Ѓорге Иванов ќе го земе денот на предизборен молк за куќна слава

08.04.2014 14:55
Ѓорге Иванов ќе го земе денот на предизборен молк за куќна слава

Скопје, 8 април 2014

Во духот на традицијата, претседателскиот кандидат на ДПМНЕ Ѓорге Иванов еден ден од годината ќе земе за куќна слава. Имено, станува збор за 12 април, денот на предизборниот молк.

Иванов смета дека за домашна слава треба да се земе ден кој се издвојува по своето значење, а денот кога ќе има изговор да молчи дефинитивно е таков.

„Секој 12 април во мојот дом ќе го одбележиме молчејќи, прејадувајќи се и препивајќи се, во духот на традицијата негувана од нашите предци. Исто така, ќе бидам недостапен за секаков контакт со новинарите. Не дека до сега бев којзнае колку достапен, ама тогаш па ич“, изјави Иванов за Пара вести, додавајќи дека секој новинар што ќе се осмели да го вознемири додека тихува ќе добие жестоки клетви.

„За барање обична изјава - клетва до второ колено, а ако новинарите се од опозициска партија - клетва до четврто колено. За покана на дебата на независна телевизија и без договорени прашања, следува клетва до деветто колено и кршење на двете колена на организаторот на дебатата“, ги објасни Иванов евентуалните последици што можат да ги снајдат новинарите.

Освен Иванов, и граѓаните се подготвуваат за големиот ден: на време се снабдуваат со цели компилации со изјавите на Иванов, за да можат и тој ден да ги слушаат неговите бисери.

„Не сум навикнат да помине ден без бисер на претседателот и претседателски кандидат Ѓорге Иванов. Можеби тој го слави единствениот ден кога нема да биде исмејуван поради неговите изјави, но јас би паднал во депресија ако макар и еден не можам да го слушнам како зборува“, вели Петко Тролчев, 44-годишен граѓанин кој благовремено си подготвил повеќе снимки од митинзи на популарниот Хорхе.