Великодушност со туѓа крв

07.08.2014 12:59
Великодушност со туѓа крв

Како што своевремено предупреди Михаел Валцер, помеѓу Израелците и Палестинците не се води една, туку четири војни: 1. палестинската војна на исцрпување на противникот за гаснење на еврејската држава и отстранување на Евреите (а од неа произлегуваат и терористичките и самоубиствени напади и барањето за право на враќање); 2. палестинската војна за создавање сопствена независна држава покрај Израел и крај на окупацијата на Западниот брег и Газа; 3. израелската војна за безбедност и одбрана на Израел во границите од 1967 година; 4. израелската војна за голем Израел (Erec Jisrael), за задржување на населбите или засилување на населувањето и припојувањето, во целина или делумно, на окупираните територии. Меѓутоа, при просудувањето на Блискиот Исток, ретко кога сме среќавале уважување на таквата комплексност. Како во вулгарната верзија на „третосветизмот“ (таа идеологија ја застапуваат, на пример, диносаурусите, од Ноам Чомски преку Тарик Али до Јакоб Аугштајн), така и онаа пософистицирана, интелектуална и медиумска левица ни објаснува дека терористите дејствуваат од очај и дека постои само една војна, судир на народот желен за слобода и западните колонијални сили.

Израелско-палестинскиот конфликт тука се гледа само како симбол на западното оспорување на правата на Арапите и муслиманите. Оттука толерантноста на споменатите интелектуални и медиумски елити кон палестинскиот тероризам: бомбашите-самоубијци се осудуваат, но неволно, па нападите дури и се оправдуваат како чинови на очајници, како легитимна наплата за дивјаштвото што го извршиле еврејските воени сили. Ниедна стравотија што ја извршуваат кандидаите за самоубиствени напади, со својата гротескна митологија за 70 девици (хурии) што ги чекаат во рајската градина (џенет), никогаш во нивните очи не можат да го компензираат срамното петно на Израелците. Не се важни жртвите на тие експлозии, уште помалку културата на смртта која се шири меѓу младите на Западниот брег и Газа. Фасцинираноста од потоците крв и колективните масакри, откупувачкото мачеништво на Хамас или исламскиот Џихад до кои доаѓаме преку телевизиските екрани, не е само порнографска, таа најпрво покажува презир кон тој народ сведен на најобични човечки бомби. Со други зборови, од етиката на компромисот подрага ни е естетиката на злосторството. Како што би рекол Албер Ками, „лесно е да се биде великодушен со туѓа крв“. Затоа истата левица, и покрај својот горопаден антифашизам, останува сосема нема пред повторените навали на јудеофобија од имигрантско потекло во Европа, особено во Франција. Се заплеткува во конфузно негирање, ако веќе не ги обвинува луѓето за параноја, па дури и за провокација. На пример, филозофот Ален Бадју го споредува Израел како архаична држава со Франција на Петен и ја го опишува како „надворешен облик од колонијална природа, залуден од сакрализацијата на еврејското име (prise la sacralisation du nom des juifs), како Држава која, меѓу другото, планира геноцид над Палестинците“. За Бадју, кој го презема традиционалниот антијудаизам на католичката црква, вистински Евреин е оној кој се анулира како Евреин и се стопува со остатокот од човештвото. Да се наречете себеси Евреин значи автоматски да ја мобилизирате антисемитската страст.

Гласот на јудеофобијата доживува втора младост вовлекувајќи се во антиционистичката беседа. Од сега вистинскиот Евреин зборува арапски и носи keffiyeh, а оној другиот е измамник кој си го припишува себеси правото на сопственост на земјата која не е негова и кој го изгубил моралното достоинство на маченик. Некогашната жртва се преобрази во мачител, но мачител кој во сè изгледа како својот некогашен џелат во Германија од 30-тите години на минатиот век. Кога Евреинот угнетува или колонизира, веднаш се трансформира во нацист, без нијанси. Нацистите ги прогониле Евреите, потоа Евреите станале нацисти! Како што воочи Владимир Јанкелевич: „Антиционизмот по тоа прашање нема среќа, бидејќи ни дава дозвола, па дури и право, па дури и должност, да бидеме антисемити во име на демократијата! Антицонизмот е оправдан антисемитизам кој конечо на сите ни е на дофат на рацете. Тој претставува дозвола човек да биде антисемит на демократски начин. А што ако и самите Евреи се нацисти? Тоа би било преубаво. Повеќе не треба да ги жалиме: самите си ја заслужиле својата судбина“. Како инаку да се објасни процутот на националсоцијалистичката метафорика кај левичарската интелигенција? Уште Жил Делез зборуваше вака за злосторствата на ционизмот: „Велат дека тоа не е геноцид. Па сепак, станува збор за приказна која од самиот почеток потсетува на Орадур (француско село чиешто целокупно население нацистите го стрелале, а куќите биле запалени, заб. авт.)“. Ционистичкиот тероризам не бил насочен исклучиво против Англичаните туку и против арапските села кои морале да исчезнат. Иргун по тоа прашање бил многу активен. Истиот автор за израелските операции на југот на Либан во 1978 година ќе рече: „Се наоѓаме во ситуација аналогна на онаа во времето на Шпанската граѓанска војна, кога Шпанија била лабораторија и експеримент кој претходел на уште пострашната иднина.“ Во просудувањето на Израел не се дозволува никаква градација или поблиско одредување: кога станува збор за него, нијансите се забранети, веднаш се преминува во крајности. Ако се повече од Синај, од појасот Газа или од југот на Либан, тоа никогаш не придонесува за неговиот углед. За волја на вистината, Израел одамна престана да биде морален повереник на Западот: заземањето на Бејрут во 1982 година, благонаклоното гледање на колежот (деца, жени и старци) во Сабра и Шатила што го извршија либанските крстоносни фаланги, систематското колонизирање на Западниот брег, грубото, ако не и претерано насилно згаснување на другата Интифада, планираните убиства на екстремистичките водачи, изградбата на Ѕидот, бомбардирањето на Либан во текот на летото 2006 година како одмазда поради нападите на Хезболах, инвазијата на Газа во 2009 година со цел спречување на ракетните напади на Хамас... - сето тоа ја поткопа меѓународната поддршка што ја уживаше на почетокот. Израел, како што добро забележа историчарот Ели Барнави, ја изгуби битката за имиџот. Но, бидејќи станува збор за држава која остана демократска и конституционална и покрај војните и деспотското опкружување, таа на медиумите и телевизиите генерално им дозволува да ги следат сите настани, па така и злосторствата и страшните гафови на сопствената војска. Како што тоа од сопственото дисидентско искуство го воочил Михајло Михајлов, „моралната величина на денешната држава Израел никако не е во тоа што таа во некои аспекти е теократска, туку обратно, во тоа што Израел, без оглед на децениите на полувоена состојба, е демократска земја во која слободно и нормално постои комунистичка партија - до неодамна дури и две“. Во скутот на таа држава еден голем дел од населението повикуваше и повикува на дијалог со Палестинците, наклонет е кон мирот и уверен е дека отстапките се неизбежни. Токму таа иста спротивна страна е заслужна што во Тел Авив во 1982 година е одржан најголемиот протест (со речиси 300.000 луѓе) против крвопролевањето во Сабра и Шатила, кои генералот Шарон на крајот го принудија на оставка. Во ниту една арапска земја нема да дојде до такво движење на незадоволство. Емануел Левинас уште во 196 година рече: „Израел не стана полош од околниот свет како што велат антисемитите, туку престана да биде најдобар.“

Залудно и залудно. Голем дел од левичарските интелектуалци и медиуми запнуваат да ја криминализираат таа нација, бидејќи при помислата на неа единствено ликот и делото на Хитлер им паѓаат на памет. Можеби Израел е единствената држава на светот за која постојано се повторува дека има право да постои во рамки на своите сигурни и меѓународно признати граници. Токму таквиот став е скандалозен, бидејќи го имплицира спротивното, се претпоставува дека тоа право самото по себе е привилегија.

Ако Евреите угнетуваат, нужно го прават тоа како нацисти, верно наследувајќи ги грозотиите што некогаш ги трпеле во Германија и Полска. Самиот факт дека некогаш нацистите ги прогонувале и истребувале, ги претвора во потенцијални нацисти. Појасот Газа е Аушвиц (во Италија во дневникот на левицата Liberazione е објавена карикатура на појасот Газа со ограда од бодликава жица и натпис: La fame rende liberi, Гладот ослободува, што е алузија на влезот во Аушвиц со натписот Работата ослободува), Јенин исто така, „ционизмот е брат близнак на кацизмот“, нагласува, меѓу другите Луис Сепулведа. Италијанскиот филозоф Џани Ватимо пред две години во функција на борбата против „геноцидната политика“ предложи академски и културен бојкот на еврејската држава, чиешто раѓање за него претставува „најтешка штета на нацистичкото истребување на Евреите“. Неговиот сограѓанин Џорџо Агамбен притоа невкусно ги злоупотреби зборовите на Селан и си дозволи изјава за радикалниот Manifesto: „Смртта е Мајстор од Израел“. Таа и таквата синонимија, со својата штетна моќ, потекнува од жалниот теориски прескок под перото на оние кои пред сè треба да разликуваат и разлачуваат. Далеку од тоа дека израелската држава е олицетворение на апсолутна невиност, од почетокот се градеше врз експропријација која ги поттикнуваше војните што против неа ги водеа нејзините соседи. И самиот Израел има сопствени екстремисти и фанатици, одржуваше и перверзни контакти со режимот на апартхејдот во Преторија и Родезија, а неговата војска понекогаш со своите гафови повеќе го разгорува отколку што го смирува судирот. Но, да се претворат Израелците во нацисти значи на истоимената држава да ѝ се одземе нејзиниот легитимитет. И не само тоа, тоа истовремено значи да се јудаизираат Арапите, одново да се започне древната борба против „туморот“ на брегот на Јордан. И конечно, тоа значи и априори да се легитимира евентуалното фрлање во море на тој „узурпаторски ентитет“, Израел.

И затоа, ако веќе не можеме копмлексно да го просудуваме Блискиот Исток, тогаш треба да помогнеме и да сочувствуваме. Не да бираме дали ќе бидеме на страната на Израел или на страната на Палестина - туку да бидеме за мир.

Извор: libreto.net