6 клучни работи за успешен брак

05.02.2014 14:45
6 клучни работи за успешен брак

Што е тајната на успешниот брак и дали таа воопшто постои, е дилемата на секој што стапнал на лудиот камен или планира наскоро да го направи тоа. Иако многумина се согласуваат дека нема идеален рецепт за добар брак, сепак постојат некои ситници кои се заеднички за повеќето успешни бракови, а кои и вам можат да ви обезбедат долга и среќна заедница. Проверете дали имате барем една од нив.

1. Што повеќе деца

Се чудите што вашата прабаба имала седум деца и долг и среќен брак, а вашите родители кои ве имаат само вас се развеле? Тајната е во децата. Денес бременоста стана синоним за веридба, а истражувањата покажуваат дека колку повеќе деца имаат паровите, толку потешко одлучуваат да се разведат. Нормално, ова не важи во случај да имате пет деца од кои четири се од неговите претходни три бракови, или ако таткото на вашите деца не е вашиот сопруг туку колегата од работа.

2. Згоден комшија

Згодниот комшија или комшивка може да ѝ обезбеди на вашата врска постојан извор на страст подобар од која било секси долна облека што ќе ја облечете пред вашиот маж (кој и онака повеќе би сакал да гледа фудбалски натпревар од трета турска лига отколку да ве гледа вас). Овде единствено може да се јави проблем ако вие и вашиот маж одлучите да се преселите во некој друг дел од градот. Сепак, потрудете се да земете поголем станбен кредит за да спречите евентуално селење. Кредитите исто така можат да бидат една од работите кои ќе ви обезбедат долга заедница со партнерот.

3. Сиромаштија

Разводот воопшто не е евтин, а за адвокатските услуги подобро да не зборуваме. Не е случајно што сиромашните луѓе сѐ помалку се разведуваат. Затоа, не се грижете ако немате пари, дури ни ако се расправате поради тоа. Дури ни постојаните расправии, солзи и нервоза не се знак за иден развод, напротив. Поголема е веројатноста дека засекогаш ќе останете заедно.

4. Наглув маж

Еден од најсигурните знаци дека ќе имате долг и среќен брак е ако вашиот маж е малку наглув. Ова е посигурен знак дури и од флегматичноста на вашиот партнер и мрзата која го спречува да ви раскине. Некои заговорници на оваа теорија тврдат подобро од ова е единствено ако вашата жена има проблем со гласните жици, па зборува ретко и тивко.

5. Предбрачен договор

Има ли поголема сигурност дека заедницата ќе ви биде долговечна од потпишаниот договор кој ве обврзува да останете во брак најмалку 15 години или во спротивно ќе морате да платите повеќемилионска отштета? Ваквите договори можат да ви обезбедат и верен партнер или да ве принудат да бидете верни. Важно е само да не штедите пари за добар адвокат кој ќе биде на ваша страна.

6. Рана смрт

Сѐ додека некој по загубата на партнерот или партнерката не се венча повторно, раната смрт на партнерот фактички значи дека и понатаму сте во брак, до душа, како вдовец или вдовица. Ќе признаете дека нема поголема сигурност да останете во долга и среќна врска, од онаа кога сте сами во неа. Иако ова решение на многумина им изгледа морбидно, голем дел од луѓето тврдат дека доживеале среќа во бракот дури откако го изгубиле партнерот.

Извор: www.njuz.net