Проклетите на овој свет

23.07.2014 13:04
Проклетите на овој свет

Како што ветив, еве уште слики од Газа. Не ја заборавајте Газа! Особено сега, кога копнените трупи на Нетанјаху сакаат да конечно да ја разорат. Физички и психички.

Со тенкови против запрежни коли! Каков апсурд. Дали Нетанјаху знае што прави? Дали има некоја стратегија или е заложник на внатрешната политичка паника?

Не сум пријател на Хамас и никогаш нема да бидам. Остро ја критикувам идеологијата на Хамас и „воената стратегија“.

Но затоа, пријател сум на Палестинците и одбивам немо да гледам како се газат нивните права и достоинство.

Секако дека Израел има право на самоодбрана против бесмислените напади на Хамас и другите борбени групации. Во тоа во голема мера и помага совршениот систем за противракетна заштита „Челична купола“.

Меѓутоа, Израел нема право да срамни со земја стотици куќи, да истреби цели семејства, да ги бомбардира домовите за лица со инвалидитет, да ги убива децата кои си играат на плажите и да ги разорува кафулињата во кои младите се собираат за да го гледаат светското фудбалско првенство. Газа е пекол на земјата.

Нетанјаху најави дека сака да му нанесе тежок удар на Хамас. Но, тој не го слабее ниту уништува Хамас, туку Газа и нејзините жители. Гледано меѓународно-правно, бомбардирањео на Газа е воено злосторство, а не самоодбрана. Забрането е колективно да се казнува цел народ. Тоа се учи во прва година на право.

Во четврток го посетив израелскиот Ашкелон, една од трите главни цели на палестинските ракети. Најтешката материјална штета во Ашкелон е уништувањето на една сауна. Секогаш слушам што имаат да кажат двете страни. Изгледа дека на други места во Израел имало поголеми оштетувања.

Незначителен број ракети, рачно направени во Гза, продираат низ „Челичната купола“, сензационалната израелска противракетна одбрана. Нетанјаху многу добро го знае тоа. И покрај тоа, поради внатрешнополитички причини продолжува да ја држи својата земја во гротескна психоза.

До денес напладне, во недела, по палестинско време, израелските ракети убија 404 Палестинци, а повредија најмалку 2.815. Бројот расте од час во час. 75 отсто се недолжни цивили.

„Ракетите“ на Хамас убија двајца Израелци и повредија седум. Од почетокот на израелската копнена офанзива загинаа уште четворица Израелци.

Оние кои и понатаму продолжуваат да ја изедначуваат израелската воена безбедност со драматичната ситуација и неискажливото страдање во Газа, ја замајуваат светската јавност. Војна има само во Газа, не во Израел. Сè друго е пропаганда.

Треба ли меѓународната заедница конечно да реагира на неправдата во Газа? Размислува ли некој за воведување меѓународни санкции против Израел, како некогаш против Јужна Африка или денес против Русија? Не јас, туку Џон Кери, американскиот државен секретар, неодамна зборуваше за апартхејдот. Смееме ли воопшто да ги поставиме овие прашања? Дали сè уште важи начелото дека „сите имаат еднакви права“?

Дали Нетанјаху конечно би требало да преговара со Хамас? Зарем трите убиствени војни во Газа за само шест години не се доволни? Очигледно е дека конфликтот во Газа не може да се реши со меѓусебно бомбардирање и затворање на 1,8 милиони Палестинци.

Или можеби претставниците на двете страни би требало просто некаде да се сретнат и меѓусебно да се испоубијат, наместо да ги мачат жителите на Газа?

Приказните за судбината на луѓето од Газа ќе се пренесуваат илјада години. Тоа е понижен и обесправен мал народ кој надмоќниот сосед го држи во голем кафез и му ја исклучува струјата кога и да посака.

Ќе се пишува за тоа дека луѓето во Газа како кртови почнале да копаат тунели кон околните држави за да го почувствуваат мирисот на слободата барем неколку денови. Отишле под земја за повеќе да не живеат како пониска раса. Каков парадокс!

Запрепастените потомци ќе дознаат дека никој од водечките светски политичари на ова време, кои постојано зборуваат за човекови права, не го кренал гласот, не протестирал, не интервенирал. Дека никој не ја споделил болката со жителите на Газа. Со мајките на кои децата им умираат на раце.

Вечно ќе се зборува за срамот во Газа. За беспоштедната репресија и понижување на нејзините жители од страна на Израел. За неуспехот на светската јавност која ги третира како граѓани од трет ред. Жан Пол Сартр би рекол како „не-луѓе“.

Кога ќе помислам на Газа, се срамам од пасивноста на нашиот свет и сопствената немоќ. Сите потфрливме.

Завчера се вратив во Германија. Секој ден добивам мејлови со прашања до кога ќе имам храброст да противречам на јавното мислење на Западот. Мојот одговор гласи: „Животот е премногу краток за постојано да ја избегнуваме вистината.“

Секој ден ми стигнуваат и смртни закани. Повеќе не им обрнувам внимание.

Секој миг мислам на луѓето во Газа, на проклетите на оваа земја. Најрадо веднаш би отпатувал таму.

Авторот е поранешен германски политичар и до 2008 директор на медиумската куќа Хуберт Бурда Медиа. Бил пратеник на ЦДУ во Бундестагот од 1972 до 1990 и е еден од најострите критичари на американските инвазии на Ирак и Авганистан.

Извор: Фејсбук профилот на авторот, 20.07.2014