Најкраткото долго (Аспекти на микрофикцијата) 3

14.06.2012 14:25
Најкраткото долго (Аспекти на микрофикцијата) 3

Колку долго е најкратко?

Бидејќи судбината на именувањето на овој книжевен вид, во Македонија, и во САД, во принцип, е истоветна, првата голема разлика која можеме да ја детектираме по- меѓу третманот на најкратката фикција во двете национални книжевности е односот кон зборовната економија. Додека во нашата теорија, па и практика, освен во исклучителни случаи, како на книжевни конкурси, никогаш не се тематизирале точни и „препорачани“ граници во должината на книжевните дела, во Америка постојано активно се дебатираат ваквите аспекти, не само околу микрофикцијата, туку и околу прозата и литературата воопшто. Постапката кулминира со најкратката форма, каде се навестува дека секој збор повеќе или помалку „ја усложнува“ ситуацијата. Во Македонија изостанува овој вид традиција во одредувањето на фикцијата, а дури и кога постојат должински рамки истите се спроведуваат многу повеќе според моделите: број на знаци, како и број на редови или страници, а не зборови, што секако е влијание од други културни и книжевни средини, како руската или српската, на пример.

Предвидената должинска дистинкција, преземена од англоамериканската почва каде, меѓу другото, се става особен акцент и на формалната особеност „должина“ како одлучувачка за жанровскиот карактер т.е. за видот на фикцијата, изгледа вака:

Еп: дело од 200.000 и повеќе зборови.

Роман: повеќе од 60.000 зборови.

Новела: 17.500-60.000 зборови.

Повест: 7.500-17.500 зборови.

Краток расказ: дело од најмалку 2.000 зборови, но помалку од 7.500.

Секавична фикција: дело помало од 2.000 зборови.

Секое поврзување со пресметан број јазични единици побарува дефинирање и образложување на горна и долна граница. И покрај долгата расправа на оваа тема и, наспроти различните концепти, конечни ставови изостануваат. Мислењата варираат, зависно од секој автор, критичар, уредник, списание... Приредувачите на антологии на најкратка фикција, Роберт Шепард и Џејмс Томас, во нивните прославени антологии, вклучуваат раскази просечно долги три страници, што е можеби највисокиот горен праг на она што под различни имиња се
именува како кратка проза. За писателот Брус Холанд Роџерс формата се простира помеѓу 200 и 2.500 зборови (со ретки исклучоци). „Повеќето се помеѓу 500-1.500,“1 вели тој. Во формирањето на идеалот на Роџерс своја улога одигрува и времето потребно за читање, па според него совршена е приказната која читателот ќе може да ја прочита „за минута или две.“ Џејсон Сенфорд смета дека „краткиот-краток расказ е жанр резервиран за фикционалните и нефикционални приказни под 1.000 зборови. Точната дефиниција варира зависно од авторот или уредникот – некои се за поригидни лимити од 500 или 750 зборови. Има и автори кои сметаат дека 500 зборови е големо колку вечноста; за нив постои поджанр во кој приказните се раѓаат и умираат во сто зборови.“2

Следуваат редица комплементарни, но некогаш и спротивставени „пребројувања“. За Кемил Реншо „просечната микрофикција е помала од 400 зборови, со некои исклучоци може да биде до 750 зборови.“

Приредувачот на серијата антологии Секавична фикција, Џејмс Томас, е меѓу првите кои нотираат дека приказните долги пет страници и оние од две страници се различни битија. „Секавична фикција е проектирана како прослава на вториот тип, tours de force во 750 зборови кои го постигнуваат ефектот на задоволителен краток расказ на само страница или две.“3

Томас за урнек го зема делото „Многу краток расказ“ на Ернест Хемингвеј чија должина, барем за дел од американските автори, претставува расказ-парадигма за секавична фикција. Истиот автор, во соработка со Шепард, тангира уште еден аспект на проблематиката. „За максимална должина се држевме до нашите оригинални 750 зборови... што има и практична основа – да се прочита секавична фикција не мора да вртиш страница повеќе од еднаш.“4

Џером Стерн го одредува критериумот со приказна под 250 зборови што, во основа, е нешто повеќе од половина страница. С. Џоан Попек оди потаму и го стеснува уште повеќе обемот, тврдејќи дека наспроти различните одредници (1.000, 500, 55 зборови), „најпопуларна должина (и една од најчесто користената)“ е сто или помалку зборови. Со неа се согласува и Харви Стенбрау за кого за секавична фикција т.е. за целосен краток расказ се доволни деведесет и девет зборови или помалку (веќе спомнатата „двоцифрена проза“). Необично е да се смета дека помеѓу текст од 1.500 и од 2.000 зборови, или помеѓу текст од 500 и од сто зборови, лежи квалитативна граница, па самата Пемелин Касто, инаку модератор на јаху-групата (yahoo group) посветена на најкратката проза, се обидува да постави извесна разлика помеѓу секавичната (до 1.000 зборови, или помалку) и изненадната фикција која достига до 2.000 зборови.

Џ. Томас во 1992 година вака ја појаснува оправданоста за својот проект – едиција антологии на секавична фикција: „Една од нашите оригинални идеи беше да претставиме раскази кои може да се читаат без вртење страница, претпоставувајќи дека може да постои разлика во начинот на кој ги читаме расказите кога може да го видиме почетокот и крајот во исто време. Претставувајќи го расказот на две страници, 750 зборови изгледаат како врв за конвенционална, читлива типографија. Ги нарековме секавична, бидејќи нема да има присилни паузи во концентрацијата на читателот, нема пречки во видното поле. Се восприема ‘сè одеднаш‘.“5 Примерите кои во рамки на оваа студија ќе бидат разгледувани се земени токму според овој принцип, да се простираат најмногу на чифт страници, каде читањето не имплицира менување, вртење страници, туку целосна „контрола“, комплетен преглед врз самите текстови.

Иако се чини дека е полесно да се одговори, и е помалку отворено прашање, минималната долна граница можеби е многу поинтересна, не толку од аспект на ваквата натрупувачка нумерификација, колку заради
љубопитноста околу рампата на можностите и околу иднината на самата книжевност. Во дебатите долниот праг најчесто се решава преку одредницата „помалку“. Но, колку кратко е најкратко? Јан Рид, размислувајќи за краткиот расказ, доаѓа до слични прашања: „Колку долго е кратко? Како краток расказ се зема секој прозен вид пократок од роман. Но, колку е тоа? Долната граница се сведува на реченица. Горната граница не е толку јасна. Е.А. По еднаш рекол дека приказна (tale) е она што може да се прочита во едно читање. Но, Вилијам Саројан вели дека некој може да прочита повеќе од другите.“6 Писателката С. Џоан Попек, на дилемата дали расказите можат да бидат пократки од 50 зборови, одговара: „Најкратката е во шест зборови, имам видено од два или четири. Трикот е во тоа насловот да се искористи како сетинг кој не се зема предвид во броењето. Често пати насловот е подолг од самите раскази.“7 Образец за овој, најкраток тип проза, е една од најчесто цитираните микрофикции, повторно дело на Хемингвеј. Станува збор за негов антологиски расказ со шест зборови распоредени во три реченици.


Пемелин Касто наведува дека Рендал Џарел (1914–1965) во некоја прилика предочил дека приказната може да биде долга и колку една реченица. „Постојат убави секавични примери во кои приказните, долги една или две страници, се состојат од само една или две (некогаш прилично долги) реченици.“8 Околу размислите за долната граница ни се чини пригоден уште ставот на Новица Петковиќ кој на секој книжевен текст му припишува три особености:

1) Линеарно ширење во време и простор на природнојазичните единици според правилата на јазичкиот код.

2) Должината која начелно е неограничена.

3)Текстот не може да биде помал од една реченица.9

Покрај ваквите таксономски одредувања, постојат и пристапи кои се парафраза на ставот дека микрофикцијата не е ниту долга, ниту кратка, туку „тамам“. Роберт Кели потсетува дека „кратка“ е погрешно име; „фикцијата за која зборуваме овде е праведна, како интонација е праведна, ниту предолга, ниту прекратка.“10 За Хортенс Келишер „расказот е долг онолку колку што неговите внатрешни принципи го наговараат. Исто како романот или песната.“11

Бидејќи кај нас досега нема објавено антологија на најкраткиот македонски расказ, а проследувајќи ги делата на македонските автори, можеме да кажеме дека во најголем број случаи станува збор за раскази од една (до две) страници12. Македонските микрофикционалисти го имаат предвид ставот на Давид Албахари (1993) за кого „втората страница веќе може да означи почеток на роман; првата, единствената, може да биде само краток расказ. Од еден до дваесет и осум редови.“13

Во есејот „Жанровскиот пресек меѓу песната во проза и кусата прозна форма“ Петко Дабески смета дека ваквите прозни дела се долги „главно до околу сто отчукани реда од шеесетина азбучни и синтаксички знака по еден ред.“ Дабески дава и свој став за нормирањето на должината во македонската книжевност: „И покрај тоа што досега никому не му паднало на ум да утврди норма за една релативна категорија каква што е краткоста, преку фиксен број отчукани редови или зборови, фактички, самите автори на песната во проза и кусата прозна форма како да имаат непишан и неизустен договор, некаков вид ‘конвенција на упатените’ за должината на овој вид текстови, па на книжевната аналитика ѝ останува само да ја примени статистиката.“14

Оставајќи ги аспектите и особеностите кои неизбежно се последица на должината т.е. екстремната краткост на микрофикцијата за натамошниот тек на студијата, ќе заклучиме дека „сите правила на формата, која било форма, може да бидат исто толку ограничувачки, колку и ослободувачки.“15

(крај)

Извадок од книгата Најкраткото долго (Аспекти на микрофикцијата), чијшто издавач е Антолог од Скопје.

За првиот дел, кликнете овде, а за вториот дел кликнете овде.

__________________

[1] Bruce Holland Rogers, “About short-short stories”. (http://www.shortshortshort.com/).

[2] Jason Sanford, “Who Wears Short Shorts? Micro Stories and MFA Disgust”. (storySouth: Fall 2004. http://www.storysouth.com /fall2004/shortshorts.html/).

[3] James Thomas, “Introd uction”, во: James Thomas, Denise Thomas & Tom Hazuka (ed.) Flash fiction: Very short stories. (New York, London: W.W. Norton & Com pany, 1992) 12.

[4] James Thomas and Robert Shapard, “Editor ’s Note”, во: Flash Fiction Forward: 80 Very Short Stories. (W. W. Norton, 2006) 12.

[5] James Thomas, “Introd uction”, op. cit, 12.

[6] Reid, op. cit, 63.

[7] Joan Po pek во: “Flashshot Inter view”. (http://flashshot.tripod.com/jopop.htm ).

[8] Casto , op. cit.

[9] Да се види кај: Novica, Pet ković, “O klasifikaciji književnih tekstova i o njihovoj prirodi”. (Zagreb: “Umjetnost reči” XXVII (1983) - srpanj/rujan.) 136-137, курзив наш.

[10] Robert Kelly, во: Sudden Fiction. loc. cit. 240.

[11] Во време кога романот е синоним за литература, а должината – синоним за книжевна вредност, Чарлс Бакстер говори за конвенција, договор меѓу писателите и читателите а врз фонот на романот како доминантен жанр во сегашноста. „Барем со романот, должината е синоним на длабочината... Но, што ако должината, големата должина, е конвенција која не секогаш им е неопходна на материјалите туку е диктирана од авторовиот вкус или желба, конвенција паралелна со експанзионизмот, зградата на Емпајар стејт, и конвенцијата на јуначките индивидуалци? Што ако должината е особина на пишувањето која е вештачка колку и индивидуалниот прозен стил? Можеби должината е поврзана со врската меѓу авторот и читателот; можеби должината е своевиден пакт, согласие меѓу читателот и писателот, да се стори нешто за подолго време, како живот во брак. Или може да биде сведожба за писателовиот интерес за доминација.“ Charles Baxter, “Introd uction” во: Robert Shapard and James Thomas (ed.) Sudden Fiction International: Sixty Short-Short Stories. (New York, London: W. W. Norton and Com pany, 1989) 17-18.

[12] Во меѓувреме списанието Тренд (тенденции, рецепции, елита, новуми, дискурси), бр. 1-2/2009, цел еден тематски број посвети на најкратките раскази со поднаслов: „антологија на сто македонски кратки раскази.“ Објавените дела кои се пристигнати на претходно објавен конкурс не се подолги од две страници.

[13] Давид Албахари, „Предговор“, во: Најкраће приче на свету. (Београд: Граматик, 1994) 6.

[14] Дабески, op. cit.

[15] Pamelyn Casto and Jeff Fuller, “Short-short fiction” . (February 2001, www.writersdigest .com) 30.

Кога и да наидам на текст,

Кога и да наидам на текст, објавен од Кујунџиски, ми доаѓа слатко да се насмеам. Пред очи ми иде неговиот лик, неговата појава, како еуфорично и ентузијастички ми ја нудеше сопствената книга на овогодинешниот саем, притоа, лепејќи и' епитети од типот:одлична, неизвесна и сл, додека јас во главава се обидував да се натерм да поверувам дека тој, всушност, навистина зборува за својата книга. Колку е тоа очајно...:)

Како не му е срам на тој

Како не му е срам на тој човек да промовира своја книга. И не само тој човече. Идеш на друг штанд и гледаш автор кој страсно ги фали своите хаику како луцидни, гротескни. На друг штанд се збори енергично во роднинска комбинација на свои дела, наградени дела на сопруги, на бивши сопруги и тако даље. Кај трет цела фамилија поносно се удира во гради дека го држат најголемиот бестселер од својата мајка. Честврт се осмелил гласно и јасно најчитаниот колумнист да потпишува книги а еден од најетаблираните писатели го тагираат како најпродаван писател. Цела серија од автори и по други штандови фанатично потпишуваат, дискутираат, промовираат, фалат своите књиги. На крајот од очајот читатели место да шетаат со раце у џеб со мрчовина под мустаќи, се лажат и набавуваат книги од домашни автори. Срамота.
Предлагам да го гласаме Болд да стане министер во следната влада, да воведе ред во писателство и издаваштво. Под итно да удри забрана сите писатели да прават маркетинг на своите дела. Што ќе ни е литература, што ќе им се читатели на македонските писатели. Нека седат по дома и анонимно од фотелја нека тролаат и хејтаат 24/7 по се што ќе видат.
Навистина очај, ама за кого.

Ајде, ајде Окнаш(нема шанса,

Ајде, ајде Окнаш(нема шанса, Окнаш?!)Признај си дека е очајно...

Јас предлагам Окно да направи

Јас предлагам Окно да направи уште еден конкурс за куси-куси раскази! :)

Жарко честитам на трудот,

Жарко честитам на трудот, дали има шшанси да ми ја дадеш бар како фотокопија дел од цитирианите дела.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото