Почина Срѓа Поповиќ

29.10.2013 11:52
Почина Срѓа Поповиќ

Адвокатот и борец за човекови права Срѓа Поповиќ почина во 76-та година од животот, по кратко и тешко боледување во Белград.

Срѓа Поповиќ (1937-2013) е роден во Белград. Завршил Правен факултет во 1961 година и станал партнер во семејната адвокатска канцеларија која во 1933 ја основал неговиот татко Миодраг. Набрзо станува најистакнат адвокат за човекови права во Југославија. По студентската побуна во Белград 1968 година следат апсења и судења, а низ градот кружи песничката:

ѕидови, ѕидови
никаде врата
викнете го, ве молам,
Срѓа адвокатот.

Тој го бранел младиот Зоран Ѓинѓиќ, но и Добрица Ќосиќ, Вук Драшковиќ, Миќа Поповиќ, Гојко Ѓого, Леонид Шејка, Воислав Шешељ, Михаило Марковиќ, Драгољуб Миќуновиќ, Небојша Попов, Коста Чавошки, Душан Макавеев, Жељко Ражњатовиќ Аркан, Фрањо Туѓман, Владимир Шекс, Доброслав Парага, Иван Звонимир Чичак.

Во светот станува познат уште во 1976 година кога се наоѓа на насловната страница на лондонски Тајмс, кој го опишува како „човек кој е долго жигосан во Југославија, бидејќи е еден од храбрите мажи и жени кои ги бранат прогонетите поради своите уверувања“.

Беше еден од најголемите противници на режимот на Слободан Милошевиќ, односно еден од првите интелектуалци кои на него укажуваа како на „голема опасност“.

Во 1989 година го основа неделникот Време. Често е прогласуван за предавник на српството. Поради јавните закани во 1991 година бега во САД, од каде се враќа по уривањето на Слободан Милошевиќ на 5 октомври 2000 година.

Во поново време беше застапник на семејството на убиениот српски премиер Зоран Ѓинѓиќ. Покренувањето на обвинение за вооружена побуна на ЈСО и истовременото повлекување на кривичната пријава против Воислав Коштуница, адвокатот Срѓа Поповиќ го смета за срам на српското правосудство.

„Во кривичната пријава против претседателот на СРЈ, Воислав Коштуница, како и шефот на воената служба за безбедност, Аца Томиќ, наведов докази кои укажуваат на тоа дека постоела врска помеѓу вооружената побуна на ЈСО и подоцнежниот атентат на претседателот на српската влада, д-р Зоран Ѓинѓиќ“, вели Поповиќ за Портал Аналитика.

Извор: blic.rs

ОкоБоли главаВицФото