Монструм

07.07.2014 12:55
Монструм

Случајот „Монструм“ е име на судскиот процес, чиј епилог, односно донесените пресуди, беа повод за големите демонстрации што деновиве ги потресуваа Скопје и Тетово. За волја на вистината, во Македонија судските процеси немаат име, па имињата најчесто се преземаат од кодните означувања на полициските истраги. И во овој случај станува збор за полициско именување на истрагата за ѕверското убиство на момчињата кај Смилковско Езеро.

Монструм означува чудовиште, често деформирано. Во речниците и лексиконите можат да се најдат повеќе значења на овој збор – патолошко: „структурно абнормално или гротескно деформирано животно, растение или предмет“; митолошко: „суштество од филм, приказна и сл. кое делува застрашувачки; чудовиште, аждер“; преносно: „мошне расипан и зол човек“.

Зборот „монструм“ доаѓа од латинскиот глагол „monstro“ (покажувам) и на латински монструм во првенственото значење е божествен знак, а во секундарното чудовиште. Интересно е дека и зборот „демонстрација“ доаѓа од истиот корен, кога на овој глагол му се додава предлогот „de-“ (demonstratio – показател, исказ). Некои корените на „монструм“ ги врзуваат за латинскиот глагол „moneo“ (опоменувам), од каде што потекнува зборот „монета“ (поради ликот на првите монети на божицата Јунона, која опоменува), зборот „монитор“ (набљудувач) итн.

Иако монструмите ги има во сите митологии и традиционални преданија (киклопи, џинови, аждери, минотаури, кентаури, вештерки, мутирани животни...), современата епоха на монструмите почнува во 1816 година, кога 18-годишната Мери Шели, во една викендичка на Женевското Езеро, во друштво со Бајрон и останатите фрикови на романтизмот, го креира ликот на Франкенштајн. Интересно е дека истата вечер и во истата прилика лекарот Џон Полидори создава уште едно модерно митолошко чудовиште – вампирот. Досега во популарната култура се изродија низа монструозни ликови (Кинг Конг, Годзила, Канибал Лектор...), кои се „хранат“ врз исконскиот страв на човекот од чудовишното.

Според психолозите, приказните за монструмите, на децата во нивниот психолошки развој им овозможуваат елаборирање на нивните стравови од непознатото (и поради тоа чудното), но и полесно да го разликуваат доброто од злото, бидејќи некои „монструозни“ ликови зад својата надворешност кријат добрина („Убавицата и ѕверот“, Кинг Конг, Квазимодо, па и Франкенштајн). На возрасните монструмите им требаат за да ги елаборираат сопствените својства кои им се чинат „монструозни“ (често со право), односно да го елаборираат и апсолвираат „монструмот во себе“ со трансфер врз ликовите од црната хроника, романите, филмовите на страва и ужас итн.

Во Македонија, ете, монструмите служат за елаборирање и апсолвирање на дневно-политичките препукувања врз силна меѓуетничка тензија.

Слични содржини

Значења
Значења
Значења
Значења
Значења
Значења
Значења
Значења

ОкоБоли главаВицФото