Авторегрутација

07.12.2012 10:12
Авторегрутација

Понекогаш настаните се редат како зборовите во една реченица. Понекогаш и до таа мера, што се чини дека се толку наредени, што можат со една реченица или збор да се опишат сите настани од некој одреден период. Да го споделам зборот за читателите, сами да можат да проценат дали тоа е и сега случај со последните настани и со зборот: авторегрутација!

Но, реткиот збор е како необичен патник на граничен премин. Токму тој е патникот што треба да го отвори и багажникот и сè што има со себе. Така и реткиот збор е токму тој, зборот, на кој треба да му се прикажат сите значења, што истиот може да ги понесе со себе.

Авторегрутација е само и/или себерегрутирање на човек, или на група луѓе, за некоја, според нив и од нив самите, замислена кауза или цел. Каузата, целта и идеалот не мора секогаш да се само замислени. Тие може и навистина да ги има. Но, хендикепот на авторегрутацијата е што тие и таквите, самите се регрутираат, згора на тоа по нивното сопствено толкување на таквиот идеал, кауза или цел. Вториот хендикеп е што тоа речиси секогаш е со преценето мислење за себе и дефинитивно, повеќе од тоа колку треба и за каде треба.

За да почнеме од најеклатантниот пример за авторегрутација, од неделава што помина, навивачите, ќе го спомнеме маалскиот фудбал, кога, нели, сите сакавме да играме како напаѓачи. Притоа сигурно, сите изгубени натпревари беа резултат на тоа дека немавме соодветна одбрана или голман?!

Здружувањето на навивачите, преку соопштение, беше токму тоа. Притоа, беше спротивно на самата срж на навивањето. Треба првобитно да навиваш за некого, за да си навивач, а не само да бидеш против некого. Вака ризикуваш да завршиш како Црвено-црната алијанса во Албанија. Ете, му текна на Сали Бериша да биде повеќе навивач и од нив самите, па деновиве ги скрши од ќотек, токму тие, првите навивачи. Така и тука, особено сега, кога и по странски весници („Гардијан“), веќе се пишува дека државни структури стојат позади навивачите во Македонија, може да има еден таков епилог.

Потоа, доаѓаат лесните случаи за споредба: Ѓорѓи Иванов и грнчарот, кој не ја остава МАНУ, ниедна грнчарија убава да направи - Блаже Ристевски. Првиот е, секако, поврзан со јајцето од Тирана. Од истиот тој град, каде што имало случај, тазе снобови, кои слушнале дека постои нешто што се вика јајце на око, па по ресторани почнале да бараат јајце на уво!

Грнчарот од МАНУ, пак, треба да каже докрај, колку ли неуспешни биле тие качачките банди, толку векови, што ете пропуштиле и му успеало на еден грнчар, преку ноќ, да стане и доктор и член на МАНУ. Заради тоа дека е неверојатно овој да бил секогаш академик и со векови да се скрие како грнчар, поверојатно е дека имал авторегрутација како академик, која, сепак, може да исчезне со лустрација.

Тешките случаи, не за споредба туку за одредба на степенот на тешкотијата, се, лично и персонално, поглаварите на најголемите верски заедници. Тие, по втор пат (првиот пат по настаните на Скопско кале), дофрлаат зборови како оние двајцата старци од балконот на „Мапет шоу“. И тоа токму кога другите, ете, гледаат да потсредат малку по тоа сцената.

Така, првиот човек на МПЦ, секако без да го коментира најголемиот скорешен верски инцидент, со нелегалната српска миса на Зебрњак, Македонија, коментира јајце на шасија. Авторегрутација. Тој, замислувајќи си дека државата е некој супермаркет, како во рајот, каде што само треба да си посакаш - не треба ни да се наведнеш, а камоли да платиш - повикува органи. Веројатно мислел и на министерот за одбрана, Фатмир Бесими, кој веќе беше во Тирана на прославата, секако придружуван од офицери на АРМ?!

Но ете, да замислиме дека нема ниеден Албанец, ни во Македонија ни никаде во светот. Орлите, ни да се веат, ни да слетаат. Пак и СПЦ, и Нишкиот договор ќе постои. И, секако, и вселенскиот патријарх, кој, ете, демантира лажни изјави?! Но, Албанци имало, и многу скоро ќе му се појават и Албанци, православни христијани, во Македонија.

На оној од ИВЗ, пак, требало да му текне дека и во најголемата можна Албанија, странските банки ќе си работат нормално. Исто ќе треба да се исплатуваат камати од кредити, како денес, така и во иднина, во секакво можно државно уредување. А побарувањата, пак, од вакафот, секако, се наплатуваат, прецизно се извршуваат, и во овој и на оној свет. Уште, како авторегрутиран читач на Божјата волја, треба да си знае дека Божјата волја е праведна и дека таа би се отсликувала само во праведно државно уредување. Така, тоа сигурно би било некоја правна држава со уреден архив, во кој би го имало и тоа официјалното писание на ИВЗ од 1982 година, каде што истиот овој Сулејман Реџепи се бори против албанскиот иредентизам?!

Пак, само лустрацијата е иљач за авторегрутација.

Слики: Thomas Allen

Извор: дневен „Фокус“, 06.12.12.

ОкоБоли главаВицФото