Раде Рогожаров против Ѓорѓе Иванов

28.02.2014 16:11
Раде Рогожаров против Ѓорѓе Иванов

Претседателските избори ќе бидат необичен и, би рекол, нетипичен процес, најмалку поради четири причини: прво, сè поширок круг на граѓани ги осознаваат тие манифестации како фарсични претстави што за нив ги приредува мафиотизираната политичка елита и во таа смисла некогаш моќниот политички театар изгледа тажно во немоќта да предизвика какво и да е друго чувство освен индолентност, резигнираност и благо сеирење; второ, претседателската функција и изборот на носител на таа функција почнавме да ги разбираме како инстанца која не заслужува човек да си го арчи жилетот ако жена му заповеда на гласање да оди како господин; трето, ова ќе бидат односно веќе се, избори во кои сите се борат да ги минимизираат штетите од поразите зашто сите знаат или чувствуваат дека нема да можат да бидат победници; и, четврто, државата како целина, на мнозинството ни се прикажува како бесчувствителна машина која ни ја испумпа сета љубопитност, сета страст, сета надеж и интерес да се занимаваме со неа на каков и да е начин, а најмалку преку скапо бирање луѓе за евтини паради!

Но, и во тоа интензивно празнење на политичкиот живот од вообичаените значења, во тоа, јас би рекол, размаскенбализирање на нашите животи во заедницата, се бистрат некои интересни работи.

Најважната информација што ја испраќаат досегашните активности во врска со претседателските избори е информацијата дека владејачката партиско-политичка гарнитура, а специјално Внатрешната македонска револуционерна организација, го има загубено капацитетот да победува или да ги оплодува победите кога ќе ѝ се случат. Тие се сè уште најдобро организираната, финансиски најпоткованата партија која сто отсто ги има монополизирано сите државни ресурси, но, истовремено, тоа е партија која целосно го потроши својот идеолошки и културолошки, а на некој начин и политички кредит и не е во состојба надвор од репресивните и клиентелистички капацитети да покренува какви било општествени процеси!

Изборот на Хорхе за втор мандат не е направен без свест за сериозниот влез на целиот преродбенички процес во најдебелата фаза на декаденцијата и, всушност, на историскиот пораз! Тоа значи дека се вкалкулирани можностите Хорхе воопшто да не ги задоволи изборните цензуси и да не биде избран, а вкалкулирана е, исто така, и институционалната и политичка криза што ќе избие ако не биде избран или ако со криминално допингување на изборните резултати Македонија уште еднаш добие, овој пат проверена, шупелка за претседател. Со оглед на тоа што во тој случај ќе следат драматични заострувања и комплетно симнување на демократската маска на режимот, Хорхе е одбран со идеја да не го ремети очекуваниот развој на настаните или колку може да ја камуфлира таа последна фаза од распаѓањето на Македонија.

Од друга страна, Социјалдемократскиот сојуз и неговите партнери немаат ниту кандидат(ка) ниту реална политичка сила да победат во ваква констелација. Најголемиот проблем е тоа што ширењето на разочараноста и незадоволството од власта останува во сериозен расчекор со потенцијалите на опозицијата да ги собираат и паметно артикулираат тие расположенија.

Мислам дека социјалдемократите дефинитивно треба да се откажат од идејата дека во политичка битка можат во рамките на овој систем да извојуваат победа и од таа позиција да ја оправаат Македонија. Тие треба да ја стимулираат и да работат на пропаста на системот и врз таа основа да се борат за спас на Македонија затоа што под демократската маска што му ја придржува, имено, опозицијата, вемерето направи од системот монструм. Тоа, меѓутоа,бара комплетно нова програма и доктрина, а и нови луѓе. СДСМ исто така треба да води сметка дека поразот на уште едни избори може да го означи крајот на партијата како релевантен субјект односно може да го означи почетокот на претворањето во објект на некои идни промени!

Дури мислам дека треба да се најде начин да ги заобиколат теориските шанси да победат на претседателските избори зашто таа евентуална победа ќе го транзитира вемерето кон позициите на нормален политички губитник, што ќе ја продолжи агонијата и ќе го загарантира трагичниот крај!

Пропаста на претседателските избори е многу важна цел кон која треба да се стремат опозиционерите зашто тоа би бил важен елемент на делегитимацијата и деструкцијата на штеточинскиот режим на Надвојводата Шарло!

Кандидатурата на Иванов е толку несериозна што може да биде знак дека уште позасилено отколку досега ВМРО ќе ги третира демократските процеси и институции со голема доза на презир и тотално потценување, како нешто што е чиста форма, многу далеку од неговите реални моќи и изворни, непосредни контакти со возљубениот народ. Целиот демократски простор му е отстапен на СДСМ и на неговиот сериозен однос кој, во суштина, се пројавува како тешка самозаебанција! Во таква игра јас мислам дека Раде Рогожаров со својата разиграност би бил добар партнер на глупавоста и срамот што ги шири Иванов. Ако сака човекот да прифати! Разбира се! Сè уште имаме шанси со малку поголема лефтерност, олабавеност па и заебанција, но сфатени како сериозни проекти, да го постигнеме тоа што Украинците го постигнаа со запалени гуми и молотови коктели. Жртви веќе имаме, само што луѓето кај нас не страдаат на спектакуларен начин, од снајперски куршуми, туку страдаат по македонски, тивко, болно, долготрајно и незнајно!

Слики: Свирачиња
Извор: Глобус