Неспособност на МВР, мизерија на ФФМ

07.08.2014 15:37
Неспособност на МВР, мизерија на ФФМ

На натпреварот помеѓу Пелистер и Вардар одигран на 3 август (недела) во Битола, се случи еден од најсериозните инциденти на спортските терени што Македонија воопшто ги памети. Исходот е неколку повредени навивачи, од кои најтешко повредениот загуби три прсти од левата дланка. Вистинска среќа е што штетите не беа посериозни.

На МВР му требаше невообичаено долго време да се огласи со соопштение за настанот, и тоа прилично штуро. Во неколкуте редови начкрабани во лабораториите на МВР, се вели дека навивачот ја одзел шок-бомбата од полицаец и ја активирал, при што се повредил себеси и уште неколку навивачи. Нешто подоцна, полицијата на својот објави снимка и неколку фото исечоци од истата како „доказ“ за тврдењето. Што гледаме на снимката (која, патем, е забавена, па и таква не е долга повеќе од 25 секунди): навивач на Вардар ја држи бомбата. Добро утро, МВР! Нè просветливте! Па како може да му биде разнесена дланката, освен ако не ја држел бомбата? Меѓутоа, никаде не се гледа како навивачот одзема бомба од полицаец. Ниту како ја активира. Тогаш, како снимката може да претставува доказ?!

Во меѓувреме, се појави снимка од битолската локална телевизија Тера, мешаницата е снимена од друг агол, па се гледа дека навивачот се наведнува на земја, од каде најверојатно ја подига шок-бомбата. Овој момент магично го нема на снимките на МВР. Како бомбата стигнува до навивачите, не се знае. Не се знае ни зошто полицијата нуди толку кратка снимка од настанот, а секогаш крим-техника постојано го снима однесувањето на навивачите.

Неколку часови подоцна, МВР ја менува приказната: без експлицитно тврдење дека повредениот ја украл бомбата, а со изјава на полицаецот кој бил опремен со неа: не се сеќавал како му ја снемало! Внатрешна контрола го истражила случајот, немало никаков проблем, прекршување на процедурите и слично. Браво „внатрешни“! Сеењето бомби не е проблем!

Во меѓувреме, истрагата треба да утврди како бомбата се активирала, како дошла до навивачите, дали и кој ќе биде казнет за предизвикување општа опасност... Нема доказ ниту за тврдењето на навивачите, дека полицијата ја фрлила бомбата, или пак се подготвувала да ја фрли, а навивачот ја земал за да не биде активирана меѓу групата, но нешто „смрди“ во ретерирањето на МВР и несеќавањето на полицаецот за тоа како му снемало шок-бомба.

Меѓутоа, да се вратиме малку на причината/поводот за судирот на полицијата со навивачите. Откако навивачите на Вардар биле внесени со задоцнување од 40 минути на натпреварот, било побарано од нив да излезат 15 минути порано, за да не се судрат евентуално со противничките навивачи. Па се чудат што наишле на отпор од страна на публиката која имала уредно платени билети за овој и онака мизерен фудбал?! Патем, најголемиот дел од навивачите се излезени кога настанува турканицата и кошкањето со преостанатите триесетина.

Многупати досега на натпреварите на кои биле присутни две навивачки групи, се чекало натпреварот да заврши, да биде испратена гостинската навивачка група, па дури потоа домашните навивачи да бидат пуштени надвор од стадионот. Зошто тоа било проблем овој пат?

Ако експлодирањето на бомбата сè уште претставува мистерија, околу способноста на МВР нема дилеми: македонската полиција покажува дека не е способна мирно да спроведе група од 300 навивачи од точка А до точка Б!

Сега ќе фрчат пријави против навивачи за „напад на службено лице“, иако се гледа дека „службените“ удираат гледачи кои стојат мирно со две кренати раце. Но, тоа за внатрешната контрола не е проблем.

Гротескно и трагикомично е соопштението на Фудбалската федерација на Македонија, која, „не го разбирала ирационалното однесување на поединци на навивачката група на ФК Вардар“. Исто така, ФФМ порачува дека „сите хулигани, вандали, уништувачи на македонскиот фудбал и сите оние кои вистински не го сакаат спортот и фудбалот треба да останат надвор од спортските арени.“ За да биде чудото поголемо, ФФМ ќе покрене дисциплинска постапка против самите клубови Вардар и Пелистер. Ало, без’рбетници! А да се осудевте самите? Како тоа вашиот управен одбор го усвои извештајот на Телото за инфраструктура, а ја игнорираше забраната за играње прволигашки фудбал на битолскиот стадион, кој беше оценет како сосема несоодветен за тоа? Дали одеднаш магично стана безбеден, со супер подлога, безбедни пристапи за домашни и гостински навивачи, нормален пристап за лекарските екипи и возила за прва помош, соодветни врати за поголема група да излезе навремено?!

Не за џабе навивачката група на Пелистер по којзнае кој пат ја истакна паролата „Сакаме стадион во Битола“, потсетувајќи го градоначалникот Владимир Талевски - Двојче на предизборното преродбеничко ветување за модерен стадион од кој нема ништо. Она што го добија во неделата беше руина од трибина, без тоалети, без вода, без дозвола за внесување шишиња со вода (!), на која беа заклучени заедно со останатата битолска публика, која едвај не дехидрираше. А ФФМ ќе ги отстранува оние кои „не се вистински љубители на фудбалот“. (Каде воопшто гледате публика и „љубители на фудбалот“, вие, кои го донесовте фудбалот на ова дереџе, освен на неколку натпревари од овој тип, базирани на старата слава на некогашното ривалство?!)

Дисциплинската постапка против Пелистер е за слаба организација (палење факели на трибините), а против Вардар за насилничко однесување на навивачите. Можеби дел од вината за слабата организација лежи и кај ФК Пелистер. Но, никој не настрада од факелите, ниту од немањето вода и тоалет. Повредени беа навивачи поради несоодветна реакција на МВР, делумно предизвикана и од аминот на ФФМ за битолскиот стадион. (Ако сметале дека не ги задоволува стандардите, дека не може да прими гостински навивачи без да им го ускратува правото нормално да го гледаат натпреварот, тогаш требало да останат на првичната одлука.)

Секако, во режимските пропагандни билтени нема да стане збор за некаква вина на полицијата, ниту пак на ФФМ ќе ѝ падне напамет да преземе одговорност за своето аматерско, несовесно, па и криминално работење. Ќе се зборува за хулиганите кои, замислете, сакале да го догледаат натпреварот и да се поздрават со играчите!

Јасно е дека навивачките групи во многу наврати самите придонесувале да бидат лесна мета за критика, со националистичко и вулгарно навивање, со насилното однесување на поединци и слични испади; но, полицијата никогаш не сносела одговорност за проблемите кои честопати самата ги создавала, како во овој случај.

Најлесно е така: навивачите не уживаат добар углед во јавноста – за што во голема мера и самите се виновни - па не е голем проблем да се удри по нив. И буквално, и медиумски. А припадниците на МВР можат да млатат навивачи со кренати раце кои не пружаат отпор и да сеат бомби без да се сеќаваат како им ги снемало. Секако, во меѓувреме Гордана Јанкуловска ќе се перчи на телевизија, додека нејзините неспособни единици специјално за режимските камери вежбаат справување со толпа и слични опасни операции.

П.С.

Јавна тајна е дека барањето на битолските навивачи за ветениот стадион е трн во окото на власта. Се знае и тоа дека портокаловите властодршци се обидоа да инсталираат свое водство во групата навивачи на Вардар, што помина неуспешно. Да не лежи тука зајакот? Да не е тука причината што групите се третираат како боксерски вреќи од МВР? Или просто е до неспособноста и непрофесионализмот, на кои, ете, некако се навикнавме?

ОкоБоли главаВицФото