„Би се викал Барбара“ - краток документарец за Фифи

19.11.2013 12:55
„Би се викал Барбара“ - краток документарец за Фифи

„Би се викал Барбара“ е краток документарен филм за двете најголеми желби во животот на едно 22-годишно момче од предградието на Скопје: најпрво да стане девојче, а потоа и популарна пејачка. Соочувајќи се со предизвиците на балканската реалност, таа се обидува да остане верна на она што навистина е.

Документарниот филм ја обработува животната приказна на Филип Јаневски - Фифи, трансродно лице од Скопје. Режијата и сценариото е на Ана Јакимска, а како нејзин асистент на режија се јавува Андреј Георгиев. Останатите членови на тимот се Бранко Костески - камера, Сашко Потер Мицевски - монтажа и Сандра Ѓоргиева - асистент на монтажа. Филмот е во продукција на Факултетот за драмски уметности - Скопје.

Ана Јакимска (1988) дипломирала Општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје со посебен интерес за компаративата како методологија на проучување на односите меѓу уметностите. Магистрант е на Факултетот за драмски уметности во Скопје, на катедрата за Филмска и ТВ режија.