Најдолгата уметничка галерија во светот

12.06.2012 14:55
Најдолгата уметничка галерија во светот

Со 110 км должина, за подземната железница во Стокхолм (SL) се вели дека тоа е најдолгата уметничка изложба во светот.

Патувањето со воз е како да патувате низ возбудлива приказна која се протега од уметничките пионери во 1950-те години до уметничките експерименти денес.

Повеќе од 90 од стоте станици на подземната железница се украсени со скулптури, мозаици, слики, инсталации, резби и релјефи од над 150 уметници.

Во галеријата што ви ја претставуваме можете да се уверите за разновидната уметност која се среќава во стокхолмското метро, заедно со некои историографски факти за уметноста и историјата на подземната железница во главниот град на Шведска.

Патувањето под земја во Стокхолм се одвива од многу одамна. Иако постоеле трамвајски линии помеѓу населбите и претходно, првата подземна железничка линија, меѓу населбите Slussen и Hokarangen, е отворена во 1950 г.

Во 1950-те години уметниците Вера Нилсон и Сири Деркерт се зачетниците на кампањата за воведување на уметноста во метрото. На 18 април 1955 г. за тоа се расправало во Градскиот совет на Стокхолм, и по два месеци била донесена одлука за започнување со работите.


Многу од станиците изградени во 1950-те години се дизајнирани од Питер Целсинг. Тој бил главен архитект на компанијата која управувала со стокхолмските трамваи, Stockholm’s Sparvagar, но е повеќе познат како архитект на неколку станици од подземната железница.



Во 1970-те години станиците биле дизајнирани како градежни целини, со цел уметниците полесно да можат да ги украсуваат (во 1950-те и 1960-те станиците се граделе на начин кој дозволувал дел од природниот амбиент, како што се огромни парчиња карпи, камења и сл., да остане како дел од станиците).


Големо внимание управата на стокхолмското метро посветува на современата уметност. Во многу случаи станува збор за уметност создавана од уметници кои користат техники што не можат подолгорочно да опстојат во опкружување како што е подземната железница - графики, слики, цртежи и текстил. Исто така, раководството на метрото сака да им отстапи што е можно повеќе простор на младите уметници за да се претстават пред навистина бројната публика која секојдневно ги користи услугите на подземната железница. Иако веќе подолго време не е изградена ниедна нова станица, постојаните поставки во некои од станиците се преместуваат на други станици еднаш до четири пати во годината.


Од 1997 г. низ метрото се вршат редовни туристички тури со водичи. Секоја недела се патува по една од подземните линии и се посетуваат четири или пет станици. За време на турата, водичите, кои се истовремено и стручњаци за архитектура и уметност, на посетителите и туристите им ги објаснуваат изложените дела, како и архитектонскиот дизајн на станиците. Објаснувањата обично се одвиваат на шведски јазик, со исклучот на летниот период, кога е вклучен и англискиот за странските туристи. Она што е интересно е дека за водичите и турите не се плаќа никаков дополнителен надомест, и дека единственото нешто што ви е потребно е да имате валиден билет за возење со подземната железница.


Извор: twistedsifter.com

Слични содржини

Јавни простори / Фотографија / Книжевност
Јавни простори / Фотографија / Книжевност
Јавни простори / Уметност
Јавни простори / Фотографија
Јавни простори / Боли глава
Општество / Јавни простори

ОкоБоли главаВицФото