Гласам за скопски трамвај!

24.06.2013 08:48
Гласам за скопски трамвај!

Избрзано и лекомислено многу градови по светот се откажаа од своите трамваи. Дрдорливата и ѕвонлива, по малку несмасна електрична играчка, се повлече од улиците не дочекувајќи ја ни стогодишнината на своето прво појавување, потисната од неговото величество бензинскиот мотор. Трамвајот замина во музеј, оставајќи ги само некаде своите шини по улиците, бидејќи се сметаше дека е поевтино да се залеат со асфалт отколку да се вадат...

Не само што Париз и Лондон повеќе ги немаат своите трамваи: и многу помалите градови сметаа дека колку што е можно побргу треба да се ослободат од ова деветнаесетвековно плашило и да ѝ направат место на сè побрзата инвазија на автомобилите. Трамвајот стана ретко животно, незаштитено со закон, кон чие исчезнување сите сакаа да придонесат. Го снема, така, трамвајот што сообраќаше меѓу Ниш и Нишка Бања и кој зиме имаше затворени „зимски“ вагони, а лете „отворени“, летни. Како што го снема и дубровничкиот трамвај помеѓу Пиле и Лапад, кој во летните квечерини ја искачуваше угорнината над морето, плискан по прозорците од гранките на олеандрите, носејќи на својата задна платформа цели гроздови прекрасно исончани девојки што се враќаа од плажа.

Но трамвајот сепак успеа некаде да се одржи. Белград секако не може да се замисли без кружењето на својата „двојка“, таа подвижна школа на политички вицеви, каде што, без оглед на сменувањето на патниците, се одржува една атмосфера на колективна разработка на дневните теми.

Нафтената криза од седумдесеттите и сè погласниот збор на „зелените“ ги потсетија градовите одново на тоа дека постои и сообраќајно средство наречено трамвај! Економските и еколошките причини ја имаат, несомнено, својата тежина, но нив нека ги кажат други. Јас гласам за скопски трамвај воден по колосеците на други побуди.

Би сакал да го видам трамвајот на скопските улици бидејќи сметам дека трамвајските линии би можеле да му ја вратат на градот неговата душа, опасно донесена во прашање со неговиот развој по земјотресот. Очекувам од трамвајот да ги поврзе неговите премногу разбиени делови, да ги донесе навечер неговите жители кон културните збиднувања, да го проникне со посилни врски на стари и нови склоности неговиот секојдневен живот.

Автобусот тоа не може да го стори. Автобуската линија е нешто ефемерно, препуштено на наумничавоста на машината и на човекот. Трамвајската линија носи со себе нешто редовно, регуларно и речиси прецизно во механизмот на градскиот живот. Стоејќи на трамвајска станица, никогаш не сте препуштени на безнадежноста со која е исполнето чекањето на автобусот: ако ништо друго, пругата е таа која гарантира дека возилото, сепак, мора да дојде.

Трамвајот е дел од градското живеење - во него, на еден згуснат начин, продолжува да трае обредот на заемната комуникација на жителите на градот. Автобусот е привремено прибежиште - тука никој со никого не се познава и сите мрзоволно чекаат да дојде нивната станица за да избегаат од обесчовечениот простор на принудниот престој.

Во однос на автобусот, трамвајот е едно навистина ведро средство на транспорт. Во него има нешто медитеранско, лежерно, дури празнично.

Трамвајот е нешто повеќе од средство за транспорт. Тој е институција. Тој може да биде дебатен клуб или место за медитација - во зависност од расположението на патникот и од околностите.

Со својата појава, со поклопувањето на насоките по кои се движи и основните градски текови, со ритамот на својот од, трамвајот му дава на градот боја, дух, белег. Затоа трамвајот, во сите градови низ кои минувал и низ кои сè уште минува, станал важен знак на распознавање во книжевната топографија на градот, речиси - книжевен јунак.

Како само јурат трамваите - петроградски и московски - низ стиховите на руските футуристи! Николај Гумиљов има чудесна песна - „Залутаниот трамвај“. Јурејќи како „темна крилата бура“, трамвајот во таа песна залутува во бездната на времињата и еден по друг под него минуваат мостовите на Нева, Нил и Сена. На станиците покрај кои минува тој трамвај што излегол од колосеците на секојдневјето може да се купи билет за „Индија на духот“. Во песните на раниот Мајаковски трамвајот ги плиска - со футуристичка надмоќ и со футуристичко уживање во скандалот - грмотевиците на луњите: тој во апокалиптичните залези, по улиците разбиени во искршоци, „во залет ги крши зениците“. Небаре излезен од некаква циркуско-панаѓурска претстава, застанат среде улица, „маѓосникот ги извлекува шините од челуста на трамвајот“.

Во музеите на големите градови постојат снимки на одамнешните трамваи со засекогаш вкочанетите лица на одамнешните патници. Но, постојат глетки во кои сè уште трепери живот и на кои некогашните трамваи одат по линии кои веќе одамна ги нема: не во музеите туку во книжевните дела.

Не постои во Москва, веќе одамна, линија по која трамвајот оди покрај Патријаршиските рибници - но во „Мајсторот и Маргарита“ на Булгаков тој сè уште врти тука како исполнувач на судбината на Михаил Александрович Берлиоз, завртувајќи го зашеметувачкиот вител на настани поврзани со една посета дојдена од „онаа страна“.

Покрај Нелсоновиот столб денес во Даблин не вртат веќе трамваите, но во Џојсовиот „Улис“ тие тука сè уште „ги затегнуваат своите лири“, ѕвечат и ѕвонат, пресечувајќи ја со своите патеки линијата на Блумовата даблинска Одисеја, играјќи ја во симболиката на ова дело улогата на Еол или на неговите ветрови.

Денес во Париз по булеварот Монпарнас одамна веќе не одат трамваи, но во надреалистичката проза на Бенжамен Пере „Си била еднаш една фурнаџика...“ токму по таа улица еден задоцнет трамвај сè уште бега пред чудовишната наезда на џиновски змии. Избезумениот трамвај ќе излезе од шини, трамвајџијата ќе ја изгуби контролата над колата и ова возило кое, несомнено, во својот карактер има нешто од анархизмот на авторот, ќе ја прескокне од залет Сена, ќе ја урне триумфалната арка Карусел, ќе го опљачка Министерството на финансии и ќе запре врз покривот на Државниот совет!

Низ стиховите на Блез Сандрар, тој поет на сите превозни средства на модерната епоха, се слуша „бесно ѕвонење на трамваите“, додека за Аполинер, во „Песната на лошо саканиот“ трамваите музицираат „со зелен оган врз ’рбетот“.

Во „Растворливата риба“ на Андре Бретон, на плоштадот Бастилја во Париз, трамваите имаат троли „во вид на самовилско коњче“ и се натпреваруваат во брмчење со една џиновска оса. Многу години подоцна Франсис Понж, во една песна во проза, ќе зборува за „аналогии помеѓу осата и електричниот трамвај“.

Во една песна на Борхес, полна со сеќавања за Буенос Аирес, трамваите „патролираат низ градот“, како некакви уморни воини, со трола на рамо.

Во сеќавањата за детските години во „Градина, пепел“ на Данило Киш, „низ опустените празнични улици се престасуваат еден со друг во бесмислени кружења малите трамваи, сини, жолти и зелени, свират мелодиозно во своите лири и ситно ѕвонат кога пред нив ќе се испречи густата празнина стисната во тесното грло на далечната преспектива на градските артерии“.

Модерната поезија од почетокот на векот е преполна со слики во кои трамвајот е магичен предмет од детството што ветува влегување во земјата на чудесната авантура. Ова не значи дека секој патник во идниот скопски трамвај, заедно со билетот, ќе добива улога на јунак во некој роман или можност да се препознае во стиховите на некоја песна. Но она што е сигурно - тоа е дека утрешниот трамвај ќе ја збогати духовната мапа на нашиот град.

Впрочем, Скопје имало некогаш своја трамвајска линија: некаде во почетокот на векот коњски трамвај одел по Илинденска, од Мостот до Идадија и назад. Возејќи се со него, навечер, кон кафеаните со ќебапчиња и пиво, некогашните скопјани замислувале дека преминуваат од Азија во Европа.

Да се надеваме дека новиот трамвај ќе нè однесе конечно во Европа!

И последен аргумент: трамвајот толку убаво ѕвони!

Гласам за скопски трамвај!

(1989)

Слики: Јуриј Шевчук

Слични содржини

Јавни простори / Фотографија
Јавни простори / Живот
Јавни простори / Книжевност
Јавни простори / Став
Јавни простори

ОкоБоли главаВицФото