Брејвик не го промени норвешкото општество

22.07.2014 11:35
Брејвик не го промени норвешкото општество

Ова е трета годишнина, а судењето за Андерс Брејвик - кое и вие го посетувавте - е завршено пред две години. Убиецот е осуден на 21 година затвор. Како се чувствувате денес?

Многу ми е подобро отколку за време на истрагата и судењето. Денес патувам и активно работам против нацизмот и десничарскиот екстремизам. Секако, тоа во извесна мера се темели на она што го доживеав. Но, во состојба сум да си го живеам животот и да имам контрола над тоа. Сеќавањата и понатаму се тука и ќе останат засекогаш. Но повеќе не ме мачат.

За време на масакрот на Утоја спасивте две момчиња. Дали и понатаму сте во контакт со нив и нивните семејства?

Повремено сум во контакт со нивните роднини, главно преку Фејсбук. Во моментов ги оставам тие момчиња на мир. Тие знаат дека можат да разговараат со мене ако сакаат. Но, мислам дека за нив и понатаму претставувам сеќавање на траумата. Го почитувам тоа и затоа се држам настрана.

Како масакрот влијаеше на вашиот живот - дали поради тоа се трудите да го направите светот подобар?

Мислам дека имам таква задача, но верувам дека и онака би ја имал, без оглед на тоа што се случи. И онака би се борел против расизмот и за мир. Но секако, по тие настани сè гледам посебно јасно и секако дека ги користам тие искуства во работата.

По драмата во Норвешка, многу се расправаше за потребата од поголема отвореност и демократија. Каде се наоѓа норвешкото општество сега?

Сето тоа беше само претстава за јавноста. Веднаш потоа се обидоа да донесат нови закони за да им се продолжи престојот на криминалците во затвор, што е сосема недемократски. Водечката работничка партија бараше сè што пишувам за весниците да го испраќам преку нивната партиска врхушка, за да го цензурираат. Секако, тоа е нетранспарентно и недемократски. Мислам дека кажаа многу убави работи за демократијата и транспарентноста, но не ги спроведоа.

Се чини дека сте разочаран поради тоа.

Разочаран сум.

Какви се последиците од она што се случи во вашата земја за остатокот од Европа?

Последици за Европа во секој случај има. Десничарските екстремисти во Европа се поврзани. Тие комуницираат едни со други, што можеме да го видиме од примерот на писмата кои ги разменуваат Беате Чепе од германското Националсоцијалистичко подземје и Андерс Брејвик. И двајцата имаат иста идеолошка позадина. Мораме меѓународно да соработуваме против нивните расистички цели, бидејќи и тие соработуваат меѓународно за да ги остварат.

Дали делата на Брејвик го променија начинот на кој ги гледаме доселениците? И дали е тоа потребно?

Сметам дека Брејвик воопшто не го промени нашиот поглед на имигрантите. Брејвик и луѓето кои размислуваат како него отсекогаш ја гледале имиграцијата на истиот начин. И остатокот од населението ја гледа така како што ја гледа. Донекаде, гледиштето на мнозинството го оправда брејвиковскиот начин на размислување, бидејќи општеството постојано зборува за толеранција и дека мораме да толерираме нешто што ни се качува на глава. Не верувам дека многу луѓе поради Брејвик го променија своето мислење.

Кога во текот на јули бевте во Минхен, го посетивте судењето против Беате Чепе, која се товари дека е член на злосторничка група која убила девет луѓе со странско потекло. Какви впечатоци понесовте од таму?

Мојот општ впечаток е дека оваа постапка е многу подетална од онаа против Брејвик. Секако дека ќе трае подолго и дека е посложена, бидејќи се обработуваат повеќе поединечни дела. Но, во принцип, има многу сличности.

А каде се разликите помеѓу Брејвик и НСУ?

Голема разлика е тоа што Брејвик го нападна мнозинското население. Нападна млади луѓе, белци. А НСУ напаѓаше главно турски имигранти. Тоа е дефинитиво различно, но и двајцата го направија тоа заради истите политички цели.

Бјерн Ихлер (22) се нашол на островот Утоја кога Брејвик во 2011 уби 68 луѓе со огнено оружје. За време на бегството успеал да спаси две момчиња, на возраст од 8 и 9 години. Младиот Норвежанец последниве години интензивно се ангажираше против расизмот и десничарскиот екстремизам во младинското здружение АУФ, пишува за норвешкиот весник Афтенпостен и студира на ливерпулскиот Институт за сценска уметност.

Извор: Deutsche Welle