Ставрески по орање пие шампањско

28.08.2013 09:57
Ставрески по орање пие шампанско

Ајде честито, ДПМНЕ со помош на „Сахара груп“ на индискиот криминалец Субрата Рој си отвори нова пералница за пари на местото на некогашниот агрокомбинат „Џумајлија“.

Отворањето не можеше да биде посељачко и понавредливо за кој било човек со минимум добар вкус. Ставрески, оној министерот што делеше пластични корпи за ѓубре, прво се качи на трактор за симболично да изора дел од Македонија, а потоа наздрави со скапото шампањско „моет“, поточно, со „Дом Перињон“.

Тоа е таа дпмнеовска селендра која прво за народот се качува на трактор, а потоа на нива пие шампањско. Штета, изгледа дека не беше пристигната ниту една од 20-те илјади најавени крави од Холандија и од Америка, ама можеле да најдат барем една македонска, па Ставре и нејзе да ѝ се качи за сликање или барем да ја погали.

Што да се очекува од оваа, наводно, милионска инвестиција?! Што да се очекува од една криминална власт која има украдено и испрано милијарди евра од државата, а сега е во сојузништво со индиски криминалец кој има украдено и испрано милијарди евра низ светот? Па, веројатно да продолжат и понатаму да перат пари и да прават милионски криминал!

Видете, можеби индискиот суд ги замрзна милијардите на Субрата и целиот негов имот, но што може индискиот суд покрај македонските преродбениците кои решија да му дадат на Индиецот и бесплатен имот и простор за перење пари. Дел од криминалот е веќе направен со тоа што 12 илјади хектари му ги дадоа по багателна цена од 121 илјада евра. Па, можеше комотно за тие пари да му се даде на домашен инвеститор, ете, нека биде и наш бизнисмен/криминалец од фамилијата. Зошто мораше да биде странец? Изгледа за подобро да се глуми лудило, демек доаѓаат инвеститори, се потепаа од инвестирање. Па, којзнае, бидејќи ова со млеково ќе биде - индиско ама наше, можеби и некое милионче од субвенциите ќе потече накај Џумајлија.

Како и да е, преродбенициве сега пак ораат, садат, глумат лудило дека за три години ќе никне чудо и ќе се влеат стотици милиони евра, а на крај сè ми личи дека фамилијата ќе ожнее или, поточно, ќе го собере кајмакот, а државата повторно ќе ја остави без млеко. Од ДПМНЕ велат дека ќе се произведувало млеко за цела држава, Македонија ќе извезувала млеко, ќе се вработеле 2 илјади луѓе.

Чекајте, да ви кажам еден податок! Груевски не случајно не се појави на отворањето на оваа историска инвестиција. Ставрески не случајно пиеше шампањско наместо млеко. Последниот пат кога Груевски пиеше чаша млеко и зборуваше за производство на млеко, го дозволи криминалот „Сведмилк“ од каде се испумпаа 40 милиони евра, мистериозно исчезнаа два милиони евра млеко, и три илјади семејства останаа на улица без работа, без приходи и ден денес без да бидат обештетени.

Така, не млеко, не шампањско, рициново масло ќе пијат преродбенициве за да не ни текне на сликата од Груевски со чашата млеко.

Груевски еднаш пиеше за друштво, сега на Ставрески му е редот.

Слика: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото