Сноуден и Гринвалд (1)

30.12.2013 11:07
Сноуден и Гринвалд (1)

Едно декемвриско утро минатата година, Глен Гринвалд го вклучи својот лаптоп за да ја прегледа поштата – и донесе одлука која за малку ќе го чинеше приказната на векот. Колумнистот и блогер со бројна и посветена публика, Гринвалд, секојдневно добива стотици мејлови, многумина читатели тврдат дека го имаат „вистинското нешто“ за него. Понекогаш тие тврдења се покажуваат точни, но повеќето се глупости. Има и такви кои ветуваат но бараат внимателна анализа што одзема време, а Гринвалд, кој секое утро го затекнува поштенска поплава, речиси и воопшто да го нема. „Инбоксот е мојот непријател“, ми рече неодамна.

Така, на 1 декември 2012 година на Гринвалд му стигнала порака во која некој непознат му бара јавен клуч за енкрипција, или PGP, кој овозможува заштита на содржината на поштата. Гринвалд го немал и сега признава дека тоа не треба да биде оправдување со оглед на тоа дека речиси секојдневно пишувал за работи од национална безбедност и дека веројатно веќе бил на радарот на власта заради отворената поддршка на Бредли Менинг и Викиликс. „Всушност, не ни знаев што е PGP. Немав поим како да го инсталирам ниту како се користи“. Ми звучеше премногу комплицирано а во тоа време Гринвалд имал попаметна работа, пишувал книга за медиумската контрола на политичкиот дискурс, и редовна колумна за британскиот Гардијан.

„Ми изгледаше како да се Анонимусите“, вели Гринвалд. „Беше претерано таинствено, ’јас и уште неколку луѓе имаме нешто што би можело да те интересира...‘ Без никаква назнака за што се работи“.

Ја игнорирал пораката, но набрзо изворот му испратил упатство за енкрипција. Потоа му испратил и видео кое Гринвалд го опишува како „енкрипција за новинари“, а кое „ме водеше низ постапката како да сум комплетен идиот“.

Тој и понатаму не сакал да се занимава со сигурносни протоколи. „Колку што испраќаше повеќе, ми изгледаше сè покомплицирано. Сега треба да го гледам и проклетото видео...?“ Гринвалд сè уште не знаел кој е изворот ниту што сака. „Тоа беше catch-22: ако не ми даде барем нешто конкретно не ми паѓа на ум да ја оставам својата работа, а тој не може да ми каже ништо додека не инсталирам PGP.“

Така се вртеле цел месец. Најпосле, по повеќе неуспешни обиди да го привлече вниманието на Гринвалд, изворот се откажал.

Гринвалд им се вратил на својата книга и колумната, како и на жестоката критика на политиката на администрацијата на Обама за Гвантанамо и дроновите. Дури следниот мај, шест месеци од првата порака од анонимниот извор, Гринвалд повторно слушнал за него од една пријателка, Лора Поитрас, авторка на документарни филмови која ја контактирал изворот и ѝ предложил да се здружи со Гринвалд. Тие тројца се сретнале во живо во јуни во една хотелска соба во Хонг Конг каде Едвард Сноуден, таинствениот извор, им предал илјадници доверливи документи: изобилство податоци кои ја разоткриваат архитектурата на националната безбедност. Тоа беше „најтешкото компромитирање на доверливи информации во историјата на американската разузнавачка служба“, како што подоцна ќе го опише поранешниот заменик директор на ЦИА, Мајкл Морел, кое го соголи речиси безграничниот опсег на Националната агенција за безбедност (НСА) и започна глобална дебата за употребата на надзорот – наводната борба против тероризмот – наспроти индивидуалното право на приватност. Ова откритие беше и триумф на уникатниот вид новинарство на Гринвалд.

Глен Гринвалд е поранешен парничар кого месијанската одбрана на граѓанските слободи го направила херој во левите либертерски кругови – и го оддалечила од елитата на поширокиот политички спектар. Познат по својата борбеност, „живееше за да ги нервира луѓето“, како што вели еден негов колега. Беше многу успешен во изминатите осум години: ги напаѓаше и Буш и Обама, конгресот, демократите, the Tea party, републиканците, „либералниот естаблишмент“ и особено мејнстрим медиумите, чии новинари за време на интервјуата, ги обвинуваше дека им се потпикнуваат на моќниците. „Копнеам по омразата на тие луѓе“, вели Гринвалд мислејќи на малата, помалку инцестуозна заедница интелектуалци од Вашингтон, владини службеници, експертски советници и сите останати кои влијаат на јавното мислење, кои рутински ги држи на мета. „Ако не провоцирате реакција кај луѓето, не провоцирате ниту предизвикувате кого било, тоа значи дека вашиот труд е залуден“.

Таквиот став, на Гринвалд му донел огромна поддршка особено меѓу младите читатели полни со идеали и гладни за некорумпиран глас. „Има малку автори кои со таква страст кажуваат непријатни вистини“, ми напиша Сноуден, и самиот тој бил еден од долгогодишните читатели на Гринвалд. „Глен ќе ја каже вистината без разлика на цената, а тоа значи многу“.

Се разбира, истото може да се каже и за Сноуден кој ги збунува мејнстрим критичарите уште од моментот кога го откри својот идентитет. „Основачите на нацијата не ги создадоа Соединетите држави за некој осамен 29 годишник да може да донесува еднострани одлуки за тоа што треба да се објави“, пишуваше колумнистот на Њујорк Тајмс, Дејвид Брукс кој го смета Сноуден за претставник на „растечката популација млади дваесетгодишници кои ја живеат својата технолошка егзистенција во магливата земја помеѓу институциите од детството и семејните обврски на возрасните.“

За таквите каков што е Брукс, Сноуден е мистерија која вознемирува; меѓутоа, Глен Гринвалд веднаш го разбрал. „Немаше ни моќ ни престиж, израснал во семејство од ниската средна класа, сосема непознат, сосема обичен“, вели Гринвалд. „Дури не завршил ни средно училиште. Но, ќе го промени светот – тоа ми беше јасно“. Гринвалд знаел дека и самиот ќе учествува во тоа. „Целиот мој живот беше подготовка за овој момент“.

За човек кој живее како во роман на Џон ле Каре, Гринвалд има прилично убав живот. Се преселил во Бразил во 2005 година и живее на ридовите над Рио де Жанеиро, на десетина минути од плажата, во пространа четворособна куќа од дрво и стакло зад која се простира џунгла. Од куќата можат да се видат мајмуни, птици и мал водопад, а целиот простор, кој е уреден со малку мебел, делува како куќа на дрво. Внатре мириса на кучиња – ги има дури десет, а сите биле спасени од Гринвалд и неговиот партнер Дејвид Миранда, кого Гринвалд го нарекува „dog whisperer“ затоа што командува со нив како Цезар Милан. Кучињата го заземаат секој можен простор во куќата и ја потполнуваат домашната атмосфера; ги следат Гринвалд и Миранда од соба в соба и повремено хорски се впуштаат во весел лаеж без никаква причина (освен можеби затоа што живеат во рајот).

За разлика од јавната претстава за личноста која постојано предизвикува конфликт, всушност Гринвалд е прилично сладок во живо; се извинува заради состојбата во која е неговиот автомобил: малку чукната и набиена, црвена Киа која мириса на кучиња, со облека за тенис фрлена одзади и розева кутија за дискови за која Гринвалд (48) вели дека му припаѓаат на Миранда, кој има 28 години. „Јас сè уште ја слушам музиката што ја слушав во средно училиште – Елтон Џон, Квин“, вели, спуштајќи ги рамениците, и потоа и самиот се зачуди што „музиката никогаш не му значела особено“.

Од друга страна, политиката имала моќно влијание на него од раната младост. Потекнува од њујоршкиот Квинс, неговото семејство се доселило во јужна Флорида, во мирното гратче Лодердејл Лејкс, кое тогаш го населувале работнички семејства и добро ситуирани еврејски пензионери. Гринвалд, кој бил постарото од двете деца, израснал во мала куќа во поефтиниот дел од градот, каде неговата мајка – „типична домаќинка од шеесеттите и седумдесеттите која се омажила млада и никогаш не била на колеџ“ – останала да ги издржува своите синови работејќи, меѓу другото, и како касиерка во Мекдоналдс.

Идол во детството на Гринвалд му бил неговиот дедо од страната на татко му, Луис „Л.Л“ Гринвалд, локален градски советник и „еден вид типичен еврејски социјалист од триесеттите“, кој во име на сиромашните жестоко се борел против алчноста на „газдите-издавачи на станови“ кои го контролирале градот. Во средно училиште Гринвалд се впуштил во донкихотска кампања за место во градскиот совет, која ја загубил – но не пред да освои „морална победа“ со предизвикување на противниците. „Најважната работа која ја научив од дедо ми е тоа дека одбраната на слабите од оние кои имаат голема моќ, ќе биде најблагородниот начин да ги искористам вештините, умот и силата кои ги имам – и дека непријателството со моќните ќе биде мојот медал на честа“.

Тоа бил корисен совет за геј тинејџерот кој израснал во средината на осумдесеттите, на почетокот од епидемијата на сидата, кога за „хомосексуалноста навистина се размислуваше како за болест, па, едноставно веќе се чувствуваше осудата и изолацијата “.

Се разбира, геј тинејџерите на различни начини се справувале со својата сексуалност. „Некој од оние кои се согласувале со осудата си велеле себеси, „Господи, па јас сум одвратна, болна, дефектна личност“ – што е и причина за големиот број самоубиства меѓу геј тинејџерите“, вели Гринвалд. Другите ја избегнувале осудата преку создавање свој алтернативен свет – „ место од каде потекнува поголем дел од геј креативноста, затоа што овој свет не те сака“. Гринвалд избрал трет пат. „Одлучив да започнам војна против системот и институционалната власт која сакаше да ме исклучи. Наместо да им дозволам да ме осудуваат, решив јас да им судам, затоа што не го прифаќам фактот дека тие воопшто се во позиција да ми судат“.

Така започнала животната борба против структурите на власта, почнувајќи од наставниците со кои влегувал во епски битки заради „неправедните правила“. „Глен беше перманентен а ужасно непосднослив, ексцентрично дете, па во зависност од смислата за хумор, или го сакате или го мразите“, се сеќава неговиот пријател Норман Флајшер. „Веројатно беше најумното дете во училиштето, но вистинско чудо е тоа што успеа да матурира“.

Тврдоглавата природа на Гринвалд го направила ѕвезда на дебатниот тим, каде ги победувал опонентите и го освоил државниот шампионат. Се запишал на Универзитетот Џорџ Вашингтон во 1985 година и поминувал толку многу време во дебатите што му требале пет години за да дипломира. Заради тоа што го положил приемниот испит по право со речиси совршен резултат, се запишал на Правниот факултет на њујоршкиот универзитет, каде како веќе возрасен геј активист одлучил „да ја тестира автентичноста“ на либералната репутација на њујоршкиот универзитет, предводејќи успешна кампања со која покажал дека на компаниите од Колорадо треба да им се забрани регрутирање во кампусот – затоа што во таа држава бил усвоен амандман со кој се повлекуваат постоечките антидискриминирачки закони.

По дипломирањето, ја прифатил работата во парничното одделение на фирмата Wachtell, Lipton, Rosen & Katz, „најжестоката американска адвокатска фирма“ која застапувала гиганти какви што се Bank of America, JPMorgan и AT&T. Веќе во првата година заработката на Гринвалд надминала 200 000 долари, повеќе пари отколку што некогаш видел во животот. Но, за него животот на корпоративното право бил „тап и погубен за душата“, вели тој. „Не можев да се развивам, дури ни да функционирам во таков амбиент на контрола. Огромна е разликата помеѓу луѓето кои растат изолирани, што за мене беше непроценливо, и оние кои растат потполно привилегирани за да станат конформисти, без желба да преиспитаат, провоцираат или направат што било значајно. Таквите стануваат партнери во фирмите кои се занимаваат со корпоративно право“.

Во почетокот на 1996 година, тогаш 28 годишниот Гринвалд решава дека повеќе би сакал да ги поткопува моќниците отколку да ги брани нивните интереси на суд, па ја напушта Wachtell Lipton и започнува да работи сам. Иако големите фирми упорно го потценувале, добивал парница по парница – често заради тоа што ги потопувал противниците со приговори и стотици страници депозиции; од својот малуброен персонал постојано барал да носат одела, дури и во канцеларијата, за да наметне корпоративна дисциплина на правната практика насочена кон уставното право и парниците поврзани со граѓанските слободи. Пет години ги бранел правата на слобода на говорот и јавното собирање на неонацистите. Тоа било едно од достигнувањата со кои Гринвалд најмногу се гордее во својата адвокатска кариера. „За мене е херојски атрибут да се биде толку посветен на принципот кој треба да го применувате не тогаш кога е лесно, кога му оди во прилог на вашиот став или кога ги штити луѓето кои ги сакате – туку кога ги брани и штити луѓето кои ги мразите“.

Меѓутоа, правото дури и во својата најчиста форма насочена кон граѓанските слободи, на крајот се покажало како фрустрирачки потфат, со многу „неправедни правила“ а премалку разумни исходи. Поинтересни биле егалитаријанските расправии на интернет, особено по 11 септември. Гринвалд го открил тој свет во средината на деведесеттите кога, досадувајќи се на работното место, почнал да ги следи дискусиите на CompuServe, вклучувајќи го и Градското собрание, конзервативен форум кој го оформиле фондацијата Heritage и списанието National Review. Веднаш бил фасциниран од можноста да дискутира со противниците на абортусот и другите социјални конзервативци, наскоро Гринвалд почнал да поминува часови во жолчни дебати со бестелесните странци. Дури, на сопствено изненадување, се спријателил со неколку од нив. Сфатил дека интернетот можеби е единственото место каде правилата едноставно не важат. „Верувам во конфликт на идеи, а моите беа смислено проверувани“.

Дебатите во слободна форма се одвивале во виртуелниот свет токму во истото она време кога исчезнувале од општиот дискурс, потопен под бранот „национализам и шовинизам“ по 11 септември. Гринвалд прво почнал да согледува колку всушност нештата се промениле во политичката култура, по апсењето на „валканиот бомбаш“ од Ал Каеда, Хозе Падиља. „Самата помисла дека американски граѓанин би можел да биде уапсен на американско тло, и потоа со години да седи во притвор без обвинение, со одложен пристап до адвокат, секогаш изгледала како линија која не е можно да се помине“, вели Гринвалд. „Беше повеќе од очигледно дека токму тоа се случува, факт кој никој не го доведува во прашање. Тоа за мене беше моментот кога се запрашав, „што се случува во Америка?!“

Зимата 2005 година Гринвалд смислил како да ја напушти адвокатурата и заминал во Бразил. На вториот ден од својот седумнеделен одмор во Рио го запознал Миранда, згоден 19 годишен Бразилец кој играл одбојка на плажата недалеку од неговата крпа. Оттогаш се неразделни. „Кога ќе дојдете во Рио како геј маж, моногамната врска ви е последна на ум“, вели Гринвалд. „Но, знаете, љубовта не бара дозвола“.

Наредната година Гринвалд решил да се пресели во Бразил, каде не можејќи да се занимава со правото, го искусил блогирањето. Неговата прва блогерска недела, во октомври 2005 година, ја одбележало подигнувањето обвинение против Луис „Скутер“ Либи во рамките на истрагата против Валери Плејм. Гринвалд напишал подолг текст против обвинението на Либи од правен аспект, внимателно разградувајќи го конзервативниот аргумент; блогот бил линкуван на The New Republic пренасочувајќи илјадници читатели на неговата веб страница, Unclaimed Territory. Потоа, Гринвалд го насочил вниманието на разорното откритие дека НСА (Национална агенција за безбедност) ги шпионира Американците во рамките на тајната програма „прислушкување без судски налог“, со одобрение од администрацијата на Буш.

Програмата е разоткриена на 16 демекври 2005 година во статијата објавена во The New York Times, која ја напишаа истражувачките новинари Џејмс Рајсен и Ерик Лихтблау. Се покажало дека Times, под притисок на администрацијата на Буш и Буш лично, подолго од една година го одложувал објавувањето на текстот. Весникот конечно ја објавил приказната 13 месеци откако била напишана, една година по реизборот на Буш. „Тоа беше најнечесното нешто што Times го направил некогаш во смисла на предавство на сè што треба тие да претставуваат како новинарска институција“, вели Гринвалд. „Тогаш решив дека ми треба разјаснување што е вистина а што не е“.

Уште некому му пречело начинот на кој Times ја третирал приказната за прислушкувањето без судски налог – како и многу други, засновани на доверливи информации излезени во јавност; тоа бил Едвард Сноуден, млад човек, патриот, кој сонувал да биде шпион во странство. „Тие луѓе треба бидат стрелани во мадињата“, пишуваше Едвард Сноуден во 2009 година на еден интернет форум, тогаш 25 годишен компјутерски техничар, критикувајќи ги и анонимните извори кои доставиле информации и медиумите кои ги објавиле. „Објавуваат доверливи работи. Тоа не треба да се објавува во весниците... тие нешта се доверливи со причина“.

Продолжува...

Извор: http://www.rollingstone.com

ОкоБоли главаВицФото