СК014 - мажи:жени - 100:0

23.11.2012 13:11
Скопје 2014, мажи-жени 100:0

Најспорниот проект на светот „Скопје 2014“ освен од културолошки, буџетски и архитектонски поглед е и родосквернавење и обид за славење на хомосексуализмот и полигамијата.

Големите работи (и белји) почнуваат случајно.

Скопје 2014 - Мажи:Жени - 100:0

Ако играњето со лего коцки ја развива интелигенцијата, тогаш архитектите и творците на белјата наречена Скопје 2014 се зрели да бидат примени на работа како советници на министерот за здравство Тодоров со IQ над 140 и кусур (такви тој си бара), зашто само такви генијалци од Центарот на Скопје можеа да направат џиновски громобран од милијарда евра или третина од буџетот на РМ, или пресметано во стоки: БЕСПЛАТЕН ЛЕБ И МЛЕКО ЗА ЦЕЛА МАКЕДОНИЈА ЗА ТРИ ГОДИНИ (1 милион лебови + 1 милион литри млеко за 2 милиони луѓе дневно = 1 милион Еур.; 1милион Еур делено со милијарда е 1000 т.е три години.

Е, ај што цела Македонија нема за леб (и млеко) 3 години, него нема ни разонода за јача половина, во огромниот лапидариум и пинакотека под отворено – педербал. Просто кажано, нема женски. Кога бев помлад јачината на журките се мереше по количината на женски, нема женски - тапа, има женски - топ. Е, ако оваа евалуаторска метода ја пренесеме на СК -2014- АА (да е Грујо Полат Алендар такви таблици би си стаил на мерцедесот), одма ќе видевме дека идејата е тапа. Ама ние сме си слепци уште од Самоила.

Од родова гледна точка СК 014 АА е тажна тенденција на доминацијата на немоќта (мажи) над моќта (жени); громобранската инсталација исто така претставува и доминација над неразумноста над разумот и на богатството врз сиромаштијата.

Во најголемиот градителски проект во Македонија (по Мавровскиот хидросистем и Кинескиот ѕид – нели, Македонија до Токија, Солун е наш, а за Тетово ќе видиме), покрај купчето дупликат згради (театар на 100 метри од театар, археолошки музеј, а стариот од седумдесетти години уште недовршен), леви мостови на 5 метри еден од друг, министерство за надворешни поголемо од собрание на РМ, најзначајно место заземаат скулптурите.

Ги има во сите бои и во сите материјали и од сите периоди: од Антика до вчера (не знам како не им текнало и некоја скулптура од иднината да стават), ги има и на коњи и на магариња, и пешки ги има, и на стол ги има, и на престол ги има, ма сегде ги има. Дури ги има и во Вардар – не, не, не фрлени, туку засадени како врби (оние за свирчиња) од 2,5 мега (мега =100.000) евра по комад и тоа крстени – Нада , Рада и Вера така нешто … или Вера е на другар ми Гручо мајка му, па ме буни. Како и да е, има и врби скулптури и крилати пегази и ники и лилјаци и вечни ватри и сè има, нема само две работи: споменик на Индијанците и женска скулптура.

Е, Индијанците ги сакам, али женските поише, ама ги нема ни едните ни другите… за дивно чудо, од над 100 скулптури во Скопје 2014 нема ни една имена женска скулптура, има една пред министерството за надворешни што функционира како кукла од излог, односно работа ѝ е да носи градска носија Αla Franka, шмизлите и слично се од пред 014 и едина изгледа ќе да е мајка му на ΑλεxαndροΣ Олимпија – ама и таа не уште стокмена.

Епа, ако е вака, а вака е, срамота е во државата која пропагира трето дете, се бори против правото на абортус, не дозволува и го колне до десеттто колено хомосексуализмот и хомосексуалците, да се немало женски скулптури. Резил е. Уште порезил е што женското тело, нели, отсекогаш е муза на уметниците, па вака само со машки скулптури уметниците си останаа неизмузени. Резил е најверојатно што и машките скулптури ги облакаме и соблакаме по потреба, но најголем резил по мене е што во една држава која се стреми да стане православна џамахирија претставуваме најголеми скулптури на светот на хомосексуалци и многубошци.

Ова е мојот став, а во следните видео интервјуа можете да ги погледнете и ставовите на: Рамадан Рамадани – колумнист, Искра Гешоска – теоретичар на културата, Ивана Драгшиќ - активист за женски и правата на малцинствата и Жарко Трајановски - активист за човекови права.

*текстот е дел од домашна работа на постдипломски студии и не мора да ги одразува ставовите на интервјуираните

Слики: Свирачиња

Извор: http://nikolapisarev.wordpress.com/

ОкоБоли главаВицФото