Крадец

19.07.2013 09:12
Крадец

КРАДЕЦ

Од секое лице по една насмевка и солза зедов,
од секој допир по една подмолна болка...
Од секоја бессона ноќ украдов тишина
за море од солена совест и пенливи каења.
За секој момент по една рана, длабока и гола,
како мраморната долина што некаде таму ме чека.

Од една пијана брканица преку отворено поле
го позајмив чекорот и сè што ќе допрам
и денес мириса на блудна трева и пролет.
Од една разделба украдов презрива маска
што веќе не ни знам како да ја симнам.

Едно брзоплето врбово легло крај езерото
го ослободив од мирисот на полноќна песок,
дождот што ме испрати од најдалечната врата
ми го подари својот вилински виеж и ме спаси.

Ни кога спијам веќе не сум свој човек -
сонот ми бдее над заборавените биртии
и уште чека некој да се појави. Само чека...

Од последното утро со една скршена птица
наследив громови во свенативе очи.

А оставив ли нешто што живее од мене?

 

 

ПОВИК

Те чекам да поминеш, крвокоса, болест на разумов мој,
чедо на удари со молњи меѓу трепките, спремна
да уништиш или да бегаш, со прсти што спијат
под прстиве мои – трепет на последната средба.

Те чекам да дојдеш, отсуство од врвот на занесот,
како лигава опашка, оваа клетва се влече по тебе;
дојди на нечии крилја, или подмолна (како што знаеш)
и урни ги аромите на талкањата и мирот.

Те чекам, лажно-покорна, согласка во римите на очајот,
те чекам да се појавиш од тоа што беше навика,
а за брзо во разголена немост ќе се претвори без поврат.
Дојди, борово чедо, на лавина од смелост и презир
и распни го дождот врз зората на мојава крв.

Слика: Хадас Патрик

ОкоБоли главаВицФото