоа се проекти со кои градот со инвестиции во јавните содржини, наместо во јавната безбедност, се бори против криминалот и се обидува да ја намали разликата помеѓу богатите и сиромашните. Меделин денес е град каде архитектурата и урбанизмот во рацете на социјално освестените архитекти, планери, политичари и активисти навистина ја менува стварноста на урбаниот живот. Таа слика се одржува и со успешниот економски модел кој фаворизира одржливост и економија насочена и кон сиромашните, која на Меделин за време на светската економска криза му ја донесе титулата на предводник во локален економски раст.

Извор: pogledaj.to

Здравје, тоа ќе го правиме во

Здравје, тоа ќе го правиме во Скопје 2024. Прво основното. Ние ни споменици немавме. Ни плоштад немавме. Ништо немавме.