Владата вложува 20 милиони евра во медиумски написи за проектот вреден 20 милиони евра

16.01.2014 16:18
Владата вложува 20 милиони евра во написи за проектот вреден 20 милиони евра

Скопје, 16 јануари 2014

Премиерот Никола Груевски и министерот за финансии Зоран Ставревски на денешната прес конференција соопштија дека веќе започна инвестицискиот бум, а првото вложување е владината инвестиција во медиумите.

„Мораме да создадеме поволна инвестициска клима, а не можеме да го направиме тоа ако постојат медиуми кои пишуваат дека состојбата во Македонија е лоша, судството и администрацијата се корумпирани и бавни, а законите не се почитуваат“, изјави премиерот Груевски.

Министерот за финансии Зоран Ставревски додаде дека 20 милиони евра ќе бидат вложени во медиумски написи на тема како се вложени 20 милиони евра, што според него е вистинска мерка за подобрување на инвестициската клима.

Власта верува дека променетата медиумска слика во Македонија ќе испрати силен импулс кон странските земји и ќе ги увери дека во нашата земја сѐ е во најдобар ред и ситуацијата е толку добра, што десетици милиони евра комотно се вложуват во испраќање порака дека сѐ е супер.

„Некои го поставуваат прашањето дали ќе им исплатиме средства на Сител, Курир, МРТВ и провладините новинари, со оглед дека тие веќе пишуваат за извонредно добрата работа на оваа власт. За нив не се предвидени средства од пакетот од 20 милиони евра, но може да размислиме за други вид поволности за нив, за да им ја олесниме одличната работа што до сега ја извршуваа“, објасни премиерот Груевски.

Бидејќи редакцијата на Пара вести отсекогаш се залагала за транспарентност, би сакале да напоменеме дека од споменатите 20 милиони евра, Пара вести добија 15, па отсега ќе пишуваат за медот и млекото кои течат во Македонија.

Адаптирано од news-bar.hr