Фелини за снимањето филмови

20.01.2014 16:00
Фелини за снимањето филмови

На 20 јануари 1920 година, во Римини, Италија, е роден филмскиот режисер Федерико Фелини, кој се смета за еден од највлијателните и најпочитуваните режисери на XX век. По тој повод, пренесуваме мал фрагмент од книгата „Да се направи филм“, која Фелини ја објавува во 1980 година.

Која е вашата филозофија во однос на филмот? Која цел си ја поставувате кога го снимате? Дали постои уште некоја скриена цел освен да ја забавувате публиката? Никогаш не знам како да одговорам на ваквите прашања. Мислам дека правам филмови затоа што не знам да правам ништо друго и ми се чини дека работите веднаш некако спонтано, најприродно отидоа во корист на таа неминовност. Веќе реков дека не мислев дека ќе станам режисер, но потоа, од првиот ден, од првиот пат кога викнав „Почнувај! Акција! Стоп!“ - ми се чинеше дека отсекогаш сум го работел тоа, за да не морам да работам ништо друго. Тоа бев јас, тоа беше мојот живот. Според тоа, кога снимам филмови, не си поставувам никаква друга цел освен да го следам тоа природно тежнеење да раскажувам приказни преку филмот, приказни кои ми се блиски и кои сакам да ги раскажувам во замрсена мешавина од вистина и измислици, желбата да зачудувам, да се исповедам, да се ослободам или да искажам бесрамен копнеж по задоволство, да заинтересирам, да поучам, да бидам пророк, сведок, кловн... Да засмејувам и да трогнувам. Зарем е потребен некој друг мотив?

Извор: FARE UN FILM, Einaudi, 1980.