Подигнувањето објекти на кејот ќе биде грешка на векот

04.02.2014 15:10
Подигнувањето објекти на кејот ќе биде грешка на векот

Од медиумите дознаваме дека со новиот ДУП на просторот пред Македонската опера и балет, на платформата, на самиот кеј на реката Вардар се предвидуваат административно-деловни објекти. Ние повозрасните архитекти кои сме работеле во тоа време, кога се проектирале и граделе објектите од културниот центар, должни сме да ве информираме за сите замисли, за целокупната концепција, за да можете да донесете издржан, конструктивен и зрел заклучок.

Согласно основната поставка на проектот на Кензо Танге, предвидено е формирање на јаки мега урбани структури кои ќе бидат носители на главните функции во централното подрачје: транспортен центар, трговски центар, културен центар, универзитетски кампус и друго. Локацијата на културниот центар во централното подрачје на градот зазема особено значителна и скапоцена положба, што наметнува одговорен и студиозен пристап кон програмското и ликовното решавање (тоа е постигнато со избраниот конкурсен труд). На левиот брег на реката Вардар и пред земјотресот имало објекти од културата: стариот театар, филозофскиот факултет, библиотеката и други.

Како почитување на традицијата на левиот брег на реката, предвиден е комплексот културен центар со опера, концертна сала, ексклузивна киносала, објекти за едукација – музичко балетско училиште и факултет за музички уметности, пратечки функции – продавници за музички инструменти, музичка опрема – сервисирање, книжарница за музичка литература, апартмани за гостувачки професори - уметници, апартмани за талентирани студенти, пропратено со простории за угостителски содржини.

Масите на филхармонијата, оперско-балетската зграда, киното, просторно создаваат некаква школка отворена кон Вардар, така што таа платформа е прекрасен простор за летна сцена. Значи, имаме простор заштитен од околниот сообраќај, ориентиран на свежината на реката, а притоа прикрепен на објекти од културата (училиште, филхармонија, опера и балет) што значи достапност до персонал, опрема и учесници. Вонредни погодности. Дали е тешко да се разбере дека тој простор треба да се сочува?

За жал, комплексот културен центар не е доизграден. Ако се изведе филхармонијата и пропратните услужно трговски дејности и ако се санира подот на платформата, просторот ќе може да заживее, ќе може цело лето да се изведуваат настапи и културни настани на отворен простор, пред реката, а за скопската клима нема подобро решение. Дали е тешко да се разбере дека тој простор треба да се сочува и заштити од непредвидени градби? Зошто сето тоа треба да го уништиме, зошто тој простор убаво замислен да го обезвредниме подигнувајќи објекти на кејот?

Да размислиме!

Ова ќе биде генерациска грешка. Грешка на векот!

Како заклучок: тој простор припаѓа на градот, на граѓаните и како генерација сме должни да го сочуваме.

Извор: Порта 3, 25.03.2009

ОкоБоли главаВицФото