Концертна промоција на книгата „Меше на годината“ од Иван Шопов

20.02.2013 13:11
Концертна промоција на книгата „Меше на годината“ од Иван Шопов

На 21 февруари (четврток) во Кино Фросина (МКЦ) во 20:00 часот ќе се одржи (концертна) промоција на книгата „Меше на годината - поема со масни наслаги“ од Иван Шопов, во издание на издавачката куќа Темплум.

Музика: МНОГУ ВЕСЕЛА!
Промотор: Владимир Мартиновски
Готвачка: Ана Голејшка

Делови од книгата ќе читаат Иван Шопов и Ана Голејшка.

Жанровски, „Меше на годината” е флуидна, хибридна книга составена од триесетина песни во проза и повеќе куси прозни парчиња што само условно може да се наречат гатанки. Иако нумерирани, прозните секвенци функционираат како сосема независни структури, што допушта флексибилност во нивното восприемање. Текстот во голема мера се темели врз спојот на диспаратни и навидум неспоиви слики, ефектот на изненадување/ шокирање и употребата на иронија и хумор. И поднасловот „поема со масни наслаги” е изведен во духот на ироничната, но и хумористичната насока на значењата антиципирани во текстот. На стилски и поетички план авторот се надоврзува на надреализмот, па оттаму и концептот на игра како негов доминантен творечки принцип. На апсурдноста и бизарноста на светот, Иван Шопов во повеќе наврати одговара со бизарност, притоа провоцирајќи го вкусот на читателот, но истовремено нудејќи му задоволство и возбуда во вртоглавата игра на зборови и слики.