Солидаризирање со штрајкот на професорите од Штип

31.07.2014 14:06
Солидаризирање со штрајкот на професорите од Штип

Левичарското движење „Солидарност“ се солидаризира со штрајкот со глад кој го започнаа тројцата професори Крсте Шајновски, Маргарета Матлиевска и Александар Костадиновски од универзитетот во Штип поради неисполнување и прекршување на законските одредби за кариерен развој и право на вработување и социјална сигурност. Грубото нарушување на процедурите, очигледно преку гласањето на наставно-научниот совет спротивно на заклучоците на рецензентската комисија која е оформена од истиот тој совет, а притоа не наведувајќи никакви образложенија, наведува на сомнеж за несмасен изблик на самоволие на управните органи и лица на Универзитетот Гоце Делчев. ЛД „Солидарност“ најстрого го осудува и спречувањето на правото на штрајк на професорите во просториите на универзитетот од каде биле отстранети со повеќебројно обезбедување.

ЛД „Солидарност“ ги поздравува конкретните чекори кои ги презема СОНК и ги охрабрува да издржат во своите определби раководните членови на овој синдикат кои исто така започнаа штрајк со глад како чин на солидарност кон нивните колеги. „Солидарност“ ја поздравува оваа акција за вонинституционално и законско покажување на незадоволството во време кога веќе не постојат можности за решавање на проблемот во институциите на системот и истовремено ги охрабрува професорите и останатите работници во што поголем број да го поддржат штрајкот, затоа што кога институциите ќе се затворат пред барањата на работниците, штрајкот е најсилното оружје во нивните раце.