На Џони очигледно му е досадно

07.08.2013 09:53
На Џони очигледно му е досадно

Поминаа повеќе од дваесет години откако харизматичниот фронтмен на Азра порача - значи, тоа беше пред крвавиот распад на некогашната држава! - „веќе немам ни со кого ни против кого“. Со тоа на некој начин однапред даде одговор и на подоцнежното прашање - која страна ќе ја избере. Нормално, одбра некоја своја страна, останувајќи во доброволниот холандски азил, дистанциран од публиката за која, поради развојот на настаните на овие простори на почетокот на деведесеттите, знаеше да каже дека главно „не сфатила ништо“ од неговите песни.

Нема тука некоја голема гозба...

Во меѓувреме, сепак сними неколку албуми („Севдах за Паула Хорват“ 1991, „Анали“ 1995, додека последен со нови песни беше „Blasé“ од 1997), а во последните години почна со редовно објавување на десетици снимки од домашната работилница на каналот Јутјуб. Во Белград кон крајот на 2010 му е објавено и неговото четиринаесеттокнижие (кое можеше да се купи само како комплет), значи, четиринаесет книги со препеви и преводи на класична книжевност, со биографија во стихови (не се појави на промоцијата!), поради што е токму на суд, бидејќи, како што самиот вели, е измамен во финансискиот дел од приказната.

Што заради искрена носталгија, што заради потреба од сопствена промоција, го викаа безброј пати да настапи во Србија и Хрватска, нудеа интервенции кај претседателите на Србија и Хрватска, како и пасоши. Не сакаше ни да чуе. Медиумите исто така организираа вистински мали потери по него, му тропаа на вратата во Утрехт, го снимаа преку прозорецот на куќата во која живее уште од средината на осумдесеттите.

Никогаш не е потврдено, но сигурна е информацијата дека СДП пред неколку години го контактирала за да го убеди да настапи во предизборната кампања. Цената наводно не била проблем, а согласноста најпосле била. И тогаш, пред околу една недела, од ведро небо стигна веста: Бранимир Џони Штулиќ на Јутјуб објави нов албум, под наслов „Гозба“!

Во тие нешто повеќе од 48 минути нема баш премногу гозба, иако има доволно елементи кои потсетуваат зошто го сакавме Џони и сиве овие години, кога нудеше само продукциски нималку совршени обработки на народна музика од подрачјето на државата во која израсна, како и кавер поп-рок класики по негов избор, кои во некои случаи добиваа нова „патина“ и дополнителна емоционална вредност, додека некои обработки зазвучуваа баш карикатурално и речисиси неслушливо.

Всушност, петнаесетте песни на „Гозба“ се разликуваат од повеќето кои речиси во неделен ритам последните години ги објавуваше на интернет само со малку дотерана продукција, па така со акустичната гитара редовно се појавува и електрична гитара која ја разработува музичката тема, со придружни вокали, кои Штулиќ сите ги отпеал сам. Баш како што и сè отсвири сам.

Изборот на песни не нуди ништо ново за оние кои го следеле на Јутјуб. Комбинацијата од народни песни, потоа оние од раната фаза на Азра (од албумот „Сончевата страна на улицата“ од 1981, „Филигрански плочници“ од 1982 и „Рамно до дното“ од истата година), за жал, во овој случај повеќе е доказ дека на Џони очигледно му е досадно, отколку дека лидерот на новиот бран има нешто ново да ни порача. Впечатокот не го менува ни „Бисер амбра“ на Срѓан Сахер, кој неодамна на сите ѕвона ја огласи својата соработка со некогашниот фронтмен на Азра, секако, пред сè за да се обиде да го спречи движењето на својата кариера во надолна линија.

Избледени графити

„Гозба“ не е материјал без емоционална топлина. Додека некогаш јазикот на неговиот поетизиран бес беше експресивен, жесток крик на бунтовник, сега тоа е забележлива резигнација во гласот. Таа може да биде шармантна, баш како и акустиката на оваа, всушност, демо-снимка, но „Гозба“ е сепак материјал (бидејќи е тешко ова да се нарече албум!) кој без резерва би им го препорачал само на најголемите фанови. Оние кои слабо го познаваат опусот на Азра сепак прво би требало да го поминат „задолжителниот училишен материјал“, па дури потоа да ги преслушаат стилизациите на Штулиќ.

Меѓутоа, сите останати потрагата на „Гозба“ би можела да ги одведе до други, навистина впечатливи парчиња и верзии на Штулиќ, поради кои човек се чувствува почестен од благословот на инспирацијата. А тука се крие и одговорот на прашањето - дали Штулиќ ќе се врати. Кажете право, може ли човек воопшто да се врати на просторот од кој никогаш и не си заминал, иако последните графити на Азра се избледени или едноставно избришани?

Извор: Слободна Далмација

ОкоБоли главаВицФото