Кошмарен товар

08.07.2013 11:53
Кошмарен товар

Кошмарен товар

Креветот ни е брод што тоне в облаци,
или бура од допири – кога еден над друг
лебдиме без чувство за грешки и погледи.
А кога нешто ќе ми шепнеш... О, те молам,
само нека не е извадок од песната на крвта
или смрт што смрзнува меѓу нас како насмевка...

На еден или друг начин, ќе те загубам – знам.
Дали при некоја долга и здодевна разделба
со прстите во клопче и косите во молитва,
или на партија покер со демоните на твоето срце.
Ќе те загубам, но толку силно и добро,
што и во миговите на занес ќе ми се враќаш;

како непробојна маска од бои и притаен очај,
како бран дискорди на пругите од усната хармоника...
Ќе те оставам гола по карпите на моето детство,
или премрена, кај розите в прегратка. О, те колнам,
не го потценувај крикот на моиве празнини
и не викај ги ноќе усните од тешење уморни.

Креветот ни е дланка закопана во песокта,
пригушен пекол што расте до бессознание...
Лебдиме без чувство за срам и измами.
А кога ќе заспиеш... О, те молам, спиј!
Со нозете во прегработ на мојава утроба, спиј...
Пред или по изгрејсонце, ќе те загубам – мора.

 

* * *

Камелеонското тропкање на дождот
талка по празната страница.
Стаклото се валка во лицето на светот.
Таму надвор, некое дете на дланките
наизменично ги менува рајот и градот.

Сигурно, ти велам, можеш – ако сакаш,
а и мораш, ако веќе можеш –
да ме облечеш како ветво палто;
обвиј ги со мене рацете и вратот...

Да се преправаме дека светилката догорува.
Да легнеме што поблиску еден до друг,
иако и без тоа е пеколно како пладне на Меркур.

Кога ќе те прашам дали постои друга уста за мене,
само кажи ми дека сме неми од жед и чекање.

Кога ќе си одиш
                         со поглед остави

барем дел од каењето

                         за мене.

Слика: Хадас Патрик

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото