Дали се оженив на Википедија?

03.12.2009 12:07
Wikipedia_2.jpg

Денес, кога додека работиме ни треба да провериме некое име или информација, секој од нас ќе ги побара на интернет, во Википедија. Ако сè уште постои некој што не знае, ќе го потсетам дека Википедија е онлајн енциклопедија која ја испишуваат, преправаат и допишуваат самите корисници. Тоа значи дека ако ја прочитате, на пример, одредницата Наполеон, и забележите дека некој податок не е целосен, или погрешен, се регистрирате, ја внесувате исправката, и одредницата ќе биде зачувана со тоа ваше дополнување.

Ова, се разбира, на злонамерниците или на лудаците им нуди можност да шират лажни вести, но гаранција, наводно, дава фактот дека милиони корисници постојано ја проверуваат нејзината содржина. Ако некој злобник би внел податок дека Наполеон умрел во Санто Доминго, наместо на Света Елена, милиони добронамерни корисници би побрзале да ја исправат оваа недозволена грешка (освен тоа, по неколку случаи на луѓе кои сметале дека непознати извршители ги наклеветиле, па се обратиле на судот, верувам дека некое уредништво ги проверува барем оние податоци кои на прв поглед изгледаат како клеветнички). Во таа смисла, Википедија би била одличен пример за она што Чарлс Сандерс Перс го нарече (научна) Заедница која благодарение на некоја своја внатрешна, органска рамнотежа, ги отстранува грешките, а ги потврдува новите откритија, на тој начин пренесувајќи го факелот на вистината.

Но, ако ваквиот заеднички надзор би можел да биде делотворен кога станува збор за Наполеон, дали тоа ќе важи и за некој Петре Петревски? Да земеме некој кој е малку попознат од Петре Петревски, но не е познат како Наполеон, т.е. авторот на овие редови. На почетокот ја исправував одредницата која се однесува на мене зашто содржеше погрешни и лажни податоци (така, на пример, пишуваше дека сум најстар од тринаесет деца, што всушност беше мојот татко). Подоцна престанав да го правам тоа, зашто секогаш кога од љубопитност ја проверував одредницата, наидував на нови лудории кои којзнае кој ги допишал. Сега пријателите ме информираа дека во Википедија пишува дека сум се оженил со ќерката на својот издавач Валентино Бомпјани. Оваа вест воопшто не го нарушува мојот углед – но со оглед на тоа дека се наклеветени моите драги пријателки Џиневра и Емануела – го тргав овој лажен податок.

Во овој мој случај не може да стане збор ниту за разбирлива грешка (како онаа со тринаесетте браќа), ниту за пренесување некои од постојните гласишта: досега никому не му паднало на ум дека сум се вдомил на тој начин, што значи дека непознатиот автор на Википедија ја допишал оваа лага за да објави некоја сопствена измислица, а не му паднало на ум податокот да го провери некаде.

Значи, колку можеме да се потпреме на Википедија? Веднаш можам да кажам дека јас можам да имам доверба затоа што постапувам како стручен истражувач: ќе погледнам што за таа тема пишува на Википедија, а потоа ги споредувам податоците со уште два-три сајта. Ако ист податок се појави на три места, многу е веројатно дека е и точен (само морам да водам сметка податоците на сајтовите што ги прегледувам да не се преземени од Википедија, да не пренесуваат некоја грешка). Корисно е и одредницата на Википедија да се провери и на италијански и на некој друг јазик (на пример, англиски). Таквите две одредници често се поклопуваат (едната всушност е превод), но понекогаш и се разликуваат, што би можело да ве наведе (иако е спротивно на вашата заколната приврзаност на виртуелниот свет) да се одвоите од компјутерот и податокот да го побарате во некоја печатена енциклопедија.

Примерот што го дадов се однесува на научникот кој одамна научи нешто малку за тоа како се истражува преку споредување различни извори. А што е со другите? Со оние кои веруваат? Со учениците кои со помош на Википедија пишуваат домашни задачи? Внимавајте: ова важи и за сите други сајтови, затоа одамна на моите студенти им советував да основаат центар за надзор на интернет во чии рамки би работел одбор составен од научници од разни области, кои би ја оценувале доверливоста на сајтовите (и би објавувале забелешки, исправки и дополнувања, или непосредно на мрежата, или во печатена форма). Но, веднаш да погледнеме еден пример: нема да бараме некоја историска личност како Наполеон (за кој Гугл ми нуди 2.190.000 сајтови), туку еден млад писател, за кој неодамна слушнавме, кога ја доби наградата Стрега за 2008 година, а тоа е Паоло Џордано, автор на романот „Осаменоста на простите броеви“. Има 522.000 сајтови. Кој ќе ги прегледа?

Некој би можел да помисли дека би било можно да се надгледуваат само сајтовите за еден автор за кој студентите често би можеле да бараат податоци и информации. Но, само за Перс, кој претходно го спомнав, има 734.000 сајтови.

Ете еден голем проблем чие решение сега за сега не може да се види.

4 септември 2009

Прочитајте го и интервјуто со Умберто Еко:

Сакаме списоци зашто не сакаме да умреме

ОкоБоли главаВицФото