Октиси, да ти се збоктиси!

05.09.2013 05:14
Октиси, да ти се збоктиси!

Убеден сум и тоа го тврдам со години: меѓуетничките односи, или поточно, недоразбирањата и нетрпеливостa во Македонија не се диктирани од реалниот соживот и односите помеѓу граѓаните, туку од политичките махинации и интереси на ДПМНЕ.

Пред неколку дена, кога пишував за посетата на Ахмети во Атина и за коалициските односи помеѓу владините партнери, навестив дека веќе е видлива одредена тензија помеѓу двете владејачки партии. Сега, пак, настаните и тензиите кои траат веќе речиси две недели во струшкото село Октиси, како да ми го потврдуваат тој впечаток.

Не дека двете работи се тесно поврзани, туку баш затоа што овој пат не зависат стриктно од ДУИ, нешто ми е сомнително. Симптоматично ми е што овој пат меѓуетничка тензија и нетрпение се јавува во пашалакот на Тачи, и тоа во една од општините каде соживотот помеѓу Македонците и Албанците традиционално е најдобар.

Втора работа што е многу интересна е што неколку дена пред настаните во Октиси, премиерот најверојатно во предизборно својство, посети неколку села во Струшко, сè места каде Македонците се малцинско население. Којзнае, можеби тогаш паднал некаков договор?!

Како и да е, прашањето ми е: дали за политички конструираните меѓуетнички тензии кои до вчера ДПМНЕ ги оркестрираше заедно со ДУИ, сега Груевски си пронајде и поинаков и нов партнер во ДПА и Тачи? Како што со ДУИ меѓуетничките односи ескалираа на Калето околу црквата-музеј, сега слично нешто гледаме во Октиси, каде наводно мнозинското население се противи на изградба на црква.

Различни се причините, поводот е сличен, но овој пат премногу акцент се става на верската нетолеранција, нешто што донекаде е логично, ако се земе предвид како во последните години верските заедници предводени од МПЦ и ИВЗ комплетно се исполитизираа и партизираа. Крајниот резултат е секогаш ист, биле верски или не, тензиите на крај неминовно се претвораат во етнички.

Ако се земе предвид дека ДПМНЕ ѝ помогна на ДПА да ја освои Струга, нешто што претпоставувам дека беше дел од политичкиот договор за Тачи да не влезе во коалиција со Црвенковски, сега, со малку тензии за одвлекување на вниманието, новите партнери ја продолжуваат соработката.

Во секој случај, наскоро ќе добиеме и официјална потврда, општинската власт во Струга сè уште не е формирана, па доколку ДПА и ДПМНЕ направат мнозинство, тогаш тоа подразбира дека се своевидна коалиција.

Не можам да претпоставам колку и дали во иднина навистина ќе има сериозно приближување помеѓу ДПА и ДПМНЕ, но како што односите со ДУИ ќе се заладуваат, така и партијата на Тачи сè повеќе ќе добива на значење. А како подобро ДПМНЕ го истакнува значењето на своите партнери, ако не преку заедничко креирање на меѓуетнички тензии?!

Слика: Свирачиња