Вертикалниот зелен ѕид во Париз

31.10.2012 11:46
Вертикалниот зелен ѕид во Париз

Релативно неодамна изграден, етнографскиот музеј Quai Branly на архитектот Жан Нувел, со богата збирка на наивна уметност од Африка, Океанија, Азија и Америка, се издига над густиот градски промет и над реката Сена со зелен ѕид висок 12 метри, кој воедно е едно од највпечатливите дела на францускиот ботаничар Патрик Блан. Инспириран од растителните заедници што во природата успеваат на влажни камени подлоги, Блан осмисли ингениозен систем, т.н. Mur Végétal, што го имитира природното живеалиште на билките, и тоа врз ѕидови од згради – како внатрешни, така и надворешни; оваа вертикална покривка со богата биоразноликост ја дизајнираше токму за да го отслика културниот диверзитет на музејската поставка.

Површината на самиот ѕид изгледа како некој да го свртел шумскиот тепих од мов за 90 степени и како внатре во него да направил геометриски перфорации што во реалноста се канцелариски простори. Но, ѕидот на Блан, кој инаку содржи 150.000 поединечни билки од 150 видови растенија, всушност е вертикална екстензија на вистинската „џунгла“ внатре во музејскиот комплекс што го проголта речиси целото здание на Нувел.

Зелената боја го обележа животот на овој страсен научник и изумител, па така, ја прошара и неговата седа коса. Што самиот Блан има да каже за своето дело, погледнете во видеото:

Технологијата е одговорот на Блан за предизвикот како на единствен начин да се заштити и изолира површината на ѕидот. За да може да создаде подлога за зелениот ѕид, тој спои два слоја на полиамиден филц со плочи од експандиран полистирен со дебелина 10 милиметри, што се прицврстени за метална потконструкција што го осигурува протокот на воздух меѓу ѕидот и растителната покривка. Филцот, материјал со висока капиларност, е основата на успехот на овој необичен еко-систем. Иригацискиот систем поставен на врвот од ѕидот осигурува постојан проток на вода што ги содржи сите макро-нутриенти потребни за успешен раст на билките, а во подножјето на ѕидот се наоѓа хоризонтален одводен канал што го собира вишокот вода.

Додека самата технологија фасцинира, токму естетиката на вертикалниот ѕид на Блан прави да ни застане здивот. Користејќи палета бои што се наоѓаат во природата – главно тонови на зелена боја – Блан наслика бројни фасади ширум светот, а најмногу во родниот Париз; и самиот Жан Нувел за интервенцијата на Блан врз неговото здание, вели: „Кога ќе додадеш малку цвеќе, луѓето се среќни“.

Изгубете се во зеленилото на профилот на Блан овде, а ако поминувате низ Париз, не го пропуштајте Quai Branly.

Извор: pogledaj.to

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото