Почина Мирко Ѓорѓевиќ

19.04.2014 20:09
Почина Мирко Ѓорѓевиќ

Почина Мирко Ѓорѓевиќ, социолог, публицист, преведувач, автор на бројни книги, всушност квалификуван и доследен аналитичар на црквата и верата. Неуморен и бескомпромисен стражар, вербален чувар на секуларноста кој непогрешиво го детектираше секое недозволиво преплетување меѓу црквата и државата, од позицијата на вистински верник. Беше критичар на сите гарнитури на власта кои не се откажуваа од црковните орнаменти и трагикомичните перформанси, не се откажуваа суштински од црковното влијание врз сите државни и општествени работи, претворајќи ги во архаична и опасна играрија.
„Тоа не е добар знак, кај нас во државата доминантната политичка улога ја игра Црквата, во случајов Српската православна црква, но тоа не е добро ниту за државата, ниту за самата Црква, бидејќи, духовно, стратегијата на Црквата треба да биде перманентната евангелизација, а не клерикализацијата, каде што Црквата има политичка улога во општеството“, напиша Мирко Ѓорѓевиќ по повод прославата на последниот Божиќ во кабинетот на претседателот на Србија.

На политичарите им забележуваше дека Црквата ја прифаќаат како „идеолошки столб на режимот“: нашата СПЦ е црква како и другите христијански цркви, но таа всушност е политичка сила број еден, која одлучува за прашањата на надворешната и внатрешната политика“.

Така пишуваше Мирко Ѓорѓевиќ, не застанувајќи кај теоријата. Просто, грабаше од животот, пишуваше до изнемоштеност, новински статии, есеи, книги, зборуваше на трибини, се бореше против национализмот уште на почетокот на војната во деведесеттите. Тогаш даде и оставка на членството во Здружението на српските писатели, како протест поради агресијата на Србија врз Хрватска и поради рушењето на Вуковар.

Се најде и на списокот на 30 угледни луѓе коишто фашистите деновиве ги прогласија за мразители на се’ што е српско, припишувајќи му и такви гревови како што е борбата за правата на ЛГБТ заедницата и влегувањето на Србија во ЕУ... Одмавна со раката и рече дека „во српската традиција е луѓето со различни ставови да се нарекуваат предавници“.

Замина Мирко Ѓорѓевиќ, теоретичар и јавен работник, верник со граѓанска провиниенција, еден од несопирливите сведоци на пропаѓањето на демократските начела кои ги воздигнуваше и бранеше. Беше мирен и ненаметлив соговорник со големо знаење и љубов за луѓето. За оние што го познаваа, беше искрен пријател, пред се’, и добар човек - мера за човештината.

Мирко Ѓорѓевиќ на Окно:

Иринеј е слаб, Амфилохиј и Качавенда командуваат
Сомнително цвеќе во венецот на девојката Косовка
Разграничување и помрачување
Пусто турско и по некое недоразбирање
Нова српска симфонија
Поубав и постар Вишеград

Ѓорѓевиќ на Пешчаник

Слични содржини

Европа / Балкан / Став / Култура / Историја
Балкан / Историја
Балкан / Свет
Балкан / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото