Дали хомофобите ги мразат и нив? (1)

23.05.2013 12:27
Дали хомофобите ги мразат и нив? (1)

Отсекогаш постоеле хомосексуалци. Меѓу човечкото население во секој момент живеат од три до четири проценти геј мажи, од еден до два проценти лезбејки, а бисексуалците сочинуваат околу еден процент од светското население. Меѓу оние кои го задолжиле светот со своите брилијантни умови, идеи, вештини, откритија се наоѓаат и припадниците на оваа популација.

Според едно истражување, постојат околу 1.800 славни геј личности, а тука се вклучени оние кои самите се декларирале така, но и оние за кои постојат цврсти докази дека имале хомосексуална ориентација.

Дали и тие се неприфатливи за хомофобите?

1. Ганди (1869-1948)

Мохандас Ганди, кој е познат како Махатма Ганди е еден од основачите на современата индиска држава и влијателен застапник на идејата за ненасилните протести при остварувањето на револуцијата. Тој бил голема инспирација за многубројни генерации демократски и антирасистички активисти, меѓу кои се вбројуваат и Матрин Лутер Кинг и Нелсон Мандела.

Махатма Ганди бил бисексуалец и ја оставил својата жена за да живее со еден бодибилдер со германско и еврејско потекло – стои во контроверзната биографија на водачот на индиското движење за независност.

Имал интензивна љубовна врска со Херман Каленбах, германски архитект и билдер. Тие живееле заедно две години во куќата на Каленбах и си ветиле еден на друг дека секојдневно ќе уживаат во нивната љубов „која ќе биде сè поголема и поголема... онаква љубов каква што светот сè уште не видел“.

2. Платон (427 п.н.е. – 347 п.н. е.)

Платон е антички грчки филозоф од Атина и се смета за еден од највлијателните личности во историјата на западната цивилизација. Тој му бил ученик на Сократ (Платон е заслужен за најважните податоци за овој филозоф) и основач на Академијата – првата институција од ваков вид – во која се школувал Аристотел.

Најпознатото дело на Платон е „Државата“, во кое тој изнесува една утописка слика за идеалното општество со кое треба да управуваат филозофите.

Платон сметал дека сексуално-љубовните односи меѓу мажите не се само извор на уживање, туку се и начин за емоционално поврзување и продлабочување на пријателството, и дека воедно претставуваат темел на кој се засноваат општествената и војничката солидарност помеѓу мажите.

Тој тврдел дека за исходот на битката од непроценлива важност е да се праќаат љубовниците да војуваат заедно, бидејќи тие тогаш се доведени во ситуација да се истакнат еден пред дург, како и меѓусебно да се заштитат, но и да ги инспирираат останатите на јуначки дела и на пожртвуваност.

Кога љубовниците би се бореле еден покрајј друг, би го победиле сиот свет, вели Платон.


3. Александар Македонски (356 п.н.е. - 10.06. 323 п.н.е)

Александар Македонски или Александар Велики е македонски крал познат по тоа што го освоил поголемиот дел од познатиот свет во негово време, па затоа се смета и за една од најважните и највлијателните личности во целата историја.

Тој имал 22 години кога со низа победи во одлучни битки ја победил персиската војска и на крај го освоил целото Персиско царство. Продолжил со освојувањата и стигнал дури до Индија, но војската која сакала да се врати дома, почнала да се буни.

Александар бил принуден да се врати назад до Вавилон. Неговата прерана смрт во 323 година п.н.е. им ставила крај на планираните нови походи и на идејата за освојувањето на целиот простор околу Средоземното море. Учител му бил и филозофот Аристотел, а помеѓу неговите училишни другари бил и Хефајстион, кој станал негов долгогодишен пријател.

Со оглед на тоа дека биле на истата возраст, тие не се вклопувале во вообичаениот образец на грчката хомосексуалност. Меѓутоа, може да се претпостави дека во младоста имале љубовна врска, а подоцна физичката страст созреала во блиско пријателство исполнето со взаемна почит и приврзаност – а Аристотел во своето дело „Етика“ вели дека ова било честа појава.

4. Оскар Вајлд (1854-1900)

Оскар Вајлд бил ирски книжевник. Стекнувајќи популарност како книжевник и естет во 1882 година отишол да предава во Америка. Откако се вратил од Америка живеел неколку месеци во Париз. Во 1884 година се оженил со Констанс Лојд во Лондон и добил два сина: Сирил и Вивијан.

За време на овие години Вајлд работел како новинар, а покрај тоа пишувал и поезија и драми. Во 1890 година го објавил своето најпознато дело – „Сликата на Доријан Греј“. Вајлд ја доживува својата најголема слава и го запознава лордот Алфред Даглас со кој започнува љубовна афера и станува свесен за својата хомосексуалност.

Пет години подоцна е осуден на две години принудна работа поради „настрано однесување“. По излегувањето од затворот се сели во Париз, каде и умира напуштен од сите.

Се верува дека Вајлд бил жртва на својата голема популарност помеѓу младите и на ширењето на пацифистичките идеи. Неговата наука за уживањето во „убавината и во моментите на страст“, според толкувањето од круговите на власта, водело кон размазеност и декаденција, а луѓето од тој вид биле прогласувани за лоши патриоти и незаинтерсирани пацифисти.

5. Марсел Пруст (1871-1922)

Овој француски писател во историјата на светската книжевност ќе остане забележан како авторот на романот со тринаесет томови под наслов „Во потрага по загубеното време“ кој го пишувал десетици години. Во 1919 година ја добил Гонкуровата награда за „В сенка на расцутените девојки“, а одликуван е и со Легијата на честа.

Бил болен во текот на целиот свој живот, пишувал во осаменост, а последните три години од животот ги поминал целосно изолиран во една соба обложена со плута. Не ја криел својата хомосексуална склоност, а еден од неговите најблиски пријатели бил неговиот собар кој непосредно пред неговата смрт залудно чекал неколку часа во предворјето на еден париски хотел.

Во своето капитално дело, покрај за останатите големи теми, тој пишува и за љубовта, како за хетеросексуалната, така и за хомосексуалната.

(продолжува)

ОкоБоли главаВицФото