Човекот е марихуана која оди

25.02.2013 10:00
Човекот е марихуана која оди

Некаде до средината на осумдесеттите години на минатиот век, секој можеше да каже што сака за марихуаната. Така, најголем број од негативните ставови против употребата на марихуана за каква било цел доаѓаа (па и понатаму доаѓаат) од луѓето кои воопшто не пробале марихуана, но затоа имаа тврд и непроменлив однос кон неа. Во таа збирштина спаѓаат и оние кои гласно бараа забрана на оваа билка само за така да го свртат вниманието од своите проблеми.

Таквото општествено лицемерие на брилијантен начин го разобличи чешкиот режисер Милош Форман во „Соблекување“, неговиот прв филм кој го сними по доаѓањето во Америка. Во тој мал и недоволно познат филм, тој покажува како родителите развеселени ја користат истата таа билка која ја сметаат за најлош отров кога ја користат нивните деца. Пораката на Форман е сосема јасна: ако сакате нешто да критикувате или да забраните, утврдете сами за што станува збор. Не мора тоа секогаш да биде лично искуство, но барем соберете доволно информации, и негативни и позитивни. Тоа е единствениот начин да донесете разумна одлука, без оглед на тоа каков е официјалниот став на власта, училиштето, црквата или другите институции.

Кон средината на осумдесеттите (можеби и малку порано) работите се променија во научна смисла. Имено, тогаш е утврдено дека сите цицачи - особено луѓето - во себе имаат вроден канабиоден систем. Со други зборови, тоа значи дека човековиот организам самиот произведува сопствена марихуана, т.е. дека човекот е марихуана која оди. Пронајдени се два вида рецептори во мозокот, во ’рбетниот мозок и нервните ќелии. Тие рецептори се приспособено, да речеме така, за прием на анандамид, супстанца налик на THC (главна состојка на марихуаната) која нашето тело ја произведува во моментите кога треба да се бори против болки, анксиозност и депресија. Кога чувствуваме болка, телото лачи анандамид кој се врзува за канабоидните рецептори и придонесува за намалување на болката, но не трае долго затоа што го уништуваат ензимите со толкава брзина што телото не може само да создаде толку анандамид за да се „надуваме сами од себе“.

За тоа сепак е потребна поголема количина канабиноид која рецепторите ќе успеат да ја зачуваат од ненаситните ензими. Понатаму, дејството на марихуаната е добро познато: човекот се чувствува релаксирано, благо и ведро, па и чувствувањето на болката е значително поблаго. Поради тоа марихуаната е прогласена за медицинска билка и денес докторите во многу земји веќе рутински ја препишуваат за некои од најтешките заболувања, особено за оние со силна хронична болка. Исто така, марихуаната се покажа како ефикасно средство за заболените од сида, односно како средство кое го подобрува апетитот на таквите пациенти.

Државите кои сакаат да бидат видени како современи демократски творби ќе мораат да им овозможат на своите тешко заболени граѓани сигурен и со закон регулиран начин за дистрибуција на марихуана. Ако тоа не се направи, тогаш државата истовремено ќе ги наградува и казнува. Имено, пациентот кому му е одобрена марихуаната како лек, може да го купи лекот единствено од некој препродавач на дрога од улица (дилер) со што автоматски извршува прекршок и се доведува во опасност да биде уапсен. За да не се случува тоа, најдобро би било државите да донесат закон за декриминализација на марихуаната, со што би се утврдила количината на дотичната супстанца која би била законски дозволена. Исто така, секоја држава би морала да најде легален производител на марихуана кој би ги произведувал потребните количини на оваа лековита билка, но со одреден (висок) процент на THC, со што се обезбедува ефикасно дејстување на овој природен лек.

На крајот, да додадеме дека допрва се очекуваат понатамошни истражувања за можното антиканцерогено дејство на марихуаната, но дека првите наоди се исклучително охрабрувачки. Се покажа дека некои прочистени облици на главните состојки на марихуаната можат да ги наведат ќелиите на ракот (вклучувајќи го и ракот на дојката) самите да се убиваат, односно, самите да се уништуваат откако ќе престанат да се делат и да се шират понатаму.

Марихуаната е една од најинтересните и најтаинствените билки на нашата планета, која истовремено е и една од најкорисните билки кога станува збор за нејзината употреба во здравствени цели. Не постои ниту еден забележан пример дека некој настрадал од употреба на марихуана, но затоа постојат безбројни примери за напад врз неа и нејзините својства, од кои таа до сега секогаш успешно се бранела. Непријателите на марихуаната ја претставуваат во најлошо светло, зашто ако ја изгубат битката со оние кои ја поддржуваат марихуаната, тогаш можат да изгубат и на останатите фронтови. Нормално, не треба да се ликува поради тоа, бидејќи злоупотребата на наркотиците и понатаму претставува сериозна опасност и никогаш не треба да се престане со едукација на младите во однос на т.н. „тешки дроги“. Сите болести на зависност - вклучувајќи ја и употребата на алкохол и тутун - претставуваат голема опасност за општеството и не треба да се престане со борба против нив и криминалните активности кои ги следат. Меѓутоа, марихуаната дефинитивно не спаѓа во нив и не може да се толкува како прв чекор на пат кон наркоманијата. Тоа тврдење, кое непријателите на марихуаната постојано го повторуваат, едноставно речено, не е точно.

Извор: www.zivljenjenadotik.si
Слики: Anita Toke