Конфликт заради војната

17.02.2014 09:10
Конфликт заради војната

Градоначалникот на Лондон, Борис Џонсон, бара повлекување на министерот за образование во сенка, лабуристот Тристрам Хант, Хант тврди дека ставовите на актуелниот министер за образование Мајкл Гоув се шокантни, Гоув ги обвинува историчарите од левицата дека „го омаловажуваат значењето на Британија и нејзините лидери“. Што е следно? Дуел в зори во кој противниците се тепаат со учебници по историја и едни со други си ги уништуваат митовите? Кој би можел да замисли дека Првата светска војна, стотина години подоцна, ќе предизвика такви страсти?

Проблемот во дебатата за Големата војна лежи во тоа што, она што едните го сметаат за мит, другите го сметаат за непобитна вистина. Или сите генерали биле магариња, или биле разумни луѓе кои дале сè од себе. Војната била колосална грешка или борба за важни принципи. Таквата поларизација можеби може да послужи за добар спектакл, но не го прави тоа што треба да го прави историјата – а тоа е да ни помогне да ја разбереме целата сложеност на минатото.

Би предложила да почнеме од сфаќањата дека постои клучна разлика помеѓу митовите, кои можат да се побијат со докази, и интерпретациите – кои се потпираат на докази. Митовите за војната кои историчарите со текот на времето ги уништиле зборуваат, на пример, дека сите Европејци ја дочекале војната со аплауз и цвеќиња. Денес знаеме дека ширум континентот јавното расположение повеќе било мешавина од страв и резигнација или, во некои случаи, радост што конечно избила бурата која толку долго се заканувала.

Уште еден мит вели дека генералите од двете страни биле аристократи и бездушни слабаци кои во позадината на фронтот пиеле шампањ додека залудно ги разгледувале предизвиците на модерната индустриска војна. Историчарите како што се Гери Шефилд и Џон Терејн покажаа дека генералите биле многу свесни за тие предизвици, но дека едноставно не постоела соодветна технологија – барем не до пред завршувањето на војната. Исто така, сите не биле од високата класа. Генералот Ерих Лудендорф, еден од најуспешните германски генерали, потекнувал од средната класа, додека генералот Артур Кири, веројатно најспособниот генерал на британската империја, бил промашен трговец за осигурување.

Интерпретациите се нешто друго. Луѓето можат да имаат исти докази за некој настан, па сепак сосема различно да го сфаќаат нивното значење. Во декември 1912 година во време на растечки тензии во Европа заради војната на Балканот, Кајзер Вилхелм ги повикал своите омилени воени советници во палатата во Потсдам за да разговараат за ситуацијата и за германските шанси доколку избие поголема војна. Не било одлучено ништо, а неговиот канцелар Теобалд Бетман Холвег побеснел затоа што не бил консултиран.

Значи, дали тој собир бил воен совет кој укажувал на одлучноста на германското раководство да се впушти во освојувачка војна, како што мислат некои историчари вклучувајќи го и Франц Фишер или станува збор, како што сум наклонета да мислам, за уште еден пример за удирање в гради на Кајзер? Вилхелм често звучел воинствено, но кога требало да се донесе одлука, обично го избирал мирот. Неговите сакани офицери го нарекувале Срамежливиот Вилијам, а тоа го навредувало и можеби во 1914 година го направило решителен да не отстапи. Сметам дека нема други интерпретации, туку треба да прифатиме дека двете се валидни и дека можеби никогаш нема да биде возможно да се одлучи која е поубедлива.

Историјата се состои од несогласувања, па и учениците и јавноста би требало да бидат известени дека Првата светска војна од почетокот до крајот била предмет на многу спорови. И тоа треба да се прифати без страв. Поттикнувањето дискусии за минатото може само да го прошири и продлабочи нашето разбирање. Оваа година многу ќе разговараме за причините и одговорностите за војната. За разлика од Втората светска војна, овде немаме јасен консензус за тоа како започнала војната – и никогаш нема да го имаме. Да, можеме да припишуваме помалку или повеќе одговорности – јас ги обвинувам Австро-Унгарија и Германија заради нивната налудничава решителност да ја уништат Србија, иако знаеле дека тоа би можело да доведе до општа војна – но сè уште има многу простор за несогласување. Потребно е да ги согледаме нештата без оглед на поединечните актери или држави и да го земеме предвид целиот контекст. Во Европа до 1914 година е создадено опасно расположение дека војната е можна опција – дека веројатно е неизбежна. (Се разбира, помогнало и тоа што офицерите претпоставувале, наспроти многуте спротивни докази, дека војната ќе биде кратка и јасна.)

Навистина, многумина верувале дека конфликтот е длабоко вкоренет во човечкото општество и дека нациите преживеале благодарение на својата подготвеност за борба. Министерот Гоув ги обвини Германците дека се приврзани за социјалниот дарвинизам, но би требало да знае дека таквите идеи биле широко распространети во Европа, а дека еден од неговите најисцрпни описи го дал Херберт Спенсер, Англичанец.

Исто така, би требало да се дистанцираме од ретроактивното припишување идеи и мотиви, за да одговориме на моменталните потреби. Канадскиот премиер Стивен Харпер рече дека битката кај Вими, каде канадските трупи освоиле клучна положба наспроти силната германска одбрана, покажа „непоколеблива посветеност на Канаѓаните во одбрана на мирот и слободата“. Се сомневам дека војниците кои се бореле таму токму така би го нарекле тоа. Мојот дедо и неговите роднини се бореа за својата татковина. Исто така, се сомневам дека британските војници мислеле да го бранат, како што тврди министерот Гоув „либералниот меѓународен поредок на Западот“. Би требало да се запамети дека војниците од сите страни, како и моите предци, се бореле за сопствената земја, за своите семејства и пријателите.

Обесхрабрува тоа како нашите сеќавања за еден катастрофален и монументален настан од современата историја се вовлекуваат во тековните политички дискусии. Би било штета ако стогодишнината не ја искористиме како момент за разбирање и размена на искуства кои ја погодија цела Европа, па и поголемиот дел од светот, вклучувајќи ја и мојата земја, Канада. Да ги почитуваме мртвите на кои толку често се повикуваме во дискусиите, настојувајќи да разбереме што се случило, наместо да ги користиме за освојување евтини поени.

Извор: The Guardian

ОкоБоли главаВицФото