Студент по медицина паднал на испитот по фармакологија затоа што напишал рецепт со разбирлив ракопис

22.11.2012 16:56
Студент по медицина паднал на испитот по фармакологија затоа што напишал рецепт со разбирлив ракопис

Скопје, 22 ноември 2012 година

Студент по медицина од Медицинскиот факултет во Скопје паднал на испитот по фармакологија затоа што на практичниот дел од испитот напишал рецепт со разбирлив ракопис.

Тој не го криеше своето незадоволство кога ни зборуваше за овој несекојдневен настан.

-Мислам дека не е фер. Ги научив сите можни групи на лекови, сите средни тераписки дози, дури и генеричките називи на лековите. Сè ми беше точно, а професорот ме бутна заради убавиот и разбирлив ракопис, зачудено раскажува овој разочаран студент.

Професорот веднаш излезе со контра-изјава во која тој објаснува дека е недозволиво еден иден лекар да пишува разбирливо и сите пациенти да ја разбираат дијагнозата.

-Некои работи не можете да ги научите од книгите. Во последните години, благодарение на интернетот, латинскиот јазик лесно се преведува, па шифрирањето мора да биде подигнато на повисоко ниво. Без оглед на тоа што овој студент, за време на предавањата и вежбите беше еден од најдобрите студенти и претендент за највисока оценка, не можев да го пуштам на испитот без практични знаења.

Професорот за време на вежбите го предупредувал студентот да не ги пишува рецептите со разбирлив ракопис, но овој не го послушал.

Таткото на несреќниот студент, кој е исто така професор на медицинскиот факултет, вели дека убавиот ракопис е проблем што го следи неговиот син уште додека тој бил во средното медицинско училиште, па затоа тој морал да „интервенира“ секогаш кога убавиот ракопис на неговиот син создавал проблеми.

-Ќе се обидам да поразговарам со дотичниот колега, со надеж дека тој ќе ме разбере и ќе ми излезе во пресрет, во спротивно, ќе размислам што ќе правам кога неговата ќерка ќе го полага испитот кај мене.

Адаптирано од: http://www.njuz.net