Дали масакрот на Брејвик ја промени норвешката политика?

22.07.2012 14:42
Дали маскрот на Брејвик ја промени норвешката политика?

Слабичок маж внимателно излегува од шумата и се искачува по карпите кон банката на островот Утоја. Тоа е местото каде на карпите се поставени свеќи и писма во сеќавање на 69-те жртви, кои тука беа убиени од Андерс Беринг Брејвик пред една година. Човекот е Јенс Столтенберг, норвешкиот премиер. Столтенберг е речиси сам на островот – придружен е само од човек со диктафон и советник за односи со медиумите. Тимовите со камери кои претходно го придружуваа се повлекоа. „Ова е само втор пат по терористичките напади како доаѓам на Утоја“, објаснува Столтенберг. „Претходно тука доаѓав секое лето од 1974 година. Тоа беше рајот на мојата младост, но сега стана пекол.“

Утоја и нападите се сега дел од норвешкиот идентитет и историја, вели Столтенберг, гледајќи кон темниот зелен фјорд. Тој не го спомнува Брејвик по име, реферирајќи на него само со „тој“. „Големо достигнување е на луѓето овде тоа дека – покрај фактот што уништи или повреди толку многу животи – тој не успеа да го промени општеството. Зашто тоа беше неговата цел. Норвешка ги одбрани своите вредности“, вели Столтенберг. Тој вели дека судскиот процес против Брејвик е, исто така, дел од тоа. „Покажавме дека поделбата на моќта може да функционира во еден ваков случај“, додава тој.

Популистите повторно добиваат поддршка
Секој кој сака да знае дали Норвежаните се променија по нападите на 22. јули 2011 година, може да научи многу од оваа средба со премиерот на карпите. Политичарите овде се се’ уште јасни во нивните намери. Тоа не е променето. Исто така, се чини дека довербата не е загубена. Во Норвешка не постои хистерија околу прашањето на безбедноста. Впрочем, во близина на Столтенберг нема да забележите вооружен телохранител.

Минатата година Норвешка го импресионираше светот. Не само со достоинствениот начин на тагување, туку, исто така, и поради јасното применување на демократијата, како и поради елегантниот начин на кој народот се постави кон судењето на Брејвик и неговите испади во судот. Неодамнешните анкети на јавното мислење дури укажуваат на тоа дека верата на Норвежаните во демократијата се зголемила во текот на минатата година.

Меѓутоа, дури и во една таква ситуација, последниве неколку недели се појавија пукнатини во сликата за толерантната и хумана Норвешка. Какво место зазема Брејвик, Норвежанец, во оваа Норвешка? Дали земјата, во која една петина од гласачите го дадоа својот глас за десничарската популистичка Напредна партија (FrP), се промени политички?

Пред неговата радикализација, Брејвик еден период бил член на младинската организација на FrP. Но, партијата неодамна доживеа нов пораст во популарноста. Една анкета покажува дека партијата има поддршка на повеќе од 22 отсто од гласачите, што е речиси два пати повеќе отколку на локалните избори кои се одржаа само неколку недели по нападите. Партиската шефица, Сив Јенсен, неодамна се појави на норвешката телевизија НРК, во интервју снимено на еден фјорд близу Осло, во кое таа гордо се пофали за неодамнешниот успех на партијата на анкетите.

Тиради омраза против Ромите
Историчарот од Осло, Ајнхарт Лоренц, кој го проучува десничарскиот популизам во Норвешка, е вчудоневиден од популарноста која партијата повторно почнува да ја добива. „Дури и ако не постои директна одговорност, тогаш има барем некаква асоцијација помеѓу ксенофобичната атмосфера која FrP ја создава и настаните од 22. јули“, вели Лоренц.

Едно друго прашање, исто така, моментално доминира на насловните страници на норвешки весници. Нив им беше потребно долго време да си го најдат своето место тука, но, исто како во Германија и во други делови на Европа, Ромите конечно пристигнаа во Осло. Овој настан предизвика тиради омраза на норвешките интернет форуми, каде Ромите се омаловажуваат и им се закануваат со смрт. Локалните жители, исто така, се непријателски настроени и кон номадските групи, кои најчесто потекнуваат од Романија. Шефицата на FrP, Јенсен, повикува Ромите да биде „депортирани“.

Како дојде до ова по манифестациите на единство непосредно по настаните на Утоја? Во еден дневен напис, поранешниот норвешки премиер, Торбјорн Јагланд, напиша дека, без оглед на одлуката која на крај судот ќе ја донесе околу психичкото здравје на Брејвик, „убиствата во Осло и на островот Утоја имаа општествена заднина“. Исто така, се поставува прашањето дали постои културна заднина на омразата и на предрасудите кои сега се насочуваат против Ромите, „имено, дали станавме толку богати и задоволни во оваа земја“, што луѓето го загубија фокусот за нештата кои се навистина важни, пишува Јагланд. Доколку не се во состојба да ја потиснат сиромаштијата, тогаш луѓето бргу ќе ја претворат во нешто „одбивно и криминално“, за да ја одржат сопствена слика за себе. Една жена интервјуирана на улиците на Осло го дели тоа мислење. „Ние не сме ништо подобри од останатите“, вели таа. „Иако честопати веруваме дека е така.“

Стијан Бромарк, колумнист во левоориентираниот весник Dagsavisen, смета дека нападите против Ромите се средство за канализирање на минатогодишните фрустрации. Иако луѓето порано (вклучувајќи ги и левичарските политичари) можеле без воздржување да се фалат во врска со „притаената исламизација“ во Норвешка, тоа стана табу по злосторствата на Брејвик. Норвежаните треба да научат како да имаат противставени мислења и да дебатираат без омраза, вели филозофот Хенрик Сисе. „Тоа е предизвикот кој стои пред нив“, додава тој.

Меѓутоа, сегашната тенденција е спротивна на ова мислење. Десничарската популистичка Напредна партија (FrP) закрепна од падот на популарноста кој го доживеа по терористичките напади на Брејвик. „Ефектот на 22. јули“ заврши, исто така, и за Лабуристичката партија на Столтенберг, чија популарност падна на нивото пред нападите на Брејвик. „Се чини дека, барем политички гледано, сè се врати онака како што беше порано“, вели политичкиот научник, Јо Саглие.

Столтенберг, кој се сметаше за малку крут во однесувањето, стана татко на земјата по нападите. Тој успеа да го утеши својот народ, делумно зашто и самиот беше лично засегнат: убиени беа и негови колеги од партијата. „Пред терористичкиот напад, Столтенберг од многумина беше перцепиран како стриктно економски ориентиран политичар, кој беше заинтересиран само за буџетот“, вели Саглие. „Но, по нападите, тој ја покажа и својата друга страна.“ Сепак, премиерот не можеше да се надева само на тоа, бидејќи денес се’ поголем број Норвежани поддржуваат промена на власта. Во јунските анкети, шефицата на Конзервативната партија, Ерна Солберг, за првпат беше попопуларна од Столтенберг.

Но во овој момент, стоејќи на Утоја, каде Брејвик застрела повеќе десетици млади луѓе, секојдневните политички превирања за Столтенберг се далеку од умот. „Чувствувам тага и длабок немир“, вели тој.

Извор: www.spiegel.de

Слични содржини

Општество / Европа / Свет
Општество / Европа
Општество / Европа / Став / Теорија
Општество / Европа

ОкоБоли главаВицФото