Театарче

15.07.2013 11:25
Театарче

„Замисли ваква ситуација: кафеаната ќе умре, а ние сме уште внатре“, вака пред неколку години ламентираше еден мој колега на заедничката констатација дека бифето „Стар МНТ“, попознато како „Театарче“ или „Прљаво казалиште“, умира пред наши очи. За жал, иронијата на судбината направи колегата да почине пред неколку години, а кафеаната да продолжи да живее. Додуша, цело време во претсмртна агонија, ама сèуште жива.

 

Не би да кобиме, ама so почнувањето на пробите за претставата „Вечна куќа“ на Јордан Плевнеш, односно „преселбата“ на актерите во објектот на новиот Стар театар, крајот на последната боемска меана во Скопје е повеќе од извесен. Имено, актерството беше третиот столб врз кој се базираше „златното време“ на Театарче. Во најдобрите времиња, крајот на 80-тите и 90-тите години на минатиот век, главнината од гостите, всушност оние што ја привлекуваа најголемата клиентела, беа новинарите и графичките работници на „Нова Македонија“, потоа вработените во МВР (Одделението за матични работи) и, секако, актерите. Првиот удар беше распадот на НИП „Нова Македонија“, потоа уследи преселбата на „матичарите“ во зградата на Македонската радио-телевизија, а сега доаѓа и преселбата на ансамблот на Македонскиот народен театар, веројатно како завршен удар врз кафеаната, а со тоа и врз севкупната овдешна боемија. Ако воопшто сèуште постои. Од друга страна, кафеаната ја чинат луѓето, а не ентериерот. За жал, најголемите бардови на скопската боемија: Бранко Варошлија, Владо Чучков, Ладислав Баришиќ, Бранко Заревски, Живко Јаневски; Драги Костовски, Роберт Јаки, Небојша Јаконов... веќе извесно време не се физички меѓу нас, а се чини дека не успеаја да создадат квалитетни и достојни наследници.

 Сепак, карактерот на таа новинарско-полициско-актерска кафеанска клиентела и не може да биде никако поинаков, освен – боемски. Станува збор за луѓе што по природата на својата професија едноставно се предодредени за комуникација со широк слој луѓе. Во таа смисла тие се подеднакви магнети и за класични лузери, како и за архитекти, лекари, адвокати, академици... А суштината на боемијата е токму во тоа: на една маса заедно да седат академици, политичари, ѕидари, пилоти, полицајци, актери... и на една целосно рамноправна основа да расправаат теми во дијапазон од цените на парното греење, преку проблемите на сончевата енергија, до принципите на создавањето на македонската национална платформа. Во зависност од тоа колкаво количество пијалaк останало на масата.

 

Што се однесува до Театарче, тоа е типична кафеана која води сметка за суштината, а не за формата на работите. Во таа смисла, кафеанскиот ред од една страна е прилично либерален, а од друга прилично строг. Гужвата и во најдобрите времиња секогаш беше поднослива, но иако место релативно лесно се наоѓаше и тогаш, „староседелците“ вообичаено седеа на постојани маси – правило кое многу ретко се прекршува, освен во случаеви на нужда, кога вашата маса, ете, ја зафатиле „новодојденци“, без да ги знаат непишаните правила. Либералниот дух, пак, се гледа во тоа што во Театарче можете да седите сам со часови само со едно кафе, да ги исчитате сите весници што своевремено кафеаната редовно ги купуваше и да не се почувствувате непријатно дека ја држите масата толку време само со едно еспресо или дури само со – чаша вода! Исто така, може да се случи во празна кафеана буквално 16 луѓе да седнат околу една маса за четворица и тоа никому да не пречи (се разбира, кога доаѓаат еден по еден, а не групно). И уште нешто многу важно за оваа кафеана: во неа се задржа благородната кафеанска институција, наречена – рабуш. Фактор без кој не може да се замисли ниту една боемија.

 Кафеаната, сместена во централното градско подрачје, а сепак скриена, постои речиси пет децении, односно после катастрофалниот земјотрес, а речиси три децении нејзин заштитен знак се веќе легендарните Борче, Авдо и Мише: триумфиратот кој практично од 1985 година ја води меаната (иако денес само Борче фигурира како газда). Практично, Борис Лескароски, Абдула Чучуљ и Мишо Велјаноски (за оние што не знаат, нивните вистински имиња) првпат влегуваат во кафеаната како персонал на „Палас турист“, фирма која во тоа време започна да ја води кафеаната. За волја на вистината, и времето им оди во прилог. Имено, стариот „Букет“, веројатно најлегендарната боемска кафеана во Скопје, е дислоциран (на негово место е изградена зградата на „Нова Македонија“, денес зграда на Владата на Република Македонија), а на новата локација (кај сегашен „Рамстор“) веќе го губи својот „биртиски“ имиџ. Неснаоѓањето на „Букет“ и појавата на новата екипа во Театарче го прават своето. По распаѓањето на „Палас Турист“ (значи, некаде во почетокот на 90-тите години на минатиот век), управувањето со кафеаната го преземаат споменатите тројца. По конечното пропаѓање на „Букет“ (денес е луксузна пицерија на булеварот „Климент Охридски“) и преобразувањето на „Јоле“ (Клубот на уметниците) во монденска кафеана, Театарче остана единствената меана во централното градско подрачје на браникот на боемштината.

 

Во оваа смисла треба да се спомене уште еден фактор што не е толку својствен на боемските кафеани – гастрономијата, односно кујната на Авдо. Треба да се спомене дека Авдо е директен наследник на долгата и ценетата „ашчиска“ традиција на Драгаш, географски топоним што, своевремено, за гостилничарите на Балканот (а и пошироко) го имаше значењето што го имаше, на пример, Вевчани за ѕидарството. Ако барем еднаш сте јаделе во бифето на МНТ, тогаш ви е совршено јасно дека храната на Авдо е „чиста суштина“. Значи, не станува збор за содржината и обемноста на менито (кое е прилично скромно), туку за чистиот квалитет. Доволно е да пробате една летна манџа или макало, па да знаете за што станува збор. За шарската плескавица и останатите скараџиски гурманлуци тешко е и да се зборува.

Долго време за оваа кафеана се зборуваше дека е вистинската културна институција во бараката на МНТ, а дека театарот е само придружен елемент за нејзино збогатување. И така беше. Денес, без оглед дали бифеото „Стар МНТ“ ќе ја преживее преселбата на МНТ во новиот Стар МНТ, се чини дека ниту кафеаната ниту Театарот ја имаат онаа габаритност на културолошки гиганти во провинцијата наречена Скопје. Протерувањето на боемијата од скопските кафеани и нејзината замена со „некои нови клинци“, чиј највисок дострел се „фенси“ коктели, проследени со кафиња „што се јадат“, а не пијат, не е победа на „шминкерајот“ над урбаниот начин на живот, туку пораз на градот. Имено, умирањето на Театарче не значи ништо друго, туку дека сега владее некој друг систем на вредности – и кај новинарите и кај полицајците и кај актерите... Следствено: и кај политичарите, академиците, лекарите, архитектите, адвокатите... А тоа, ете, го гледаме секој ден. Во вакво време и во ваков свет, за Театарче навистина нема место.

На насловната фотографија: кафеана Идадија, 1932

ОкоБоли главаВицФото