Власта на тендер ќе бара нова опозиција

08.05.2014 09:54
Власта на тендер ќе бара нова опозиција

Скопје, 8 мај 2014

Власта планира по 11 мај да распише тендер за нова опозиција, на кој очекува да се јават повеќе заинтересирани партии. По истекот на рокот за поднесување понуди, ќе се организира јавно отворање на понудите за сѐ да биде транспарентно, а доколку понудите не се задоволувачки, ќе следува и јавно наддавање, соопштија од Министерството за финансии.

Од понудувачите се бара понудата да ја поткрепат со банкарска гаранција и со нотарска заверка дека нема да го напуштат парламентот, освен ако бидат изнесени на раце при донесување на буџет.

„Очекуваме голем интерес и од домашни и од странски партии. Овојпат предност ќе им дадеме на домашните. За оние кои ќе се одлучат да инвестираат во овој чувствителен сектор планирани ни се повеќе поволности. Ќе им овозможиме еднаш месечно присуство на јавниот сервис МТВ, потоа ќе имаат можност да се јавуваат за реплика, да поднесуваат амандмани, да поставуваат пратенички прашања и уште многу, многу други поволности кои ги имаат опозиционерите само во развиените демократии. Размислуваме на тендерот да се обврземе и за други привилегии за оние кои ќе се пријават, како што е на пример happy hour во собранискиот ресторан секогаш кога се носат важни закони, со специјален попуст за грав со колбас секој понеделник“, вели Зоран Ставревски, кој додава дека тендерот ќе биде распишан веднаш по 11 мај, за кога е предвиден конгресот на СДСМ за доверба на Зоран Заев.

Според Ставревски, опозициската партија која ќе победи на тендерот ќе добие грејс период од 100 дена за неапсење на нејзини членови и немалтретирање од институциите на системот. По истекот на овој грејс период, ќе почнат да стигнуваат сметките за наплата на долгот преземен со условите на тендерот.

Извор: kozanostra.net