Страв наместо рамнотежа на стравот?

24.07.2012 08:47
Страв наместо рамнотежа на стравот?

„Русија и Kина ќе платат заради тоа што го поддржуваат режимот на Асад!“
Американската министерка за надворешни работи Хилари Клинтон ги изговори токму овие зборови пред околу три недели во Париз на конференцијата „пријателите на Сирија“.

Да го оставиме настрана тоа што речникот во разговорите меѓу членовите на улични банди е „попримерен“, од оној во високата дипломатија. Тоа што нè интересира е содржината. Но, таа содржина не е ништо друго туку јасна закана. Иако е неспецифицирана, сепак тоа е закана. Би било тешко во аналите од периодот на Студената војна да пронајдеме нешто слично, без разлика дали е изговорено од американска или од советска страна на сметка на другиот. А тоа беше време на блоковска поделба, време на две суперсили кои една со друга се држеа во клинч, во склоп со перверзната логика, наречена рамнотежа на стравот.

Биполарен...
Имено, и Советите и Американците знаеја дека другата страна има можност да лансира интерконтинентални ракети со нуклеарни боеви глави и дека сите тие не можат да бидат пресретнати. Но, и едните и другите знаеја дека оној „другиот“ ќе го открие нападот на време и дека тој ќе покрене противнапад.

Спротивставените блокови, на чело со двете неспорни суперсили натрупуваа наоружување, ги полнеа арсеналите, за веќе од седумдесетите години на минатиот век, со договор да почнат постепено да ги намалуваат, меѓутоа, задржувајќи го и понатаму overkill капацитетот (уште една прекрасна кованица од Студената војна која означува способност некој, во овој случај одредена земја, да биде „убиен“ неколку пати, колку и да звучи тоа нелогично, толку е и застрашувачки). Да, тоа беше време кога еден на друг се закануваа, но и едните и другите се плашеа.

Иако за време на познатата кубанска криза светот беше на работ на отворен уништувачки конфликт, сепак, до тоа не дојде. Заради рамнотежата на стравот. Заради едноставната формула: ако ме нападнеш мене, тогаш и јас ќе те нападнам тебе. Го знаеш тоа.

Со падот на социјализмот или тоа што се нарекуваше социјализам, се чинеше како светот, од ерата на биполаризмот, да преминува во период на униполаризам, а потоа се движи кон мултиполаризмот. Источниот воен блок (Варшавскиот пакт) се распушти, Советскиот Сојуз се распадна, земјите кои од дотогашниот таканаречен лагер, беа мотивирани од негативните искуства од времето на советската доминација, а сесрдно потпомогнати од Западот, го прифаќаа капиталистичкиот поредок во неговата неолиберална варијанта и влегуваа во Атлантскиот пакт кој, иако нелогично, го преживеа крајот на блоковската поделба и стана моќно оружје во рацете на земјата за која општо се сметаше дека е единствената преостаната суперсила - САД.

Таквото гледиште во основа и не беше погрешно, затоа што Русија во времето на Јелцин набрзина стана второкласна земја, во која царуваа сиромаштијата и корупцијата, воената машинерија рѓосуваше во депоата, а припадниците на армијата беа платени мизерно. Таквата Русија, без јасна надворешна политика и без амбиции и волја да биде водена, навистина не беше закана. Се чинеше како рамнотежата на стравот, наспроти објективно постоечките арсенали, да отиде во бездната на минатото.

Но, тогаш се случија две работи, иако не во исто време. Најпрвин (а неодамна и повторно) на чело на Русија дојде Владимир Путин, со јасна амбиција повторно да ја претвори Русија во држава, која ќе биде некој и нешто во меѓународните односи. Човекот кој потекнува од разузнавачката заедница го сфати нерасположението на мнозинството, заради опаѓањето на влијанието на Русија во светот и сиромаштијата што се ширеше. Започна, често и со популистички методи кои не секогаш имаа голема врска со прокламираната демократија, да им ја враќа самодовербата и националната гордост на Русите, а во светски рамки да се однесува како некој кој едноставно мора да биде земен во предвид. Почна да посветува особено внимание на вооружените сили, па дури и да ги модернизира.

... и униполарен свет
Западот беше затекнат од тоа, затоа што веќе почна да се навикнува на тоа дека Русија ја прифаќа, иако недоволно, употребата на Атлантскиот пакт, спротивно на целта за која тој беше основан и надвор од териториите на своите членки, без разлика дали тоа беше со благослов на Обединетите нации или не.

Од ирачката авантура, која само уште официјален Вашингтон ја прогласува за успех (иако, имајќи го на ум бројот на убиени Ирачани од соборувањето на Садам Хусеин, познатото тврдење на Буш дека на Ирак му е значително подобро без Садам, отколку со него, звучи исклучително цинично), преку Авганистан, каде ситуацијата од ден на ден е сè потешка, но несебично му се дава помош и речиси го прогласуваат за придружна членка на НАТО, па се до низата преврати во земјите од Блискиот исток, еуфорично наречени арапска пролет.

Во сенка на тоа, речиси незабележано поминува фактот дека во демократска Европа по кратка (но не баш демократска) постапка се тргнати оние шефови на држави, односно влади, кои очигледно не се согласувале со неуспешниот рецепт за излез од економската криза и се заменети со послушници, по правило од финансиско-банкарските кругови, за што некои аналитичари ионака сметаат дека тие ги влечат сите конци во глобалната игра. Од друга страна пак, на Романија, која овие денови сака да го смени својот претседател потполно демократски, веднаш ѝ се заканува запирање на натамошните интеграции во Европската унија.

Тоа нè доведува во ситуација кога мораме да се запрашаме: Дали беше погрешна проценката дека од биполарен свет (блокови), преку униполарен (САД како единствена суперсила) тргнавме кон мултиполарен (нови велесили, како Русија, Индија, Кина, Бразил, Јужноафриканската Република), односно дали биполарниот свет е подобар од униполарниот? Имено, сè оди во прилог на заклучокот дека престројувањата на меѓународната сцена, на што сме сведоци, одат во прилог на запирање на мултиполарниот свет, но и кон нови рамнотежи меѓу клучните фактори на светската политика (не стравот, туку влијанијата или економската моќ), а во корист на одржувањето на еден центар на моќ кој ќе му го наметне својот модел на остатокот од светот, без оглед на можниот отпор.

Таквото сценарио предизвикува страв („Ќе платат!“).
И затоа, наместо каков било заклучок, се наметнува прашањето: Дали рамнотежата на стравот беше подобра од стравот? Денес, тоа сè уште е само прашање. А одговорот можеби ќе го знаеме веќе утре.

Извор: http://www.novossti.com

ОкоБоли главаВицФото