Нашата весела апокалипса (2)

23.11.2012 09:55
Нашата весела апокалипса (2)

Дали вистината умре? Не брзаме со таков заклучок. Толку елементи на нашата цивилизација не само што се осудени на смрт, туку и ефективно се гилотинирани, а подоцна - гледаме дека се живи и здрави.

А што да се каже за филозофијата, за метафизиката? Чистена е, секојдневно уништувана и тоа од најразлични причини: тоа го правеа емпиристите во XVIII век, Хегел, Маркс, сите можни позитивисти, Витгенштајн итн. И кутрата девојка, толку пати масакрирана, станува од гробот, несвесна дека одамна умрела и маршира (навистина, не знае во кој правец, ниту кој било друг го знае тоа, но тоа е друга работа).

И тоа не е сè. Ни велат, овој пат со израз на ученост, еруциција, научност (јасна работа) дека човекот повеќе не постои, дека постојат само структури; или, дека зборот „јас“ нема десигнат, дека не се однесува на ништо. Крај на историјата, крај на љубовта, крај на идеологијата... секаде трупови, секаде гробишта, а потоа сепак доаѓа до воскреснување. Дури и Бог, кого Заратустра го уништи пред нешто повеќе од пред еден век, убиван и илјада пати пред Ниче, а и подоцна, не остава впечаток на труп кој е одамна закопан; меѓутоа, секој голем уметник е единствен; уметничката имагинација е активна дури кога големите таленти наидуваат на поголеми тешкотии, расчистувајќи си го патот во масата на просечноста.

Кратко кажано, нашиот културен живот е интензивен, немирен, интересен. Според тоа, од каде нашата вознемиреност, нашата тага, нашето чувство на хаос, нашата malaise? Црквата ни вели: тоа е затоа што сте заборавиле на Бог. Не е сосема јасно што се причините, а што последиците. „Заборавивте на Бога“, ни велат „зашто Бог ограничува, незгоден е, ви наметнува обврски кои тешко ви паѓаат, иако не се тешки“. „Не е така“, можеме да реплицираме, „Бог воопшто не е незгоден. Напротив. Ни дава духовен мир, сигурност, чувство дека живееме во свет кој има смисла, во свет во кој владее доброто, иако е тешко да се увериме во тоа преку искуството. А што се однесува до обврските, вистина е дека сите сме грешници, како и нашите предци; тие умееја да излезат на крај со тоа, стапуваа во некои преговори со небото и ние можевме така: да веруваме во Бога не верувајќи, не сфаќајќи ги сериозно неговите барања“.

Во заборавањето на Бога не се отиде толку колку што се зборуваше за тоа. Социолозите многу пати ја критикуваа идејата за победничкото и неумоливо движење наречено секуларизација; укажуваа на тоа дека тој процес не се забележува во поголеми размери надвор од Западна Европа, дека секаде постојат спротивни тенденции, кои понекогаш, макар што не нужно, се непријателски расположени кон современоста и дека признанието и дека признаени се помалку или повеќе традиционалните форми на религиозност, а не оние кои се подготвени на поважни отстапки пред Просветителството.

Нашиот духовен хаос и нашите стравови сепак се реални. Можеби ни самите не знаеме од што се плашиме. Дури и ако ги оставиме на страна сите познати промашувања на современоста - загаденоста на земјата и воздухот, криминалот, вревата, губењето на авторитетот на политичките елити и партии, корумпираноста на власта, дрогата - ништо во нашиот интелектуален живот не изгледа добро, сè треба да се искушува. Религијата, ако воопшто се верува во неа, повеќе не е сигурна потпирка; науката стана неразбирлива и неинтуитивна за мнозинството; во историјата сè изгледа несигурно и подложно на ревизија.

Вртоглавата брзина на сите страни на животот сепак ни нуди патишта за бегство. Можеме да го поставиме прашањето: кому му требаат седумдесет телевизиски канали? Спонтаниот одговор дека никому не му се потребни мора веднаш да се отфрли: напротив, речиси на сите им се потреби, затоа што се начин на бегство од не-се-знае-што во не-се-знае-што или од еден во друг апсурд.

Несигурноста е белег на нашето време; подеднаков белег во смисла на срамниот жиг на челото на злосторникот и во мистичната смисла на раната.

Поминавме низ искуството на тоталитаристичките уредувања; она што во нив е ново не беше геноцидот или идеолошкиот геноцид, туку успешната техника на тоталитарното поробување на човечките умови. Нормално, тоа беше можно благодарение на тоа што тиранијата успеваше во своите раце совршено да ја концентрира политичката, економската и културната власт, вклучувајќи ги и системите на информации, образование, уметност, книжевност и сл. Таквиот деспотизам не беше можен порано; средновековна Европа, и покрај семи-теократските претензии на Црквата, ја зачува разликата помеѓу цивилната и духовната власт, а за среќа не пронајде ниту централистичко стопанско планирање; да ја пронајдеше таа институција, новиот век, заклучно со Просветителството, сигурно не би се родил.

Исто така, тешко е да се најде убедлив одговор на прашањето зошто тоталитарните режими се појавија токму во нашиот век. Би можело да се претпостави дека меѓу неопходните услови за нив беа и промените кои им овозможија на масите да учествуваат во политичките процеси, поточно, дека развоjот на демократските уредување во претходниот период го овозможи настанокот на антидемократското чудовиште.

Понекогаш го поставуваме прашањето дали тоталитарното искуство може да се повтори, или беше нешто исклучително во нашиот брутален век. Од една страна, таквото однесување се чини неверојатно, зашто не може да се воведе потполна контрола на системот на информации, што е апсолутен услов за тоталитаризмот; сите инструменти на т.н. информатичка револуција се распрскани, се наоѓаат во рацете на поединци. Освен тоа, се навикнавме слободниот пазар и демократските институции, помеѓу останатото и политичкиот и религискиот плурализам, да одат рака под рака и да бидат незамисливи еден без друг. Навистина, контрапример е Кина, во која варварскот деспотизам постои истовремено со пазарот, но можеме да си ја дозволиме утехата дека тоа ќе потрае уште некоја година и дека пазарот на крајот ќе изнуди демократски промени. Можеби. Моментално гледаме дека светскот слободен пазар работи во корист на Кина: голем број робови во кинескиот Гулаг произведуваат секаква стока за бадијала, односно меѓу конкурентите Кина е ненадмината. Така што слободниот пазар работи во корист на деспотизмот и ропството.

Ако ја изоставиме таа работа, цврстото уверување дека тоталитарната опасност е веќе помината, може да изгледа прилично смело. Вистина е дека победата на демократијата во Средна Европа или во Латинска Америка во последните години буди надеж: тоа е патот по кој ќе оди нашиот вид! Можеби, макар што не е сигурно дека ќе се случи тоа.

Сите знаеме дека нашето време е брутално, но насочено е и хедонистички; лесно забораваме дека слободата не е засекогаш загарантирана и дека нејзината одбрана бара постојана будност и смелост. Во нашите општества секогаш постојат сили кои се спремни да ја уништат; во моментов тие можеби изгледаат малку важни, но во секој случај големите економски или социјални катастрофи се способни молскавично да ги рашират: имаме видено такви процеси. Иако катаклизмите може да настанат од најразлични причини. Се навикнавме на штедроста на заштитничката држава, бараме сè поголеми и поголеми добра и услуги од државата. Меѓутоа, ни велат дека ќе биде сè потешко да се носи тој товар, пред сè од демографски причини, и дека во блиска иднина таа штедрост мора да се намали.

 

Тешко е да се најде разумна идеја и да се запре растот на и онака веќе гигантските градови, експлозивната концентрација на крајна беда во Третиот свет. Притисокот кој сè поголемото човештво го врши врз резервите на вода и воздух секогаш може да биде причина за некоја војна. Експанзијата на пазарот во соодветните услови исто така создава навредлива нееднаквост, опасна маса завист, едно од оние чувства кои предизвикуваат премногу деструктивна енергија.

Самата идеологија не е важна, зависи од случајните околности. Впрочем, научивме дека од секој идеолошки материјал може да се направи пендрек за претепување луѓе: тоа може да биде Бог од Стариот завет или дури - потешко, но можно е - Исус Христос, Куранот, нормално, и идејата за еднаквост, блескавата социјалистичка иднина, расата, племето, народот (пред сè’ народот, и тоа секојдневно го гледаме). Разумот исто така би можел да биде втемелувач на револуционерниот терор, како кај јакобинците, така и кај болшевиците. Просветителството, романтизмот, религијата - сè е погодно.

Самите симболи можат да бидат невини, нема ништо лошо во симболите срп и чекан, просто орудие кое селаните и работниците го користеле со векови; но, во посебни околности тие симболи станаа ознака на советската тиранија. Ништо лошо нема ни во свастиката, знакот кој можеме да го најдеме во разни древни цивилизации, како во претхеленските, така и во претколумбиските; сепак, нас тој симбол нè асоцира на ужасите на хитлеризмот.

Според тоа, повторувам: идеологиите и симболите не се важни. Идеологиите по правило се послаби од своите носители, аспирациите и интересите на тие носители. Нашето небо никогаш не било без облаци, така било отсекогаш и тоа луѓето секогаш го знаеле. Не велам дека летаме кон пропаст. Попрво - како Алиса во земјата на чудата - мораме многу да се трудиме и да трчаме брзо, за да бидеме на исто место.

(крај)

Кон првиот дел

Слики: Bob Orsillo

Овој текст на Колаковски е објавен во Gazety Njyborczoj, од 25-26 октомври 1997 година. На 23 октомври го прочитал на Варшавскиот универзитет, кој меѓу останатите го одбележува седумдесеттиот роденден на Колаковски. Таму бил еден од најомилените и најценетите професори до 1968 година, кога со гурпа други професори по филозофија и социологија е исфрлен, а потоа и приморан да емигрира. Се преселува во Англија и умира во 2009 година.

ОкоБоли главаВицФото