Др. Хаус

19.11.2009 12:51
Др. Хаус

 

ДОКТОР ХАУС

серија на Дејвид Шор

извршни продуценти
Дејвид Шор, Брајан Сингер, Пол Атанасио, Кејти Џејкобс, Даниел Сакхајм


КОЈ Е ХАУС?

Др. Грегори Хаус води дијагностички оддел во реномираната клиничка болница Принстон Плејнсборо (Princetown Plainsboro), позната, пред сè, токму по др. Хаус. Угледот кој го следи е попознат и од самиот Хаус: тој е мизантроп, расипан, самоволен, немотивиран, неугледен, зависник од лекови, саркастичен, и како водач е целосно несоодветен бидејќи баш му е гајле за меѓучовечките односи во клиниката. Главно доцни на работа, но затоа си заминува порано, гледа телевизија во работното време, претежно болнички сапуници, и тоа во соби во која лежат пациенти во кома.

Хаус одбива да носи лекарски мантил бидејќи не сака да го сметаат за доктор. Пациентите не го интересираат и, кога е можно, ги избегнува средбите со нив. И онака тие лажат. Она што го интересира се загатките, медицинските задачи тешки за решавање. Најочигледните решенија веќе се земени предвид од страна на неговите колеги и се отфрлени.

Кога ќе се чуе тропотот на копита, би требало да се помисли на коњи, а не на зебри – тоа се учи во првиот семестар на студиите по медицина. Но ние овде не сме во првиот семестар. Хаус го интересираат само зебрите! Колку се позаплеткани и поопасни по живот симптомите, толку подобро. Тогаш тој со својот тим поставува дијагнози и прави сè за да реши одреден случај, што по правило го следи и излекување – а тоа е многу практично за пациентите. Хаус ги крши правилата, насоките, а по потреба и законот, а со своите самоволни постапки ја излудува својата претпоставена. За да размисли добро околу некоја работа, тој само седи во канцеларијата и си игра со црвената топка.

Медицински гледано, Хаус е гениј. Освен тоа, зборува и неколку странски јазици, свири клавир, гитара, игра видеоигри и го поминува своето слободно време забавувајќи се пред телевизорот, како што и се очекува од образован светски човек. На работа ја гледа сапуницата General Hospital, дома натпреварувањата меѓу камионџии, борење и порничи. Парите ги троши првенствено на проститутки.

Откако ќе доживее мистичен инфаркт, кога му одумира еден мускул во ногата, Хаус тешко се движи. Оди со бастун, има чести болки кои се обидува да ги намали со големи количини Викодин, таблети против болки од кои е зависен. За жал, во неговите должности спаѓа и работата во болничката амбуланта, каде доаѓаат пациенти без социјално осигурување и со безначајни проблеми кои го нервираат. Хаус често наоѓа начин да ги избегне, но истовремено некои аспекти од тие безначајни медицински проблеми го наведуваат на решение на големиот случај со кој е зафатен во исто време.

Кон интернетот Хаус се однесува противречно. Од една страна го мрази бидејќи таму пациентите наоѓаат половни информации наместо да се обратат кај него. Од друга страна, на интернет секогаш има порничи.


АКТЕРИТЕ ВО СЕРИЈАТА

Хју Лори (Др. Хаус) – роден 1959

Британец. Американските продуценти не го ни забележале кога се пријавил на аудицијата праќајќи видеоматеријал што го снимил во бањата на хотелска соба. Лори добро го крие својот британски акцент што гледачите тешко можат да го препознаат. Пред да стане една од најголемите ТВ ѕвезди воопшто, во својата татковина беше една од големите ѕвезди на комедијата. Со Стефан Фрај, пријател од студентските денови, создаде успешно комичарско дуо кое од 1989 до 1995 г. настапуваше во успешната серија скечеви A bit of Fry and Laurie. Заедно со Фрај и Роуан Аткинсон настапуваше во разновидни улоги на глупаk во Black Eder. На Нова година 2007-та кралицата Елизабета II го именуваше за офицер од редот на Британската империја, а во мај 2008 беше примен во редот на витезите, на свеченост во Бакингамската палата.


 

Лиса Еделстајн (Кади) – р.1967

· Играла споредни и гостувачки улоги во многубројни филмови и ТВ серии.
· Најпознати: Фрејзер, Зајнфилд, Итна служба, Али МекБил и Без трага.
· Улогата на Лиса Кади во Др. Хаус е нејзина прва долготрајна улога.


 

 

Омар Епс (Форман) – р. 1973

· Играл споредни и гостувачки улоги во филмови и серии, од кои десет епизоди глумел лекар во Итна служба.
· Епс уметнички се образовал во една њујоршка школа за која е снимен филм и ТВ серија.


 

 

 

 

Роберт Шон Леонард (Вилсон) – р. 1969

· Во Друштво на мртвите поети глумеше ученик кој најмногу беше фасциниран од театар, а за чие самоубиство беше обвинет професорот Китинг (Робин Вилијамс).
· Во Многу врева за ништо настапи со Ема Томпсон, поранешна девојка на Хју Лори.


 

 

Џенифер Морисон (Камерoн) – р. 1979

· Од мала добивала улоги во рекламни спотови, филмови и серии.
· Од декември 2006 до август 2007 била свршена со својот колега Џеси Спенсер, кој го глуми Чејс.

 

 

 

 

 

 

Џеси Спенсер (Чејс) – р. 1979

· Како и секој Австралиец, одредено време глумеше во сапуницата Соседи (Neighbours).

 

 

 

 

 

 

ПЕРСОНАЛОТ НА ХАУС

Покрај Хаус, главни дијагностичари се др. Алисон Камерон, др. Роберт Чејс и др. Роберт Форман, тројца млади доктори на возраст од околу триесет години. Тие се неговиот тим, негова десна рака. Од една страна, му требаат за да не мора лично да ги прегледува пациентите и за да може врз нив да ги префрли валканите работи. Од друга страна, големо задоволство му е да го истресе својот сарказам врз нив. Се разбира, со својата стручност и со својата посебност, сите придонесуваат во решавањето на случаите. Иако Хаус тргнува од тоа дека никој освен него не може да биде во право, тој цени кога му противречат и се расправаат со него.

Др. Роберт Чејс е најдолго во тимот. Тој е Австралиец, потекнува од богато семејство, а мајка му била алкохоличарка. Татко му го напуштил семејството, па како дете морал да се грижи за мајка си сè до нејзината смрт пред 10 години. Своевремено Чејс посетувал католичко училиште од кое бил исфрлен. Тој е подлизурко кој молчи кога е во недоумица и го прави она што го бара Хаус. Специјализација: интезивна нега.

Др. Алисон Камерон е докторка со чувства, малку заљубена во Хаус. Барем, таа е уверена во тоа. Како 20-годишна студентка била шест месеци мажена за човек болен од рак. Кемерон знаела дека ќе остане вдовица но сепак се омажила за него. Поточно, токму затоа и се омажила. Нејзина слабост се луѓе за кои верува дека може да им помогне и затоа не чувствува само наклонетост кон др. Хаус туку и кон смртно болните пациенти. Специјализација: имунологија.

Др. Ерик Форман е поранешен деликвент. На 16 години е уапсен поради провала. За разлика од Чејс, тој потекнува од сиромашно црнечко семејство. Го презира Хаус поради неговата незаинтересираност за чувствата на пациентите, но тие двајца се многу слични. Наспроти тоа, Фореман речиси секогаш има поинакво мислење од Хаус. Специјализација: неврологија. Форман станал дел од тимот зашто на Хаус му требал некој од улица. Хаус успешно сфатил дека досието за провалата на Форман е табу тема зашто тогаш бил уште дете. Хаус за провалата дознал само зашто успеал да извлече таков податок од поранешниот наставник по физичко на Форман.

Камерон ја добила работата зашто е многу згодна. Според зборовите на Хаус, таа може богато да се омажи или да стане фотомодел наместо да го измачува „своето слатко газе“ студирајќи медицина. „Занесните жени не студираат медицина освен ако не се психички толку ускратени колку што се убави.“

Чејс е во тимот зашто за него лобирал татко му.


Шефицата на Хаус

Др. Лиса Кади е незадоволна управничка и директорка на клиничката болница. Таа го вработила Хаус бидејќи била уверена во неговите способности. Во буџетот веднаш предвидела дополнителен износ за судските спорови, бидејќи Хаус секогаш троши повеќе поради исмејувањето на пациентите. Ја нервираат неговите вицеви за големината на нејзиниот задник и за длабочината на деколтето, и често мора да го откачува за со неговите потези да не ги усмрти пациентите додека се обидува да ги излечи. Иако Хаус и Кади се секогаш во непријателски односи и постојано се препукуваат, најлошо би било кога таа еден ден не би била негова шефица и кога би морал да научи да манипулира со некој друг.


Пријателот на Хаус

Трпеливиот др. Џејмс Вилсон го води онколошкиот оддел на клиничката болница Princetown Plainsboro и е единствениот пријател на Хаус. Всушност, не може да се објасни зошто тој се развел неколку пати, а сè уште не му го ускратил пријателството на Хаус, со оглед на тоа дека овој спрема него не се однесува ништо подобро одошто кон своите пациенти. Освен тоа, Хаус секогаш му изедува сè.


ПОСТАПКАТА НА ХАУС

„Знаевме дека ТВ мрежата бараше серија со истрага, и на Пол (Атанасио) му падна на ум идеја за болничка серија налик на полициски истраги. Осумничените беа бацили. Но, набрзо ми стана јасно дека ни е потребен и главен лик. Сакам да речам, бацилите немаат мотив.“
Дејвид Шор, интервју за Writer's Guild magazine

Серијата е замислена како крими-серија: слично на полициските инспектори кои го реконструираат злосторството и го бараат убиецот, лекарите постепено преиспитуваат индиција по индиција за да ги најдат причинителите на мистериозната болест и во склад со неа да ја одредат соодветната терапија. Исто како кај крими-сериите, речиси секогаш излегува дека првобитната трага била погрешна.

Всушност, сите епизоди на серијата се одвиваат по строг модел: некој ќе се онесвести или ќе почне да плука крв. Тогаш следи воведната шпица. Разновидните истраги ги исклучуваат можните причинители. Хаус и неговиот тим се наоѓаат во собата за состаноци поради диференцијална дијагноза, каде Хаус на бела табла ги испишува симптомите, не дозволвајќи никој да се приближи до таблата. Хаус е уверен дека го нашол предизвикувачот на болеста и започнува со терапија која во почетокот покажува резултати. Потоа состојбата на пациентот се влошува нагло. Хаус изнесува нова теорија и нуди целосно мрдната идеја за лечење на болеста. Кади го откачува, но Хаус наоѓа начин да ја спроведе својата терапија – или да најде алтернатива. Повторно неуспех. Роднините на пациентот губат целосна доверба во Хаус. Тогаш се случува нешто сосем неочекувано. Нешто што нема никаква врска со случајот, но го доведува Хаус до решението.

Она што серијата ја прави посебна, освен извонредната актерска екипа, духовитите дијалози и промисленото сценарио, е големата креативност благодарение на која авторите работат зададен предлог, како и генијалноста со која, од друга страна, секогаш отстапуваат од шаблонот.


ГРЕГОРИ ХАУС И ШЕРЛОК ХОЛМС

Ликот на доктор Грегори Хаус е базиран врз ликот на Шерлок Холмс. Но, интересно е што и Холмс бил замислен според ликот на еден лекар (доктор Бел, чија специјалност била дијагностиката) кого што авторот Артур Конан Дојл го познавал додека студирал медицина.

Авторот на серијата, Дејвид Шор, има изјавено дека отсекогаш бил обожавател на Холмс, сметајќи ја за единствена индиферентноста на самиот лик спрема своите клиенти. Сличноста се гледа во Хаусовото потпирање врз психологијата, дури и во ситуации кога не е веројатно дека таа може да се примени; во индуктивното заклучување; во одбивањето да се прифатат случаи кои се сметаа за неинтересни. Неговата истражувачка метода се сведува на логичка елиминација на дијагнозите во моментот кога се докажува дека тие се неможни. Холмс користел слични методи.

Други сличности:

Холмс свири виолина, а Хаус свири клавир, гитара и хармоника;
Холмс рекреативно користи кокаин, а Хаус викодин;
Холмс го има својот помошник Вотсон, а најдобриот пријател на Хаус е доктор Вилсон;
адресата на куќата на Хаус (221Б) исто така реферира на улицата на која живее Холмс.

Одредени епизоди содржат дополнителни референци на приказните со Шерлок Холмс. Главниот пациент во пилот епизодата се вика Ребека Адлер. Ирена Адлер е лик од првата приказна на Холмс. Во последната епизода од втората сезона врз Хаус пука лик кој се вика Мориарти, исто како главниот непријател на Холмс. Во четвртата сезона, во епизодата „Тоа е прекрасна лага“ Хаус добива книга од Конан Дојл како божиќен подарок.


ОкоБоли главаВицФото