Слушни, мал човеку! (1)

01.08.2014 15:31
Слушни, мал човеку! (1)

УВОД

 

„Слушни, Мал човеку“ е хуманистички, а не научен документ. Напишан е летото 1946 година за архивот на Оргонскиот институт без намера кога било да биде објавен. Тој е резултат на внатрешните бури на еден истражувач на природните науки и лекар којшто со децении, најпрвин наивно, а потоа со чудење и, конечно, со ужаснување, го доживеа она што малиот човек од народот си го прави самиот на себе; како страда, како се буни, како ги уважува своите непријатели и ги убива своите пријатели, и како, кога како „претставник“ на народот ќе ја земе власта во свои раце, секогаш ја злоупотребува таа власт и се користи со неа посурово отколку одредени садисти од повисоките класи под коишто тој самиот морал да трпи.

ОВОЈ ГОВОР упатен кон Малиот човек е тивок одговор на озборувањата и ширењата гласини. Тогаш кога беше напишан, никој не ни насетуваше дека органот на власта задолжен да го заштитува здравјето, здружен со политиканти ќе го нападне истражувањето на оргонот. Обидот на заразените со душевна чума 1947-та да го уништат истражувањето на оргонот (да забележиме: не за да докажат дека таа истражувачка работа е погрешна, туку за да ја уништат валкајќи ѝ ја честа) беше повод ГОВОРОТ да се публикува како историски документ. Беше неопходно „човекот од народот“ да дознае што се всушност научникот и психијатарот, и како очите на искусен психијатар го гледаат „човекот од народот“. Тој мора да научи да ја осознава стварноста, која единствено може да ѝ се спротивстави на неговата разорна страст кон авторитет. Мора јасно да му се каже каква одговорност секогаш носи, било да работи, сака, мрази или озборува. Тој мора да дознае како настанува црниот или црвениот фашист. Оној што се бори за сигурноста на животот и за заштита на нашите деца, мора да биде и против црните и црвените фашисти. Не затоа што денес црвениот фашист, онака како што порано правел црниот фашист, има идеологија на колежи, туку затоа што децата полни со живот и здрави родени ги претвора во инвалиди, марионети и морални идиоти; затоа што државата ја става над правото, лагата над вистината, војната над животот; затоа што детето и заштитата на животната енергија во него се единствената надеж што ни преостанува. За воспитувачот и лекарот постои само една верност: верноста спрема животната енергија во детето и верноста спрема болниот. Ако строго се придржуваме до оваа лојалност, тогаш и големите прашања на „надворешнополитичките интереси“ се решаваат на едноставен начин.

ГОВОРОТ нема претензии да биде пример за животот. Тој ги опишува бурите во емоционалниот живот на еден кон продуктивен живот свртен човек. ГОВОРОТ нема претензии кого било да убедува, придобива или освојува. Тој го отсликува настанот како што сликата прикажува глетка на луња. Од читателот не се бара да изразува симпатија спрема него. Тој може да го прочита или не. ГОВОРОТ не содржи никакви намери ниту програми. Тој само сака на научникот и мислителот да им обезбеди право на лична реакција којашто на поетот или филозофот никогаш не им била оспорувана. ГОВОРОТ претставува протест против тајната и несфатена намера на емоционалната зараза, кога е добро заштитена, од добро засолниште, со отровни стрели да го гаѓа истражувачот кој напорно работи. Тој покажува што е емоционална беда, како таа функционира и го закочува напредокот. Тој сведочи за верата во неоткриените огромни блага коишто се содржат во основата на „човечката природа“, подготвени да стапат во служба за исполнување на човечките надежи.

Животната енергија во своите општествени и човечки односи е наивно добра и поради тоа во постоечките околности таа е загрозена. Таа зрачи и се пројоцира кон другите. Таа претпоставува секој човек да мисли и постапува според законите на животната енергија: со давање, добрина и со пружање помош. Овој природен основен став, својствен и за здраво дете и за примитивен човек, станува најголема опасност во борбата за рационално уредување на животот сѐ дотогаш додека владее емоционалната беда. Бидејќи, заразениот и на својот ближен му ја припишува особеноста на своите размислувања и постапувања. Добриот човек верува дека сите луѓе се добри и дека добро постапуваат; заразениот верува дека сите луѓе лажат, мамат и дека се жедни за моќ. Очигледно е дека поради овие причини животната енергија се наоѓа во опасност и трпи штети: ако му ја дадете на заразениот, тој ќе ја исцица, а потоа ќе ја исмее или ќе ја обесчести, а таму каде што таа енергија се укажува со доверба, станува изиграна.

Така е отсекогаш. Сега е време животната енергија да биде истрајна таму каде што истрајноста е потребна, во напорите таа да се сочува и развива; таа притоа нема да загуби ништо од својата доблест, ако храбро се држи до вистината. Тоа делче вистина секогаш влева надеж дека меѓу милионите работни, чесни луѓе секогаш има само неколку клицоноши на чумата, кои прават грозни недела така што, потпирајќи се врз мрачните и опасни пориви на човековата природа, крутите луѓе од масата организирано ги водат кон политичко убиство. Не постои никаков противотров којшто би дејствувал врз наклонетоста спрема чума на просечниот човек, освен неговото сопствено чувство на живот. Животот не бара власт, туку да биде признаен во животот на човекот. Тој стои врз столбовите на љубовта, работата и знаењето.

Оној што мора да го штити животот од емоционалната беда, мора да научи слободата на говорот што ја ужива во Америка да ја искористи барем во истата мера за добро колку што емоционалната беда го злоупотребува за зло. Доколку се уважува истото право за изразување на мислење, рационалното на крајот ќе мора да победи. Тоа влева голема надеж.

 

СЛУШНИ, МАЛ ЧОВЕКУ!


Те нарекуваат „МАЛ ЧОВЕК“, „ОБИЧЕН ЧОВЕК“, велат. Велат, доаѓа твоето време, „ерата на Малиот човек“ (‘The age of the Common man’).

Не си Ти оној што го вели тоа, Мал човеку, туку тие: потпредседателите на големите нации, избраните водачи на работниците, преобратените синови на граѓанскиот сталеж, државниците и филозофите. Тие ти ја нудат иднината, но не те прашуваат за минатото.

Ти си наследник на ужасно минато. Твоето наследство е вжарен дијамант в рака. Јас ти го велам тоа!

Секој лекар, секој чевлар, механичар или воспитувач мора да ги познава сопствените недостатоци доколку сака да ја врши својата работа и да заработува леб. Со децении веќе се обидуваш да завладееш со Земјата. Од твоите размислувања, твоите постапки, отсега зависи иднината на човечкиот род. Но твоите учители и господари не ти велат како стварно размислуваш ниту каков си; никој не се осмелува да ти упати каква било критика што би требала да те подготви и да те оспособи самиот да управуваш со својата судбина: Ти си „слободен“ само во една смисла: ослободен си од подучувањето како самиот да го водиш својот сопствен живот, слободен од самокритика!

Никогаш не сум слушнал како се жалиш: „Вие ме унапредивте во господар над мене самиот и над мојот свет. Но не ми рековте како се станува господар над себе и не ми рековте каде тоа погрешно сум се упатил, за што погрешно размислувам, каде постапувам погрешно.“

Ти на властодршците им даваш право да владеат „во името на Малиот човек“. А самиот си нем. Им даваш на моќните или на неспособните уште повеќе моќ да те застапуваат. Предоцна откриваш дека секогаш испаѓаш измамен.

Те разбирам. Бидејќи илјада пати сум те видел гол, со душа и тело, без маска, партиска книшка, без гласачко ливче, без твојата „омиленост во народо“. Гол како новороденче и гол како војсководец покриен само со крпче. Пред мене липаше, лелекаше, ги опишуваше своите копнежи, ми ги откриваше својата љубов и својот чемер. Те познавам и те разбирам. Сакам да ти кажам каков си, Мал човеку, бидејќи навистина верувам во твојата голема иднина. Без сомневање, таа ти припаѓа. Затоа прво погледни се самиот себе. Погледни се каков си стварно. Слушни го она што не се осмелува да ти го каже ниеден од твоите водачи и претставници:

Ти си МАЛ, ОБИЧЕН ЧОВЕК. Сфати го двојното значење на зборовиве: МАЛ и ОБИЧЕН... Не отстапувај! Собери храброст да се видиш себеси!

„А со кое право ти сакаш да ме учиш?“ Го гледам ова прашање во твоите преплашени очи, слушам како го изговара твојот дрзок јазик, Мал човеку! Се плашиш да се погледнеш во очи, се плашиш од критика, Мал човеку, како и од моќта што ти ја ветуваат. Не знаеш како би требало да ја користиш својата моќ. Не се осмелуваш ниту да замислиш дека кога било би можел себеси да се чувствуваш поинаков отколку што си сега: слободен наместо наведнат; отворен, наместо постојано да озборуваш и криеш; себеси како водиш љубов среде ден, а не како крадец, во мракот на ноќта. Ти самиот себе се презираш, Мал човеку. Велиш: „Па кој сум јас за да имам сопствено мислење, самиот да одлучувам за својот живот и светот да го прогласувам за свој?“ Имаш право: Кој си ти да полагаш право на својот живот? Јас ќе ти кажам кој си!

Од вистинскиот Голем човек се разликуваш само во едно: Големиот еднаш бил мошне мал човек, кој во себе развил една единствена голема способност: умеел да увиди кога мисли и кога се однесува како мал. Преку силата на задачата кон која е предаден со цело срце научил да разбира како и кога неговите малецкост и безначајност се закануваат да ја загрозат неговата среќа. Големиот човек, значи, знае кога е и каков е Мал човек. Малиот човек не знае дека е мал и се плаши тоа да го дознае. Тој ги крие своите тескобности и својата безначајност, создавајќи илузија за сила и големина, за туѓите сили и големини. Горд е на своите големи генерали, но не и на самиот себе. Им се восхитува на мислите кои не се во неговата глава, а не на оние што ги создал неговиот мозок. Дотолку побрзо ги прифаќа работите доколку помалку ги разбира. А не верува во исправноста на мислите кои најлесно ги разбира.

Ќе започнам со Малиот човек во себе.

Веќе дваесет и пет години го застапувам, со изговорен и напишан збор, твоето право на животна среќа на овој свет; те обвинувам дека си неспособен да го земеш она што ти припаѓа; да го сочуваш она за што си се изборил во крвавите борби на париските и виенските барикади, при американската еманципација, во руската револуција. Твојот Париз заврши со Петен и Лавал, твојата Виена со Хитлер, твојата Русија со Сталин, а твојата Америка би можела да заврши со режимот на Кју-клукс-клан! Ти подобро умееше да се избориш за својата слобода отколку за себе и за другите да ја сочуваш. Одамна те знам. Само не сфатив зошто си газел сѐ подлабоко во калта, откако еднаш едвај се извлече од неа.

(...)

Велиш: „Кажи ми во што веруваш за да имам доверба во тебе“

Кога ќе слушнеш во што верувам јас, ќе оттрчаш брзо кон својот државен обвинител, или до „Комитетот за антиамерикански активности“, или во FBI, или во „Малиот булеварски лист“, или во Кју-клукс-клан, или кон единствените водачи на сите пролетери, или едноставно ќе побегнеш.

Јас не сум ни црвен, ни црн, ни бел, но жолт. Не сум христијанин, ниту Евреин, ни муслиман, ни мормон, ни полигамист, ни хомосексуалец, ни анархист, ни боксер.

Ја прегрнувам жената бидејќи ја сакам и ја пожелувам, а не затоа што имам венчан лист или затоа што ме гони сексуална глад.

Не ги тепам децата, не ловам риби и срни и елени. Но добро и радо гаѓам во центарот на метата.

Не играм бриџ и не приредувам приеми за да ја ширам својата наука; ако моето учење е вистинито, тоа ќе се шири само од себе.

Својата работа не ја носам на проценка кај директорот на медицинската установа, дотолку тој со таа материја не владее подобро од мене. И јас одлучувам кој ќе биде упатен во моето откритие, а кој не.

Внимателно го следам секој соодветен законски пропис, но се борам против него ако е надминат или бесмислен. (Не брзај кај обвинителот, Мал човеку, бидејќи тој ќе го направи истото, ако е чесен човек.)

Сакам децата и младите луѓе да ја доживеат својата телесна среќа во љубовта и непречено да уживаат во неа.

Не верувам во тоа некој којшто е во добра, вистинска смисла религиозен дека треба да го попречи или уништи својот љубовен живот и дека телото и душата треба да му останат крути, исушени, да изгнијат.

Знам дека она што ти го нарекуваш „Бог“ навистина постои, но поинаку отколку што замислуваш: како космичка праенергија во универзумот, како твојата љубов во телото, како твојата чесност и како твоето чувство на природата во тебе и вон тебе.

(...)

Ти не поседуваш сетило, немаш око за вистински Големиот човек. Неговото битие, неговите страдања, неговите копнежи, неговиот бес, неговата борба за тебе - далечни ти се и туѓи нешта. Не сфаќаш дека има и такви мажи и жени кои се неспособни да те злоставуваат или експлоатираат и кои сакаат да бидеш слободен, навистина и стварно слободен. Ти не ги сакаш тие луѓе и жени, бидејќи се туѓи за твоето битие. Тие се едноставни и отворени, за нив вистината е она што за тебе е животна тактика. Тие те проѕреле, не со омаловажување, туку со болка поради човечката судбина; свесен си за тоа и насетуваш опасност. Ги признаваш, Мал човеку, само кога многумина други Мали луѓе ќе ти кажат дека Големите луѓе се навистина големи. Се плашиш од Големиот човек, од неговата блискост до животот и од неговата љубов спрема животот. А Големиот човек те сака едноставно, како живо суштество. Не сака да те гледа како страдаш, и тоа со милениуми. Не сака да те слуша како зборуваш глупости, како што зборуваш илјадници години. Не сака да те доживува како стока за влечење, бидејќи тој го сака животот и сака да го доживее ослободен од страдање и срам.

(...)

Сопствената незначителност не ја гледаш додека презриво и од височина велиш „Евреин“. Тоа го открив дури неодамна. Ти го нарекуваш „Евреин“ секој оној што ти влева премногу или премалку респект. И сакаш самоволно, како на Земјата да те пратила некоја повисока сила, да одредуваш кој е „Евреин“. А јас ти го ускратувам тоа право, Мал ариевецу и мал Евреину. Јас сум единствениот на овој свет кој е повикан да одреди кој сум, и никој друг. Јас сум биолошки и културен мелез, и горд сум што сум духовен и телесен резултат на сите класи и нации, и што не сум од чистата раса како тебе, ниту сум од чиста класа, ниту сум шовинист како тебе, мал фашисту од сите нации, раси и класи! Слушнав дека не си сакал да примиш во Палестина еден еврејски техничар, бидејќи не бил обрежан. Затоа со еврејските фашисти немам ништо, баш ништо заедничко. Мене не ме поттикнува никакво чувство спрема еврејскиот јазик, еврејското божество, еврејската култура. Исто толку малку верувам во еврејскиот, како и во христијанскиот или индискиот бог, но сфаќам каде ти го пронаоѓаш својот бог. Не верувам дека еврејскиот народ е „единствениот“ или „избраниот“ народ божји. Верувам дека еврејскиот народ еднаш ќе се загуби сред масата од ѕверови на човечкиот род којшто живее на планетава, и тоа за сопствено добро и за доброто на своите наследници. Ова сега баш и не го слушаш со радост, Мал еврејски човеку, бидејќи толку се држиш до твоето еврејство, затоа што самиот себе и секого којшто ти е близок ги презираш како ЕВРЕИ. Евреите најмногу ги мрази самиот Евреин. Тоа е стара вистина. Но, јас не те презирам и не те мразам. Јас само немам со тебе ништо заедничко, или веќе ништо заедничко, како ни Кинезот со змеј во Америка: освен заедничкото потекло од универзумот. Зошто во минатото се враќаш само до потеклото на своите прадедовци, а не и до протоплазмата, Мал Евреину? За мене животот почнува со контракции на плазмата, а не со улогата на твојот рабинат.

Беа потребни милиони години за од едноќелиски организам да се развиеш во двоножец на земјата. Твојата биолошка промена во цврсто тело траеше само шест илјади години. А ќе поминат сто или петстотини или пет илјади години, додека повторно не ја пронајдеш својата природа во себе самиот, додека повторно во себе не ја откриеш амебата.

(...)

А, пред сѐ, ти и не знаеш ништо, бидејќи што се за тебе вистината, историјата, борбата за твојата слобода. И пак: кој си ти воопшто за да имаш свое мислење...?

Не ни насетуваш дека твојата валкана фантазија и твојата сексуална неодговорност те врзуваат во оковите на сопствените закони за бракот.

Ти реков дека се чувствуваш беден, и ситен, и смрдлив, и душевно растроен, и импотентен, крут, укочен, безживотен и празен. Немаш девојка, а кога ќе ја најдеш, само би ја легнал, за во себе да го потврдиш мажјакот. Ти не знаеш што е љубов. Имаш затвор, земаш лаксативи. Здивот ти е непријатен, кожата леплива од студена пот, не го чувствуваш своето дете што ти е во прегратка и затоа сакаш од него да направиш мало претепано кученце.

Цел живот те мачи сопствената импотенција. Таа се вовлекува во секоја твоја мисла. Ти пречи во професионалната работа. Жена ти избегала бидејќи не си можел да ѝ дадеш љубов. Страдаш од фобии, нервоза, стравот ти се вовлекол под кожа. Не можеш да се ослободиш од мислите за секс. Некој ти зборувал за мојата сексуална економија, која има разбирање за тебе и сака да ти помогне. Таа настојува да те поттикне својата сексуалност да ја изживееш ноќе за преку ден да можеш да работиш ослободен од сексуалните мисли; твојата жена да биде среќна во твојата прегратка, а не очајна; твоите деца да имаат румени образи, а не бледи, и да умеат да сакаат, а не да бидат свирепи. Но, ти велиш: „Сексуалноста не е сѐ во животот. Има уште други важни нешта.” Таков си ти, Мал човеку.

(продолжува)

Илустрации: Вилијам Стајг
Избор и превод: Пандалф Вулкански

Извор: Маргина #41

Слични содржини

Психологија / Историја
Психологија / Теорија / Историја
Психологија / Теорија / Историја
Психологија / Теорија / Историја
Психологија / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото