Предности и недостатоци на интернет коментарите

14.12.2013 12:02
Предности и недостатоци на интернет коментарите

Една од најинтересните работи кои интернетот ги донесе се коментарите на читателите под текстовите. Неретко, тие се поинтересни од самиот текст и во нив се јавуваат некои генијални мисли кои можат да бидат во ранг со славните цитати од познатите историски личности. Од таа страна, коментарите донесоа не само демократија и отворена дискусија, туку и огромна дополнителна вредност која пред дигиталните медиуми остануваше само во тесниот круг пријатели на овие духовити луѓе.

На некој начин, тоа е современа верзија на Вук Караџиќ и собирање народни умотворби. Како што тој внимателно ги запишувал работите кои му се чинеле интересни, сега тоа го прави машина, врз многу поголем примерок, со огромна брзина.

Но, духовитите луѓе се ретки. За жал, реалноста е таква што просечниот интернет коментар дише со депресивен цинизам, пасивна агресија и отсуство на верба во основните цивилизациски вредности. За да се налета на интересен коментар кој навистина додава вредност на оригиналната статија, потребно е да се помине огромен коров составен од безлични стебленца без каква било хранлива вредност.

Еден од најдобрите примери како коментарите го загадуваат воздухот на интернет може да се види ако ги погледнеме текстовите од областа на науката. Која било убава, сериозна и интересна вест брзо ја губи секоја убавина по неколку прочитани коментари под статијата. Станува збор пред сѐ за феноменот дека секоја тема насилнички се турка на дневнополитичките проблеми и на „овие нашите“.

Еве, веднаш пример. Вест - „Откриена егзопланета слична на Земјата на 76 светлосни години“. Целата убавина и возвишеност на оваа вест престанува кога ќе се погледнат коментарите: „Да го испратиме Динкиќ таму“, „Овие наши тајкуни и таму веќе имаат купено плацеви“ и така натаму.

Или, на пример, веста „Откриен најстариот фосил на примат“. По сериозниот научен текст следат коментарите: „Тоа мора да е внук на Кркобабиќ“, „Дали тоа го ископаа овие фантомски багери од Колубара“ и слично.

Ова загадување на научните текстови не е случај само во Србија. Еден од најпознатите научни магазини, Popular Science, пред неколку месеци објави одлука за укинување на коментарите на својот сајт. Причината е токму ова што го опишав сега - банализација на секоја тема и сведување на научните факти на шпекулации и полувистини. Некои од основните научни премиси, како еволуцијата, генетиката, или климатските појави, почнаа да се доведуваат во прашање како во средниот век, бидејќи во коментарите се користат аргументи како Библијата, тајните списи и заговорите. А тука секогаш се и оние најбаналните како „што знаат тие научници, само ги трошат нашите пари на глупости“.

Ова се луѓе кои до појавата на интернетот можеле да држат говор само на домашни слави. Евентуално можеле овде-онде да се вклучат во некоја ТВ емисија на неколку секунди, бидејќи режијата веднаш ги исклучувала.

Меѓутоа, на интернет, владее едно длабоко погрешно правило за уредување на коментарите. Се бришат единствено коментарите кои содржат навреди, пцовки и напади на верска и национална основа. На ниту еден портал нема да прочитате дека „коментарите кои содржат депресивен цинизам, банални предрасуди и насилни обиди за духовитост нема да бидат објавени“. За жал, таквите се подеднакво страшни како и пцовките, и таквите ги има најмногу. Овде е исклучок „Политика“ и уште неколку медиуми, кои за среќа привлекуваат одбрана читателска публика, па овој ефект е многу помалку присутен.

Честопати некоја убава вест коментарите многу брзо ќе ја пребојат во сиви нијанси и ќе ја втопат во океанот на безнадежност и општо неверување во какви било вредности. Дали укинувањето на коментарите е решение? Мислам дека коментарите треба да се остават само на текстовите од дневнополитичките настани, како што фабриките се опремуваат со технологија која го сведува загадувањето на тесен, строго дефиниран простор. Алтернативно, коментарите можат да останат, но да се заострат критериумите за објавување - без депресија и негативна енергија таму каде што не им е местото. И нормално, за ваквите нешта како колумните и личните мислења - коментарите секогаш имаат смисла.

На тема интернет коментари погледнете го и текстот: Кажете ѝ го тоа во мртвото лице-слободно и без страв - Борис Дежуловиќ

Извор: Политика

ОкоБоли главаВицФото