„Народот“ и „елитата“

26.02.2013 13:13
„Народот“ и „елитата“

Впечаток е дека во моментов во Македонија „елитата“ и „народот“ стојат на различни страни. Во вжештената политичка борба естаблишментот се обидува да биде чат-пат неутрален и да преживее во „средината“. Но проблемот е што „средината“ станува сè потенка и на пат е кон исчезнување. „Средината“ ионака ја преживува тажната судбина на средната класа (пред дваесетина години во средната класа припаѓаа повеќе од 50% од граѓаните; денес таму се наоѓаат 10 до 15% од населението); дополнително „средината“ е стеснета заради радикалните политики на власта и постојаното осиромашување на сè поголеми делови од населението.

Зошто „елитатата“ е божем неутрална и не сака да се чачка со опасната власт? Најпрвин, од страв - режимот покажа дека знае да казнува; потоа, пропагандата на власта, парадоксално, поефикасно го испра мозокот на „елитата“ отколку на „глупиот народ“; најпосле, „елитата“ просто си го следи стомакот и послушна е кон господарот кој ветува храна. (Дополнителен проблем е што „храна“ има сè помалку. Сиромаштијата во Македонија е застрашувачка по обем. Оттука, од намалените ресурси, од голата борба за опстанок, веројатно и произлегуваат најголемите стравови, нараснатите пизми и бесови.)

Една од причините зошто естаблишментот и „народот“ се на различни страни е што ние имаме лажен, т.е. неспособен естаблишмент. Така што, стравот кај луѓето од естаблишментот, дека ќе ги изгубат позициите, е споен со стравот од разобличување на сопствената неспособност.

Добро е што опозицијата предводена од Бранко Црвенковски во оваа фаза од својата борба го става фокусот врз поширокиот слој граѓани, а не врз корумпираната и исплашена „елита“. Верувам дека естаблишменот брзо би се прешалтал на страната на опозицијата кога би им било ветено зачувување на привилегиите. Затоа велам дека е добро што опозицијата сега за сега не инсистира на гнилите компромиси со моќниците кои ја ишмукаа земјава како мушмула. Македонија се наоѓа во толку очајна состојба што компромисите со сегашниот гангстерски поредок би го стивнале и најминималното пламенче надеж во подобра иднина.

Ми се чини дека од тие причини Црвенковски е демон за режимот. Тој е единствениот политичар во моментов што има помин кај пошироките слоеви. Со политичари, на пример, налик на Стојан Андов, сплеткари без база и без каков било политички профил, секој режим може да договори сè што треба.

Режимот во моментов мисли дека сосема го контролира естаблишментот финансиски (преку системот на награди и казни) и медиумски. Она што режимот не може да го контролира до тој степен токму се пошироките народни маси кои се наоѓаат во речиси безнадежна состојба - ем екстремно осиромашени, ем под хроничен медиумски терор.

Пресудно политичко прашање е, значи, дали политичките елити ќе се договорат за мирен пренос на власта и за зачувување на постојниот поредок. Добрата страна на зачувувањето на поредокот и привилегиите е немањето страв кај луѓето, посебно оние од естаблишментот, главните опслужувачи на системот. Лошата страна на релативното зачувување на постојните односи на моќ е неправдата и продолжената агонија на системот кој функционира само за еден дел од населението.

Освен императивот над императивите, падот на злосторничкиот режим, многу важно ќе биде Македонија да се промени по рушењето на тиранијата. Тоа во голема мера ќе значи и изградба на поинаков естаблишмент, втемелен врз поинакви вредности од сегашните. И заради тоа, меѓу другото, важно е учеството на секој од нас во менувањето на земјата. Ако вистинските луѓе предводат и се позитивни примери најдолу, по улиците, јавните установи, фирмите итн., тогаш е голема веројатноста да ни бидат вистински и предводниците на врвот на поредокот.

Ризикувајќи да ја намалам енергијата на мигот и надежта во релативно брзото доаѓање на подобрата иднина, на крај сепак ќе ги наведам отрезнувачките зборови на најугледниот светски социолог Ралф Дарендорф, пророчки искажани уште во далечната 1990 година. Развивајќи ја теоријата на демократската револуција во својата книга „Размислување за револуцијата во Европа“, Дарендорф уште тогаш, во времето на големиот демократски ентузијазам, предвиде три клучни етапи во процесот на демократската консолидација. Првата фаза ја сочинува периодот на конституционалните промени, кога настапуваат правниците, и таа фаза не би требало да трае повеќе од шест месеци. Втората фаза е претставена низ времето потребно за спроведување економски и политички реформи; тоа е време за политичарите и економистите и таа фаза не би требало да трае подолго од шест години. Третата и воедно најдолга и најсложена етапа на демократската консолидација, ја претставува изградбата на цивилно општество и на политичка култура - за што се потребни најмалку шест децении. „Времето на правниците и времето на политичарите не значат многу без времето на граѓаните“, гласеше тогаш заклучокот на Дарендорф.

Слики: Свирачиња

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото