Слушни, мал човеку! (2)

04.08.2014 10:48
Слушни, мал човеку! (2)

Сосема е сигурно, дека сакаш да постојат „гении“ и подготвен си да им укажуваш чест. Но ти сакаш добри гении, сакаш гениј со мера и угладеност, без лудории - накусо, ПОДОБЕН и ПРИЛАГОДЕН гениј, а не див, нескротлив, што ги руши твоите бариери и лимити. Ти го сакаш ограничениот гениј, со потсечени крила, подобниот гениј, со којшто, без да црвенееш, би можел триумфално да парадираш низ улиците на своите градови.

Таков си ти, Мал човеку. Умееш добро да црпиш и да исцрпиш, алчно да сркаш и прождираш, но не умееш да создаваш. И поради тоа си таков каков што си и таму си каде што си: целиот свој живот во здодевна канцеларија, или крај сметачка машина, или крај масата за цртање, или во брачна лудачка кошула, или учител во училиште којшто ги мрази децата. Немаш способности да се развиваш, ниту постојат шанси да изразиш нова мисла, бидејќи ти само земаш, никогаш не си давал; само си го земал она што друг ти го давал подготвено, на чинија.

Не сфаќаш зашто тоа е така, зашто мора да биде така? Ќе ти кажам, Мал човеку.

Затоа што, кога ти дојде кај мене, те бев запознал како суштество однатре празно, или импотентно, или душевно пореметено. Ти умееш само да прождираш и само да земаш, а не умееш да создаваш и да даваш, бидејќи твојот основен животен став е воздржувањето, позерското однесување и инаетот; те навјасува паничен страв кога во тебе ќе се разбуди праисконскиот нагон за ЉУБОВ и ДАВАЊЕ. Затоа се плашиш од давањето. А твоето земање всушност има само ЕДНА смисла: Постојано мораш да грабаш пари, да се преждеруваш со украдената среќа и со туѓото знаење, бидејќи се чувствуваш празен, незаситен, несреќен, суштество без вистинско знаење и без вистинска желба да дознае нешто. Затоа толку и бегаш од вистината, Мал човеку. Таа во тебе би можела да го предизвика рефлексот на љубов. Таа би можела да ти го покаже она што јас овде не баш најдобро се обидувам да ти го покажам. Но, ти тоа не го сакаш, Мал човеку! Ти само сакаш да бидеш потрошувач и патриот! „Слушнете, слушнете! Тој го негира патриотизмот, бедемот на државата и основните ќелии на семејството! Против тоа мора да се преземе нешто!“

Така викаш ти, Мал човеку, кога ќе те потсетат на твојата душевна опстипација. Не сакаш тоа ни да го слушнеш ни да го знаеш. Радо би викнал „Урааа!“ Мирно ти допуштам да викаш „урааа“, но ти мене не ми допушташ мирно да ти соопштам зошто си неспособен за среќа? Гледам страв во твоите очи, бидејќи прашањево длабоко те погодува. Ти си за „религиозна толеранција“. Сакаш да бидеш слободен да ја сакаш која било од своите религии. Тоа е и добро и убаво. Но ти сакаш повеќе од тоа: сакаш сите да ги изговараат само молитвите на твојата вера. Ја почитуваш својата религија, но не си толерантен спрема другите религии. Беснееш ако некој ја обожува природата, а не некаков личен бог, или ако пак некој сака да ја сфати природата. Ти сакаш брачниот партнер да поведе парница против оној другиот, да го обвини за неморал или бруталност кога тој другиот не може да живее со него. Не го признаваш разводот на бракот врз основа на обострана согласност, ти Мал наследнику на големите бунтовници! Бидејќи се плашиш од сопствената страст! Ја сакаш вистината во огледало таму каде што не можеш да ја дофатиш, а ни таа тебе. Твојот шовинизам потекнува од твојата телесна згрченост, од твојата душевна опстипација, Мал човеку. Не ти го велам ова за да се подбивам со тебе, туку затоа што сум ти пријател, иако ти ги убиваш пријателите кога ти ја кажуваат вистината. Погледни ги малку тие свои патриоти: тие не чекорат, тие маршираат. Тие не ги мразат непријателите, тие имаат проколнати душмани што ги менуваат секои десет години, од исконскиот непријател прават пријател (дури исконски!), а од исконскиот пријател повторно прават проклет душман. Тие не пеат песни, тие марширајќи урлаат химни. Тие не ги прегрнуваат своите девојки, тие ги е... и суредуваат толку и толку за една ноќ. Ништо не можеш да преземеш против мојата вистина, Мал човеку. Само можеш да ме убиеш, како што уби толку други свои вистински пријатели: Исус, Ратенау, Карл Либкнехт, Линколн и многумина други. Тоа некогаш на германски го нарекуваше „соборување“. На крајот тоа тебе те собори. Мал човеку, по милионити пат те собори и те прегази. Но, ти и понатаму остануваш патриот.

Ти копнееш по љубов, ја сакаш својата работа и живееш од неа, а твојата работа зависи од моето знаење и од знаењето на други. Љубовта, работата и знаењето не познаваат татковини, царински граници, не познаваат униформи. Тие се универзални, сечовечки и сеопфатни. Но ти сакаш да бидеш мал патриот, бидејќи се плашиш од вистинската љубов, се плашиш од сопствената одговорност за својата работа и смртно се плашиш од знаењето. Поради тоа умееш само да ја црпиш ги исцрпуваш љубовта, работата и знаењето на другите, но никогаш не можеш самиот да создаваш. Заради тоа ја крадеш својата среќа како крадец во темна ноќ, заради тоа не можеш да ја гледаш среќата на други, без да пожолтееш и да позеленееш од завист.

(...)

Ако ти, Мала жено, по чиста случајност, без онаа особена внатрешна потреба, си станала воспитувачка само затоа што не си имала деца и затоа што на еден голем воспитувач му биле потребни ученици, со тоа си направила голема штета. Ти треба да ги лекуваш или воспитуваш децата. А во воспитувањето, ако го сфатиме сериозно, коректно треба да се грижиме за детската сексуалност. А за коректно да се води грижата за детската сексуалност, самата мораш да ја доживееш љубовта. Но, ти си дебела и изгледаш како буре, несмасна си и неатрактивна. Веќе тоа е доволно длабоко и горко да го мразиш секое милно и живо тело. Не ти префрлам што си дебела и што изгледаш како буре; не ти го префрлам ни тоа што никогаш не си осетила љубов (ниеден здрав маж не сакал да ти ја даде); не ти префрлам што не ја чувствуваш љубовта на децата. Но, тоа што од својот јад, од своето уништено тело како буре, од својата неатрактивност, од својот недостиг на грациозност, од својата неспособност за љубов, правиш доблест и со горка омраза ја гушиш љубовта на децата, работејќи случајно во некое „модерно“ училиште, тоа е твојот злочин, Мала грда жено. Штетноста на твојата егзистенција се гледа во тоа што на здравите татковци им ги отуѓуваш здравите деца, што здравата детска љубов ја сметаш за симптом на болест, што така тркалезна се тркалаш како буре, што мислиш како буре... и воспитуваш како буре, Грда Мала жено! Ти замерувам затоа што скромно не се повлекуваш во скриениот агол на својот живот, туку на тој живот сакаш да му ја наметнеш својата грдотија, својот изглед како буре, својата дволичност, својата горка омраза која се крие под лицемерната насмевка!

(...)

Со полицијата ништо не се постигнува, Мал човеку! Таа може да ги прогонува крадците и да го регулира сообраќајот, но твојата слобода не може да ја освои, ниту да ја заштити. Самиот си ја разурнал својата слобода и ја уништуваш толку постојано и толку темелно што заслужуваш жалење. Пред Првата „светска војна“ не постоеше пасошот во меѓународниот сообраќај. Можеше да патуваш каде што сакаш. Војната за „слобода и мир“ воведе пасошки контроли и тие се вовлекоа насекаде како вошки. Ако во Европа сакаш да отпатуваш 300 километри подалеку од својот праг, мораш да отидеш во десет конзулати на разни земји и да побараш визи. И така траат работите сè до денот денешен, децении по завршувањето на Втората светска војна, која беше водена за да им се стави крај на сите војни! Така ќе остане и по третата и осмата војна што ќе се водат за да се завршат сите војни! „Слушајте го вие него! Слушајте! Тој ја валка мојата подготвеност да војувам за татковината, ја валка честа на мојата татковина, славата на нацијата!“

Замолчи, Мал човеку! Постојат два вида тонови: завивање на луња во висина на бреговите и ветрот од твоите црева! Самиот си свој ветар, а веруваш дека мирисаш како темјанушка. Јас ја лекувам твојата душевна болка, а ти прашуваш дали сум во „Кој е кој“? Владеам со тајната на твојата болест рак, а твојот малецок шеф на медицинска установа ги забранува моите експерименти со глувци. Ги учев твоите лекари да те разберат како медицинари, а твоето лекарско друштво ме пријавува на припадниците да државната безбедност. Ти боледуваш од душевна пореметеност, а тие ти припишуваат терапија со електричен шок онака како што во средниот век те „лекувале“ со змии, ланци и камшици.

(...)

Крај

Кон првиот дел

напишано 1946 година

Илустрации: Вилијам Стајг

Избор и превод: Пандалф Вулкански

Извор: Маргина #41

Слични содржини

Психологија / Историја
Психологија / Теорија / Историја
Психологија / Теорија / Историја
Психологија / Теорија / Историја
Психологија / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото