Признанија

06.06.2013 12:12
Признанија

Десницата и левицата постигнаа компромис, што и да значи тоа. Овој компромис е разбирлив единствено ако се има предвид нивниот заеднички страв пред можноста од протести. Протестите не можеа да добијат подобро признание.

Во предвечерието на одбележувањето на 45-годишнината од почетокот на студентските демонстрации во Белград, добив едно неочекувано признание за моите заслуги во словенечките протести: некој нацртал кукасти крстови, неколку навреди и еден голем фалус на нашите прозорци во текот на ноќта. Уверена сум дека тоа е целосно несразмерно и дека јас навистина на направив ништо толку значајно. Но ете, некој мисли дека ние двајца сме „старците“ на некој. Ваквите нешта се случуваа постојано во текот на повеќе години: навреди на етничка основа, заканувачки пораки од Green dragons, тропање и кршење на прозорците – последица од животот во центарот на градот и на една важна станица за рутата на градските пијаници – на крајот на краиштата, но не и на почетокот на почетоците. Пред две години, некој му нацрта и напиша порака на мојот мачор, која го содржеше неговиот рудиментиран портрет, шолја кафе и знакот прашалник. Понекогаш може да се забележи одразот на мачорот во прозорецот, па не се ни осмелувам да помислам дали некој навистина сакал кафе со мене. Тоа само покажува дека не е сè толку црно – пораката беше напишана со бела боја... Потрошивме доста драгоцена српска ракија при чистењето на најновото признание.

Тоа се случуваше на денот кога поради четворицата прогонети од страна на воениот суд во Љубљана, илјадници луѓе излегоа на улиците, посебно пред судот на улицата Рошка, во јуни 1988 година. Дваесет и петтата годишнина ја одбележаа тие четворица, кои на зградата на судот тој ден поставија една плоча посветена на самите нив. ЈБТЗ (Јанша-Борштнер-Ташиќ-Заврл) си доделија признание, што е сосема разбирливо, бидејќи Јанша и Игор Бавчар (претседателот на Одборот за ослободување на ЈБТЗ, подоцна министер за внатрешни работи и архитект на проектот за бришење на Несловенците, а уште подоцна директор на Истрабенз и тајкун) беа обвинети за корупција. Пресудата за Јанша, за кого обвинителот предложи две години затвор и парична казна од 37.000 евра, ќе биде изречена во понеделник, за кога се предвидени и демонстрации од страна на неговите поддржувачи. Тешко време, признанијата се неопходни.

Со аферата ЈБТЗ бев поврзана од самиот почеток, од оној ден кога од прозорецот видов како го спроведуваат Јанша од влезот преку патот. Во тој период бев претседателка на Одборот за слобода на изразување при Здружението на писатели на Србија, каде членовите на нашето друштво, дури ни тогаш не размислуваа во национални рамки. Во Белград го забележав Јанша во друштвото на Владо Мијановиќ, а во Франција ги доведов Славој Жижек, Растко Мочник и Томаж Мастнак. На неславниот собир на Здружението на писателите на Србија, кога тие решија да ја бојкотираат словенечката култура, само јас говорев против тоа: дури не ме ни исвиркаа. Тоа беше моето признание.

Гротескната самопрослава на Јанша беше надополнета и од навредите упатни кон судот и кон правниот систем. Но, поданичката државна телевизија го одбележа настанот уште погротескно – го повика Бавчар, кој имаше неколку длабоки мисли за тоа како Словенија ги пропуштила своите шанси: му верувам, ниту му успеа да ги протера сите Несловенци, ниту пак успеа уште нешто да украде. Некој кој требаше да молчи за време на судскиот процес... Во меѓувреме, осудената милионерка Хилда Товшак (меѓу другото, го украла и фондот за семејството на еден босански работник кој загинал при градежна несреќа), го искористи периодот од неколку денови помеѓу две пресуди и исчезна. Министерот за правда и целата десница го искористија ова и го нападнаа судството, па наместо министерот да отстапи, Хилда се предаде, а судството беше дискредитирано во вистинскиот момент, пред пресудата на Јанша...

Во меѓувреме парламентот ја прифати убиствената комбинација предлози од поранешната влада, кои се однесуваат на урамнотежувањето на финансиите – кои сега се впишуваат во Уставот – и на темелното ограничување на референдумите. Работата е кристално јасна: да се спречи секое подобрување на социјалната држава, да се спречи демократијата. Десницата и левицата постигнаа компромис, што и да значи тоа. Овој компромис е разбирлив единствено ако се има предвид нивниот заеднички страв пред можноста од протести. Протестите не можеа да добијат подобро признание.

Извор: pescanik.net, 03.06.2013.
Фотографии: Jim Sumkay

ОкоБоли главаВицФото